Клиниката „Д-р Жан Митрев“ е вашиот идентитет!

20.07.2022 15:55
Клиниката „Д-р Жан Митрев“ е вашиот идентитет!


Навистина го разбирам и сочувствувам со гневот и со бесот на македонските граѓани, пред сè на засегнатите етнички Македонци, истурен по скопските улици овие две седмици по одлуката на Европската Унија да ги вметне во европреговарачката рамка со Македонија сите неевропски и, за принципиелните европски стандарди, неприфатливи бугарски барања, со кои се задира во нашиот јазично-етнички и национално-културен идентитет. Но, во оваа хистеризирачка „дебата“ за идентитетот, преку серија колумни сакам да дадам нов поглед од друг ракурс, што претставува идентитетот на еден народ!

Секоја чест за извонредната новинарска истражувачка сторија на новинарките од Истражувачката репортерска лабараторија, за махинациите и за индициите за сторен криминал во една од „најеминентните“ приватни клинички болници кај нас, која го разголува до срж криминалот и безобразието и во приватната сфера во општеството. Бидејќи досега важеше правилото дека нашето јавно здравство е катастрофално по инфраструктурни и кадровски услови, распаднато од корупција и некадарност, многумина граѓани спасот го гледаа токму во скапоплатените услуги на приватните болници ширум републиката. За жал, многумина таму ја најдоа смртта.

Живееме во царството на организираниот криминал!

Зошто го вметнувам овој генијален истражувачки пример за евентуалниот сторен криминал (тоа надлежното јавно обвинителство ќе треба да отвори предмет/случај и да го разоткрие скандалот до крај), со идентитетот на еден народ?! Па, бидејќи тоа што се случува(ло) во клиниката „Жан Митрев“ е огледало на цела Македонија. Со чест на ретки исклучоци. Однадвор спакувано во скапо рекламиран и брендиран целофан дека клиниката е врвна здравствена институција, а внатре смрди на криминално дувло. Безмалку цела Македонија функционира по тој принцип. И во јавната (општествена), а богами и во приватната (конзервативно–морална) средина. Тоа е идентитетот на Македонецот. Фарса, лага и добро изградени потемкинови села. Колку пати сум ви кажал дека јас на Македонец не би му дал три овци да чува, камо ли држава да води. Бидејќи двете ќе ги украде, а третата ќе ја пушти, не дека и таа не сака да ја здипли, туку зашто не ќе може под мишки да ја стави. Таква ни е душата. Крадлива. Таков ни е генот: корумпиран. Ајде доста се самозалажуваме за тоа колку се чесни, кротки и гостопримливи нашинците. Штом еден таков од „германската школа на образование и здравство“ не научил ништо за чесност, за морал и за владеење на законите, тоа е доказ дека Жан излегол од Македонија, но Македонија никогаш не излегла од него. Останала. Оти сè може да промените, но битот, генот и наследната културолошка матрица - никогаш.

Колку и парадоксално да звучи, онаа навредлива и грда „привремена“ децениска референца за надворешна употреба на именување на нашата земја, „поранешна југословенска република“, беше дел од нашиот веќе историски државно-правен идентитет. Кога бевме дел од пошироката заедница на југословенски народи.

 

Со сите свои мани и проблеми, „стариот“ од Југославија создаде држава за респект на светско ниво. И денеска ако отидете на одмор или патување од Бали до Рио де Жанерио, од Сан Франциско до Најроби, убеден сум дека речиси никој од обичните жители на овие градови нема да знаат што е тоа и каде се наоѓа кога ќе им кажете дека сте од Македонија. Но ако им напоменете дека Македонија била дел од Југославија, убеден сум дека речиси сите (нормално, повозрасните) ќе ги ококорат очите и веднаш ќе ви кажат дека се сетиле од каде сте.

Знаете зошто? Бидејќи другарот и маршал југословенскиот идентитет го наполни со содржајност и суштина, па така Југославија стана бренд и препознатлива сила во светски рамки. Не со европски, туку со светски пласман. Ние, три децении по нејзиното распаѓање, и тој супстанцијално наполнет идентитет кој ни беше оставен како чеиз го испразнивме до немајкаде и затоа состојбите во здравството, образованието, културата, урбанизмот – ма во сè – се такви какви што се – полоши од никакви. За да дојдете до врвовите на сталежите во сите овие односни општествени сфери вие сте морале да бидете гениј во тие временски и просторни услови, освен што се „подразбирало“ дека мора да сте член на нејзината светост – партијата. Денеска, пак, е доволно да сте член на нејзината светост, а никаква професионална квалификација не ви треба да бидете доктор, професор, политичар или уметник. Затоа и ни се такви какви што ни се. Со чест на некои исклучоци, пак ќе кажам.

 

Сите надежи потонаа

Мојот најголем бес, гнев и фрустрација кон „соломонското решение“ на ЕУ во однос на деблокирањето на македонските европристапни преговори е тоа што ние, наместо целокупната административна, институционална и општествена енергија да ја посветиме на реално и суштинско реформирање на катастрофалните состојби во сите сфери на неподносливо корумпираноto и криминализирано општествено живеење во оваа патетична и трагикомична дупка од држава, нас Брисел нè упати кон официјална Софија, како тутор и сообраќаен полицаец кој ќе треба да ги „казнува нашите грешки“ на патот кон ЕУ. Така Европа (ЕУ) ја уби во поим толку мечтаената европеизација на Македонија. Зашто последната надеж за какво–такво упристојување на оваа карикатурална заедница гледав преку европристапните циклуси на отворање и затворање на предвидените ЕУ–поглавја, исполнувајќи ги веќе за нас непостоечките Копенхашки критериуми. Патот кон дното забрзано го одиме. За наши услови и со наш менталитет, и под дното има дно. Кое само Македонецот може да си го докопа и да се самодозакопа.

 

Слики: Marcelo Canevari

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Став / Историја
Општество / Балкан
Општество / Активизам / Став

ОкоБоли главаВицФото