Три сценарија за крај на војната

15.07.2022 01:00
Три сценарија за крај на војната

Руската инвазија на Украина на 24 февруари ме затекна на ново работно место среде школска година, а потоа војната ми го узурпираше животот. Поголем дел од денот го поминувам со весници, списанија, блогови и твитер профили на разни воени стручњаци кои војната ги катапултираше од анонимност. Има многу сајтови кои треба да се погледнат, сите тие разнобојни мапи и дневни биланси со нагли пресврти.

Не се жалам, среќник сум. Имам добар безбеден живот и настаните во Украина ги следам од удобноста во станот во Њујорк. За Украинците војната е сè само не тема за проучување: секојдневен, смртоносен факт. Разорени се животите на милиони луѓе кои сè уште престојуваат во зоните на конфликтот или биле принудени на бегство. Како што знаеме добро, многу градови се тешко оштетени или во рушевини од куќи и станбени згради, болници училишта и продавници. На мета се и црквите. Речиси 13 милиони Украинци (вклучувајќи речиси две третини од украинските деца) или се раселени во земјата или се побегнати во разни делови од Европа, главно во Полска. Со други зборови, милиони животи се превртени наопаку, додека враќање кон нешто што барем и наликува на нормалност денес се чини недостижно.

Никој не знае колку цивили се убиени со куршуми, бомби, ракети или артилерија, во воените злосторства кои ги направи руската страна. Како ќе закрепне трауматизираното украинско општество? Што ни носи иднината? Кој знае?

За да ја прекинам секојдневната рутина на следење на оваа продолжена ноќна мора, се обидов да замислам како заправо би можела да заврши оваа војна.

Линијата на фронтот

Лесно е да се заборави колку беше смела (или непромислена) одлуката на рускиот претседател Владиир Путин да ја започне инвазијата на Украина. Најпосле, не сметајќи ја Русија, Украина е најголемата европска земја според површина и шеста според бројот на жители. Навистина, Путин веќе повлекуваше агресивни потези, но во далеку поскромни и попретпазливи размери, кога го анектираше Крим и ги поддржа двете отцепени енклави во делови на Донбас на истокот од Украина, индустриските области Луганск и Доњецк богати со ресурси покрај границата со Русија. Ни интервенцијата на Путин во Сирија 2015 година која ја покрена за да ја спаси владата на Башар ал Асад не беше брзоплета. Не испрати копнени трупи, туку исклучиво се служеше со воздушни напади за да го избегне авганистанското фијаско.

Меѓутоа, инвазијата на Украина беше крајно непромислен чин. Русија започна војна со навидум огромна предност според секое замисливо мерило - од бруто домашниот производ до количината воени авиони, тенкови, артилерија, воени бродови и проектили. Путин со право очекуваше дека неговите трупи за неколку недели ќе го заземат Киев. Не беше осамен во таа проценка. Западните воени експерти беа уверени дека војската на Путин брзо ќе ја совлада украинската, иако од 2015 година Украина добиваше помош во воена обука и вооружување од САД, Британија и Канада.

Па сепак, кампањата за освојување на клучните градови како Киев, Чернихов, Суми и Харков доживеа катастрофална пропаст. Моралот на Украинците остана висок, како и нивната воена тактика. До крајот на март Русија изгуби тенкови и авиони во вредност од околу 5 милијарди долари, како и четвртина од трупите кои ги испрати на фронтот. Рускиот воен систем за снабдување, било за поправка на опрема или испорака на храна, вода и медицински залихи на фронтот - се покажа како шокантно лош.

Меѓутоа, подоцна руските сили остварија значајни победи на југот и југоистокот: заземаа дел од брегот на Црното море, провинцијата Херсон (северно од Крим), поголем дел од Донбас на истокот и покраината Запорожје на југоистокот. Исто така, за првпат од 2014 година Крим е поврзан со Русија со копнен коридор.

Сепак, пропаднатата кампања на северот и серијата неуспеси на војската во која се вложени огромни суми пари и која наводно помина низ општа модернизација и реформа, беа вчудоневидувачки. Во САД, храбриот украински отпор и успесите на бојното поле набрзо создадоа изразено оптимистичен наратив за праведниот Давид кој ги брани правилата и нормите на меѓународниот поредок од Голијат на Путин.

Меѓутоа, нештата почнаа да се менуваат во мај. Русија се фокусираше на заземање на Донбас. Малку по малку, почна да доаѓа до израз предноста на Русија - пократки линии за снабдување, терен поповолен за оклопни возила и надмоќ во вооружувањето, особено во артилеријата. Во Донбас, каде гратчињата како Северодоњецк, Лисичанск, Лиман и Попасна одеднаш дојдоа до насловните страни, руските трупи полека ги опколуваа украинските, и тоа искалените во борбата и најдобро обучените.

Сега, на работ на... па, којзнае што, еве три можни сценарија за завршување на оваа сè поразорна војна.

1. Де факто поделба на земјата

Ако - и секако, ако настаните повторно не тргнат според непредвиден тек - силите на Путин не го заземат целиот регион на Донбас, плус целиот брег на Црното море, тој би можел да прогласи успех на својата „специјална воена операција“, да објави примирје, да им нареди на своите команданти да ги утврдат и бранат новите области кои ќе ги заземат и да ѝ постави предизвик на Украина дали да ги протера руските трупи или да се согласи на фактичка поделба на земјата.

Секој украински обид да ја поврати загубената земја, Путин би можел да го спречи со воздушни и ракетни удари. Тоа само би ја отежнало и онака страшната економска криза која веќе ѝ се случи на Украина, не само заради оштетената или уништена инфраструктура и индустрија, месечен буџетски минус од 5 милијарди долари и очекуван пад на БДП од 45 проценти оваа година - туку и заради милијардите долари изгубени приходи заради отсечениот главен извозен канал преку Црното море кој го контролира Русија. Априлската проценка на трошоците за обнова на Украина се движеше од 500 милијарди до билион долари, што многу ја надминува можноста на Киев.

Од друга страна, ако Украина ја прифати поделбата, претседателот Володимир Зеленски би можел да се соочи со жесток отпор одвнатре. Можеби нема да има голем избор, зашто заради продолжените борби неговата земја би била под неподнослив економски и воен притисок.

Поддршката од западот исто така може да се исцрпи со војната. Дури и почнуваат да се чувствуваат економските последици од војната и санкциите наметнати на Русија, што е проблем кој само ќе расте. Иако санкциите влијаат на Русија, исто така тие придонесоа за ненадеен пораст на цените на енергенсите и храната на запад (додека Путин профитира со продажбата на нафта, гас и јаглен по повисоки цени). Стапката на инфлација во САД од 8,6 проценти во мај, е најголема во последниве 40 години, додека Конгресната канцеларија за буџет ги ревидираше проценките за економскиот раст од 3,1 процент за оваа година, на 2,2 проценти за 2023 и 1,5 проценти за 2024 година. Сето тоа се случува пред изборите на половина мандат на оваа администрација, додека рејтингот на претседателот Бајден, кој сега изнесува 39,7 проценти, сè уште паѓа.

Европа исто така е во економски проблеми. Инфлацијата во еврозоната во мај изнесуваше 8,1 процент, што е рекорд од 1997 година, додека цените на енергенсите експлодираа. За само неколку денови од почетокот на руската инвазија, европските цени на природниот гас скокнаа за речиси 70 проценти, додека нафтата достигна цена од 105 долари за барел, што е осумгодишен максимум. Кризата само се продлабочува. Инфлацијата во Британија од 8,2 проценти е најголема од 1982 година, додека цените на бензините на 8 јуни достигнаа највисоко ниво за последните 17 години. Организацијата за економска соработка и развој очекува пад на француската, германската и италијанската економија (трите најголеми во Европа) до крајот на оваа година, при што само Франција забележа анемичен раст од 0,2 проценти во четвртиот квартал. Никој со сигурност не може да знае дали Европа и САД се на пат кон рецесија, иако многу економисти и бизнисмени проценуваат дека тоа е веројатно.

Таквите економски прилики, со падот на почетното воодушевување од импресивните успеси на Украина на бојното поле, на запад би можеле да создадат „замор од Украина“. Војната веќе го губи значењето на насловните страни. Во меѓувреме, најголемите поддржувачи на Украина, вклучувајќи ја администрацијата на Бајден, наскоро би можеле да испраќаат милијарди долари во економска и воена помош.

Комбинацијата од замор од војната и руските воени успеси, без разлика колку болно и брутално остварени, можеби е токму она на што смета Путин. Западната коалиција од над 30 држаци секако има значајна тежина, но Путин е доволно искусен да знае дека предноста на Русија на бојното поле би можела да го оптовари единството на САД и сојузниците. За преговори со Путин се размислува во Франција, Италија и Германија. Западот нема да ја прекине економската и воената помош за Украина но, како што одминува времето, ќе биде сè потешко да се потпира на таа поддршка, и покрај вербалните уверувања за солидарноста со неа.

Сето тоа би можело да го подготви теренот за сценарио за фактичка поделба на Украина.

2. Неутралност, но подобра

Пред војната, Путин бараше Украина да биде неутрална и да се откаже од сите воени сојузи. Нема шанса, возвратија и Украина и НАТО. Одлуката на алијансата на самитот во Букурешт 2008 година да ја отвори вратата за Украина (и Грузија) беше неотповиклива. Еден месец по почетокот на руската инвазија, Зеленски понуди неутралност, но тогаш беше предоцна. Путин веќе одлучи дека своите цели ќе ги оствари на бојното поле и беше уверен дека ќе успее.

Меѓутоа, борбите траат повеќе од три месеци. Двете земји претрпеа големи загуби и знаат дека војната би можела да продолжи со незамислива цена, а ни едната ни другата да не ја постигнат својата цел. Рускиот претседател навистина презема контрола над делови од украинската територија, но веројатно се надева дека ќе пронајде некој начин за да ги ублажи санкциите на западот и да избегне целосна зависност од Кина.

Таквите околности би можеле да ја вратат опцијата за неутралност во преговорите. Русија би го задржала својот коридор до Крим, дури и со некои отстапки за Украина. Би добила гаранција дека водените канали кои течат кон југот до тој полуостров од градот Херсон, кој би бил вратен под украинска контрола, веќе нема да бидат блокирани. Русија не би ги анектирала „републиките“ кои ги направи во Донбас во 2014 година и би се повлекла од териториите кои ги окупираше во меѓувреме. На Украина би ѝ била оставена слободата да добива оружје и воена обука од која било земја, но нејзината територија би била затворена за странски трупи и бази.

Ова решение би барало големи откажувања од Украина, заради што неопходна состојка на секој договор би била кандидатура за членство во Европската унија и, што е уште поважно, забрзан пат кон полноправно членство, една од клучните тенденции на земјата, како и значајна долгорочна помош од западот за економска обнова. Забрзувањето на членството би било оптоварување за ЕУ, а пакетот помош за обнова би ги чинел Европејците и Американците, па затоа тие треба да одлучат колку се подготвени да понудат за прекинување на најголемиот европски конфликт од Втората светска војна наваму.

3. Нова Русија

Откако почна војната коментаторите и западните лидери, вклучувајќи го претседателот Бајден, зборуваат дека инвазијата би требало да предизвика, ако не „промена на режимот“ во Русија, тогаш барем заминување на Путин од власт. Многумина предвидуваат дека инвазијата навистина ќе се покаже како кобна грешка на рускиот претседател. Меѓутоа, нема докази дека војната ги заврте руските политички и воени елити против Путин, ниту има знаци за масовно незадоволство кое би можело да го загрози поредокот.

Сепак, да претпоставиме за момент Путин навистина да си замине од власт, доброволно или не. Една од можностите е да го замени некој од неговиот најтесен круг, кој би се согласил на значајни отстапки за да ја прекине војната, можеби дури и да се врати на статус кво-то од пред инвазијата. Но зошто тој (тоа сигурно ќе биде маж) би го направил тоа ако Русија контролира големи делови од Украина? Најпосле, новиот руски лидер би можел да се согласи на договор, под услов да се укинат санкциите, но претспоставката дека заминувањето на Путин е магично решение, не е реалистична.

Втора можност: после долготрајни демонстрации, Русија одеднаш станува демократска држава. Подобро би ни било да се надеваме дека тоа ќе се случи без крвопролевање зашто Русија има речиси 6 000 нуклеарни боеви глави, има копнени граници со 14 држави, а поморски со уште три. Исто така е најголема земја во светот, со над 17 милиони квадратни километри (44 проценти повеќе од второпласираната Канада).

Значи, ако се обложувате на Русија во блиска иднина, подобро е да се надевате дека трансформацијата ќе се одигра по мирен пат. Преврат во огромна земја со нуклеарно оружје би бил еднаков на катаклизма. Дури и ако преминот кон демократија не е хаотичен и насилен, првата задача на таквата влада секако нема да биде повлекување од сите окупирани територии. Додуша, за демократската власт е многу поверојатно дека ќе се откаже од своите територијални освојувања после инвазијата, иако можеби не и од Крим кој има мнозинско руско население и кој во времето на Советскиот сојуз беше дел од руската република сè до 1954 година кога со декрет ѝ беше предаден на украинската.

Војната мора да запре

Страдањето и разорувањето во Украина, како и економските превирања кои ги предизвика војната на западот, би требало да бидат доволно убедливи причини војната да заврши што побрзо. Истото важи и за последиците од војната во некои од најсиромашните земји во светот како Кенија, Етиопија, Сомалија и Јемен. Со разорните суши и локалните конфликти, војната во Украина доведе до вчудоневидувачки раст на цените на основните животни намирници (со оглед на тоа дека и украинските и руските житарки, во оваа или онаа мера, се блокирани на пазарот). Повеќе од 27 милиони луѓе веќе се соочуваат со акутен недостаток на храна или глад само во овие четири земји, барем делумно благодарение на конфликтот во Украина.

Да, ова е најголемата војна во Европа, но не се однесува само на Европејците. Нејзините болни последици се протегнуваат на луѓето во оддалечените земји кои веќе едвај преживуваат, а не можат да влијаат на нејзиното завршување. Изгледа дека никој не мисли на нив. Денес, кога многу нешта тргнаа во погрешна насока, голема војна е последното нешто што ѝ е потребно на планетава.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Vadim Ghirda

Извор: https://tomdispatch.com/

ОкоБоли главаВицФото