Визура #0: Битола, збогум!

16.07.2022 16:33
Визура # 0   Битола, збогум!

Оваа визура без број е дел од четиресеттината објавени текстови во Фејсбук групата Визурите на Битола-поглед наназад

Имам уште многу визури да додавам во оваа група со оглед на тоа што бројот на уметниците и делата што се создаваа во градов беше огромен, но неколку последователни настани последниве месеци ме натераа да прекинам. За некој месец ќе се навршат триесет години откако како група Елементи почнавме да создаваме уметност, со голема желба да придонесеме во менување на насоката на разбирањето на уметноста во овој град, а потоа се приклучивме и станавме дел од меѓународни настани. За цело тоа време ја водевме битката со која докажувавме дека сложувањето на убави зборови и убави слики не секогаш е уметност.

Како може уметноста да ги покрене луѓето доколку и неа самата не ја покренува судбината на луѓето во светот?

Имаше период, некаде од самите почетоци на нашето дејствување, од 1992 до 2006 година кога се чинеше дека нашите настапи во јавната сфера како простор во кој може да се дејствува субверзивно, имаа некаква смисла дури и во еден град од типот на Битола за кој верувавме дека ќе почне да се развива во една сосем поинаква насока, далеку од нејзиното самозадоволно и тромаво опстојување, па така нашиот напад врз конвенционалната средина скоро никогаш не беше јавно нападнат. Она што ние како уметничка група сакавме да го покажеме е дека за да се улови едноставната и длабока вистина ослободена од површински сјај, потребно е да се влијае врз општествената стварност.

Нашите животи денес зависат од интернационалните корпорации. Преку комерцијата и конзумеризмот, за нашите животи се одлучува со борбата помеѓу различни видови на моќ, и покрај тоа што изгледа дека живееме слободно. Ова е време на глобален економски поредок чија цел е претворање на сè во стока за продажба, па дури и на човечкиот живот. Но, прифаќањето на тоа на начин на кој тоа го прави една провинција во сферата на уметноста е погубно за самите жители. Тоа не остава простор за создавање капацитети на отпор и за навестување на слободата. Напротив, го бетонира разбирањето за тоа дека современата уметност е нешто што треба да го гледаме само како актуелност или уште полошо, како докажана реалност преку масовно прифатени дела.

Современата уметност не е актуелност сама по себе, а најмалку што треба да задоволи (во смисла на задоволување на основните перцепции) е публиката. На современата уметност не ѝ се ракоплеска, таа не постои (само) за да се купи, и во услови во кои живееме денес, таа е ништо доколку нема разурнувачка сила. Современата уметност која главно подразбира дела создадени од уметници кои се живи, е рефлексија на нашиот постојано променлив свет. Во своите дела современите уметници главно го истражуваат личниот или културниот идентитет, нудат критика на социјалните и институционалните структури или дури се обидуваат да ја редефинираат самата уметност.

Кога го имаме ова во предвид, заедно со фактот дека во Битола неколку дена престојуваше еден од најзначајните претставници на современата уметност во светот, Улај, а градот остана нем на неговото присуство, дали не треба да се запрашаме, што е тоа што во последно време ни се наметнува во градов? Дали е тоа презентација на уметнички вообличена самодоверба, што некогаш се чини и дека е вистина, бидејќи во некои дела навистина и има смел избор на теми или комбинации на бои, или пак дела што откриваат голем немир или загриженост, па така се чини дека се дел од современата уметност која суштински се занимава со човекот и неговата положба во светот, или се само обид да се редефинира она што уметноста претставува денес, но на еден инверзен и ретро (во негативна смисла) начин? Дали изложбите на современа уметност во Битола имаат чувство за визија, внимателно поставени критериуми кои се базираат на истражување, независност на индивудуалната мисла во културниот и во институционалниот сектор, искористеност на креативниот потенцијал и желба за иновативни креации и за градење на независна мисла?

НЕ, немаат!

Со години групата Елементи создаваше исклучително значајни дела...иако ова може да звучи нескромно затоа што ова го пишувам јас, но имаме потврди за тоа преку реализирање на наши идеи и дела во неколку галерии и јавни простори во земјава и надвор од неа, вклучувајќи ја тука и нашата суштинска комуникација со уметници од кои некои се и дел од светската современа ликовна сцена.

Но, и покрај овие наши настојувања, и покрај присуството и дејствувањето на голем број уметници, реални претставници на современата уметничка сцена, во согласност со новите глобални случувања во културата, а на кои се подложни и помалите места, но на еден многу недоветен начин, се случува една инверзија во однос на критериумите и разбирањето за тоа што е современа уметност, која се разбира како промоција на талентирани, а не како дела што не базираат на економска вредност, туку на сопствени вредности што се противат на конвенционалните норми и кои нудат дела во кои рекламната насилна информација нема да ги голта сопствените содржини. Оттука, фактот што уметници и организатори на настани на современа ликовна уметност што се случуваа изминативе декади (тука покрај Елементи ги вклучувам и членовите на Акто-Филип Јовановски и Ивана Васева, како и неколку имиња на уметници од Битола кои нема да ги наведам по име од причина што не сум истражувала посериозно околу ова и не би сакала некого да изоставам, па да ја направам истата катастрофална грешка како кога се поставува изложба на современата уметност во Битола) се бришат, веројатно намерно, а се дел од најснажните претставници на овој дел од ликовната сцена во Битола, ако воопшто може да ја наречеме сцена.

И затоа, Битола, збогум...остануваме со тебе, но во паралелен свет. Невоможно е да комуницираме со тебе повеќе на овој начин.

Со љубов,

Елементи


Фотографија: перформанс на Rob Andrews: Bitola clean (снимена во ходникот на Безистенот во Битола)

ОкоБоли главаВицФото