Нееднакво закрепнување

20.07.2022 02:23
Нееднакво закрепнување

Според многу показатели европската економија закрепна после локдаунот: производството во некои сектори го надмина нивото од пред избивањето на пандемијата, а и невработеноста се врати на нивото од пред кризата. Меѓутоа, пандемијата ги продлабочи нееднаквоста и сиромаштијата помеѓу некои членки на ЕУ, но и во нив, односно помеѓу одредени категории од населението.

Како резултат на мерките за спречување на ширење на вирусот, економската активност во секторите индустрија, градежништво, услуги и трговија во ЕУ доживеа огромен пад, што беше најизразено во март и април 2020 година, за годинава сосема да закрепне или дури да го надмине нивото од пред пандемијата (февруари 2020 година). Во индустријата индексот на производството беше на 105,5 поени во февруари 2020 година, за во април истата година да падне за 26,8 проценти, а оттогаш се врати на нивото од пред пандемијата, надминувајќи го благо (+1,9 проценти) во април 2022 година. Производството во секторот градежништво е намалено за 25 проценти од февруари до април 2020 година. Во март 2021 година е достигнато нивото од пред пандемијата, а новите бројки за април 2022 година покажуваат зголемување од 1,8 проценти во споредба со состојбата од пред пандемијата. Слична е ситуацијата и во услужниот сектор и трговијата - помеѓу февруари и април производството опаднало за 16-20 проценти, за на почетокот од 2022 година да закрепне и да го надмине нивото од пред избивањето на пандемијата (во случајот со услужниот сектор, за дури 7,8 проценти).

Во овој период нивото на невработеност има слична насока, но со помалку интензивни промени благодарение на мерките за зачувување на работните места кои ги ублажија негативните последици од пандемијата. Невработеноста во ЕУ во мај 2021 година се зголеми на 7,3 проценти, додека истиот месец претходната предпандемска година изнесуваше 6,7 проценти, а според последните податоци за мај 2022 година, невработеноста во ЕУ изнесува 6,1 процент. Меѓутоа, некои категории работници/чки несразмерно потешко беа погодени од невработеноста заради пандемијата, првенствено работниците кои работат со привремени договори за работа или во други нестандардни форми на работа кои не се заштитени со мерките за зачувување на работните места. Од таа причина од последиците на локдаунот најмногу настрадаа младите и имигрантските работници кои во најголем број се вработени со ваков вид договори. Во април 2021 година, 2,939 милиони млади во ЕУ на возраст до 25 години беа невработени, а стапката на невработеност кај оваа категорија изнесуваше 17,1 процент, додека во мај годинава се спушти на 13,3 проценти. Во мај 2021 година Хрватска беше шеста држава во ЕУ со најголема стапка на невработеност кај младите, 22,3 проценти. До март годинава невработеноста на младите во Хрватска се намали на (сè уште високи) 16 проценти.

Бидејќи мерките за зачувување на работните места во голема мера успеаја да спречат масовна невработеност, увид во економските учиноци на пандемијата дадоа податоците за зголемување на бројот на економски неактивното население. Бројот неактивни на возраст од 25 до 54 години (категорија во која главно се наоѓаат лица кои излегле од образовниот систем и лица кои не се во пензија) во ЕУ се зголеми по избивањето на пандемијата и во 2020 година достигна дури 15,5 проценти. Родовите разлики се мошне изразени, па така според последните податоци дури 19,4 проценти од жените и 9,1 процент од мажите во оваа возрасна група, кон крајот на 2021 година биле неактивни, при што кај жените грижата за децата и постарите многу почесто е причина за неактивност отколку кај мажите. Иако процентот на економски неактивните, како и процентот на невработените, приближно се врати на нивото од пред пандемијата, некои истражувања покажуваат дека дури и привремената активност ги намалува приходите и можноста за подоцнежно вработување неколку години подоцна, па проценката за влијанието на пандемската неактивност треба да се причека.

Пандемските години исто така ги зголемија сиромаштијата и социјалната исклученост, па така 21,8 проценти од возрасните и 24,4 проценти од децата во 2020 година живееле под границата на сиромаштија, а зголемен е и бројот на луѓе кои не можат никаде да отпатуваат на годишен одмор, не можат да си дозволат греење во зимските месеци или квалитетна исхрана. Засега понови податоци за споредба не се достапни, но Евростат започна квартално собирање податоци за влијанието на пандемијата на животниот стандард во кое засега учествуваа седум држави членки (Бугарија, Финска, Австрија, Словенија, Ирска, Франција, Белгија).

Резултатите, кои ги прикажуваат податоците за последниот квартал од 2021 година, упатуваат на мошне нееднаков образец на закрепнување од кризата: додека, на пример, во Австрија 33 проценти од наелението последниве 12 месеци изгубиле дел од приходите, во Бугарија тој процент е многу понизок (9,8 проценти), но Бугарија исто така има и највисок процент на луѓе кои тешко врзуваат крај со крај (37 проценти). Во повеќето земји кои учествуваа во истражувањето на процентот на население со зголемени приходи бил поголем од процентот на население со намалени приходи, но ситуацијата е спротивна во Австрија и Словенија: во Австрија 35,5 проценти, а во Словенија 16,8 проценти од испитаниците пријавиле намалување на приходите, додека 16,6 проценти односно 15,4 проценти пријавиле зголемување.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/