Зоолошката со години функционирала како нелегална кланица на животни

15.07.2022 16:51
Во кланицата во зоолошката градина со години се убивале животни

 

Зоолошката градина во Скопје, по објавата дека во магацинскиот простор кој се наоѓа во непосредна близина на живеалиштето на тигрите, се заклани најмалку 12 коњи и мазга за со нив да се нахранат другите месојадни животни предизвика револт кај граѓаните. 

Поранешен волонтер во скопската Зоолошка со редакцијата на „Слободен печат“ сподели сознанија и лично искуство од работењето таму пред три години.

Тој посочи дека наводно во магацинскиот дел од ЗОО градината и во периодот додека тој волонтирал таму, се убивале животни, претежно овци и кози, жители од Зоолошката, кога ќе снемало храна за дивите месојадни животни.

„Ги убиваа со пиштол или со нож овците и козите кои исто така живеат таму. Бев сведок случајно и таа ужасна слика се' уште ми е пред очи и кога ги видов фотографиите од колењето на коњите се потсетив на грозоморната глетка која сакав да ја заборавам откако излегов од таму. Потресен од тоа што го видов тогаш, разговарав со другите вработени, и ми изгледаше дека сите знаат што се случува таму, но молчат, исплашени за своите работни места, што е разбирливо во денешно време. За мене тоа е крајно нечовечно, нехумано однесување кое не прилега на Зоолошка која претендира да стане член од ЕАЗА (Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми)“, вели анонимниот соговорник.

Според него, кога пред неколку години во Зоолошката ненадејно почина млада жирафа, таа исто така била искасапена и била дадена како храна на другите животни иако имало негодување кај дел од вработените поради нејасната причина за угинувањето на жирафата и поради нехуманиот третман кон животното. Ова животно беше своевидна атракција зошто децении наназад Зоолошката градина беше во криза, без разновиден животински свет и со распаднати и напуштени живеалишта.

„Верувајте ми, во Зоолошката градина работат прекрасни луѓе кои се грижат за животните со многу љубов и трпение, вистински професионалци кои си ја сакаат оваа професија, но станува збор за неколкумина, меѓу кои има и шеф кој е 'главен' во целата ваква операција со кланицата, кој останува да раководи без разлика кој е директор на Зоолошката со вака, несвојствен и нехуман начин за прехрана на животинскиот свет во Зоолошката. Само се надевам дека е меѓу приведените, зошто го сметам директно одговорен за 'работата' на кланицата во рамки на Зоолошката. Колку директорите биле запознаени со оваа работа, не можам да знам и да тврдам, но тој шеф, останува на истата позиција, кој и да бил директор. Не можам да оправдам ваков нехуман и нехигиенски чин што редовно се случуваше во Зоолошката, зошто раководството е должно да обезбеди храна за сите животински видови, по определени законски процедури за тоа, кои очигледно не се почитувале секогаш, а дури сега конечно излезе на виделина“, вели анонимниот извор.

Тој додаде дека има сознанија дека во Зоолошката зад кулисите се случуваат и други сомнителни нешта, се продаваат кожи од починатите егзотични животни, како на пример од лавот откако почина, а меѓу случаите за кои јавноста никогаш не дозна беше и бегањето на слоницата Дуња, надвор од живеалиштето на слоновите, кога во краток период снемало струја, па таа ја прескокнала заштитната ограда и се нашла надвор од ѕидините на скопската зоолошка градина. Кратко потоа успеале вработените да ја вратат назад.

„Сакам граѓаните да знаат што точно се случува во Зоолошката. Да се подигне јавната свест и да реагираат надлежните институции. Постоење на кланица каде на самото место се убиваат животните, е несвојствено на една Зоолошка градина, која меѓу другото треба да има едукативен карактер и на која најмногу и се радуваат децата. Кланицата никогаш досега ниеден инспектор ја немаше погледнато, ниту пак хигиенските услови за постоење на еден таков процес, ниту пак фрижидерот или ладилната комора во која се чува месото“, вели анонимниот извор.

Тој напомена и нешто од неговата работа во Скопје ЗОО.

„Животните кои ќе починат нема место каде да се закопаат. Еднаш работејќи низ градината, носев сено кон депонијата каде се остава изметот кој се собира од животните и таму видов парчиња мрша од угинати животни. Ужасно е, но тоа редовно го правеа, па се ширеше неподнослива реа низ целата Зоолошка, и ништо не се направи да се промени таа практика“ вели тој.

Што открија инспекторите

Вчера инспекторите на АХВ заедно со полицијата влегоа во Зоолошката градина и на дело фатија четворица вработени заедно со надворешно лице како колат коњи кои биле оставени во зоолошката на чување од страна на економијата на Затворот Идризово.

„Во објектот кланица со комора во Зоолошката градина, кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, заклани се десет копитари, без соодветна документација, односно со непознат здравствен статус, неидентификувани и нерегистрирани и без соодветен документ за движење, иако истите на зоолошката градина и се отстапени на чување во соодветни услови од страна на Управата за извршување на санкции при КПУ- КПД Идризово“, соопштија денеска од АХВ.

Во депото, биле затекнати и две живи животни, а во фрижидерите во склоп на кланичниот објект најдени се мрши од закланите животни во вкупна количина од 1.286 килограми и 100 замрзнати пилиња.

„Бидејќи месото од закланите копитари потекнува од неидентификувани и нерегистрирани животни со непознат здравствен статус кои се заклани во неодобрен објект, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде Решение и нареди нештетно уништување на небезбедното месо на депонијата Дрисла“, информираат од АХВ.

Инаку, вчера во 18 часот, полицијата приведе пет лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.

При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина.

Лицата се приведени во полициска станица, каде дополнително бил повикан и К.С.(35), директор на Зоолошката градина, со кого бил извршен службен разговор. На лице место излегле и инспектори од Агенцијата за храна и ветерина, кои констатирале неправилности во постапката и го одзеле месото. Од страна на СВР Скопје против сите шест лица ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје, соопштија од МВР.

За сторените прекршоци, против Зоолошката градина на Град Скопје и одговорното лице, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече соодветни казни согласно Законот за ветеринарно јавно здравство, Законот за безбедност на храна, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за идентификација и регистрација на животните.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска експресно го разреши директорот Христијан Стаменов против кого полицијата поднесе кривична пријава за колењето животни во Зоолошката.

Директорот се брани – „не сум убиец“

„Во Зоолошката градина работам повеќе од 12 години како самостоен зоо негувател, остро ги демантирам наводите во јавноста дека сум некаков 'убиец' на животни како и лажните информации за наводните мои изјави“, потенцира в.д. директорот Христијан Стаменов во објава на Фејсбук.

Тој објаснува дека коњите се отстапени од страна на Агенцијата за одземен имот поради немање соодветни услови за чување на истите и вели дека согласно важечките одлуки на ова градско претпријатие и досега се вршело „економско искористување“ на животните кои се пред умирање.

„Наспроти сите јавни пишувања на поединци морам да истакнам дека ова не е прв случај - вакви случаи во минатото се бројни, лично сум учествувал како зоо-негувател во ваква постапка и во времето на претходниот директор на Зоолошката градина. Крајно лицемерна е осудата кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни, пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите“, напиша Стаменов.

Тој вели дека 12 години како зоо-негувател посветил за грижа за животните и никогаш немал намера да убива и мачи изнемоштени животни.

„Од самиот почеток на моето назначување за в.д директор на зоолошката градина бев мета на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции за кои дел од нив бевте сведоци самите вели тој и додава дека фамата која се крена околу овој случај ја оценува како злоупотреба на постапката за хуман третман која ја спроведува со години истава институција, а вклучително и секој директор на истата.“

„Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите, и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни“, заклучува Стаменов во својата фејсбук објава.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото