Страшни зборови и постапки во македонскиот Парламент

19.07.2022 12:29
Страшни зборови и постапки во македонскиот Парламент

Зборот

Чувај го зборот добро врзан
Како необучен коњ
Што знае да каса, да клоца, да мава
Чувај го!
Зашто
Ако го пуштиш така
Разоглавен по чаирите,
Којзнае која луда глава/ќе посака
да го јава

(Блаже Конески)


Во Југославија слободата на говор беше ограничена. Постоеше член во Кривичниот законик наречен вербален деликт според кој зад решетки одеа сите кои ќе навредат некого на национална основа, на пример. Слободата го однесе и тој член. На почетокот на деведесеттите бевме слободни да кажеме што сакаме без било какви ограничувања. Не знаејќи поинаку, почнавме да се обвинуваме и да се навредуваме.

Всушност, војните во Југославија почнаа со зборови: неумерени, навредливи зборови кои од устите на политичарите се пренесоа на фудбалските стадиони, па на улиците. На бојното поле зборовите беа заменети со куршуми и бомби со кои едни народи тргнаа во бој до истебување на други. Се сеќавам како безумната омраза кон другите беше илустрирана со шокантна сцена на телевизијата од дузина убиени бебиња од некое породилиште, сите од иста националност. Другото е историја.

Демократијата, во својата најдлабока суштина е состојба на умот. Па така, со демократијата во Југославија завладеа нетолерантната и агресивна, националистичка состојба на умот. Ричард Холбрук со запрепастување заклучува дека токму демократијата, на која толку инсистираа западните земји, даде легитимитет на национализмот, фашизмот и екстремизмот од сите политичпки бои. Слика и прилика на нашите балкански умови. Со заминувањето на еднопартиската власт која со драконски казни ја бранеше својата власт но и пристојноста, ние народите на Југославија, можевме конечно да бидеме она што всушност сме.

Триесет години подоцна разбираме колку тешко се менува состојбата на умот. Местото во кое се формулира државната политика е Парламентот во кој се отсликува тој ум. Оваа институција ја изразува волјата на граѓаните, а одлуките се носат со мнозинство гласови. Во таа дебата се очекува пристојност и пратениците да се сослушаат, без оглед на исходот од гласањето кое ја изразува вљата на мнозинството граѓани. Во обидот да покрене силен националистички бран од емоции во јавноста, кој би ја катапултирал на власт, опозицијата го претвори парламентот во фудбалски стадион, токму како југословенските пред почетокот на војните.

Се извикуваа и истите пароли. Омилениот збор и тогаш беше: предавници. Страшни зборови беа кажани во македонскиот Парламент некни и вчера.

Ќе скапеш во затвор, ќе скапеш во затвор, се извикува пратеник кон премиерот само затоа што има поинаков став за францускиот предлог од неговиот.

Национализмот не трпи поинакви ставови. Кој не е со нас е предавник и се осудува на скапување во затвор.

Друг пратеник, кој постојано нешто довикува и се кара, дрско трга кон говорницата додека зборува гостинката од Брисел, Фон дер Лејен. За момент таа замолчува и храбро стои во место да види што тој и спрема. Шамар? Бокс? Куршум? За среќа тој се определува за испишана парола со која демонстрира на улица. Храбрата жена мирно ја положува паролата пред микрофонот и продолжува да ни се обраќа со умерени и цивилизирани зборови на пријателство и разбирање. Само нејзината храброст ја спасува државата од меѓународен скандал. Што ако, поттикната од базичниот инстинкт за самоодржување, гостинката почнеше да бега? Што ако пратеникот настрадаше од обезбедувањето? Не, ние не бараме дозвола да се приближиме некому или дури и за врат да го фатиме во текот на дебатата. Ние сме слободни да правиме што сакаме и да навредиме кого сакаме.

Но, капката која ја прелеа чашата на непристојност, агресија и нетолеранција беше говорот на пратеничка која ја нарече гостинката нацистка која, како Хитлер во 1933 кон Евреите, дошла во Македонија да ги стерилизира Македонците. Зборовите беа упатени кон Германка чија земја е светилник на демократијата во Европа и во светот денес. Кон Германија, чиј цивилизиран народ секојдневно нѐ учи како треба да се справуваме со темните страни на сопственото минато.

Со многу лични жртви, странска поддршка и малку среќа, македонската држава ги избегна националистичките стапици во изминативе триесет години: на почетокот од нашата независност, во 2001, со Преспанскиот договор и со Договорот за пријателство. Со францускиот предлог, во тек е уште еден обид да нѐ спасат. Од нас самите. Само, овој пат, мислам, го претеравме.

На фотографиите се гоблени на Peter Frederiksen инспирирани од цртани филмови.

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото