Како размислува Илон Маск покажува неговиот омилен научно-фантастичен роман

20.07.2022 17:01
Како размислува Маск покажува неговиот омилен научно-фантастичен роман

  

Илон Маск сака да делува како научно-фантастичен јунак, претставувајќи се себеси како генијален пронаоѓач кој ќе испрати вселенска мисија со екипаж на Марс до 2029 година, или си замислува дека е Хери Шелдон, еден од јунаците на Исак Асимов, далекувидниот визионер кој со векови однапред планира како да го заштити човечкиот вид од егзистенцијални закани. Дури и неговиот штреберски хумор се чини инспириран од неговата љубов кон „Автостоперски водич низ Галаксијата“ на Даглас Адамс.

Но, иако можеби инспирацијата ја црпи од научната фантастика, тој не е добар читател на овој жанр, како што забележува Џил Лепор. Маск ги идеализира Ким Стенли Робинсон и Ијан М. Бенкс, додеа едновремено ја игнорира нивната социјалистичка политика и ги занемарува некои од главните традиционални теории, како што се феминистичката и афрофутуристичката научна фантастика. Како и многу извршни директори од Силиконската долина, тој првенствено ја гледа научната фантастика како ризница на кул изуми кои чекаат да бидат реализирани.

Маск со научната фантастика главно се бави на површен начин; сепак, многу внимателно чита еден автор: Роберт А. Хајнлајн. Како еден од омилените романи тој го наведува „Месечината е сурова господарка“ на Хајнлајн од 1966. Се работи за либертаријански класик кој стои веднаш зад „Рамнодушниот Атлас“ на Ајн Ранд, според своето пропагирање на вредностите на неолибералниот капитализам. Овој роман бил инспирација за „Наградата Хајнлајн за постигнувања во комерцијалните вселенски активности“ чиј добитник беше Маск во 2011 година. (Џеф Безос беше исто така скорешен добитник.)

„Месечината е сурова господарка“ го популаризираше мотото „Не постои такво нешто како бесплатен ручек“, често користено од бранителите на капитализмот и од противниците на прогресивното одданочување и на програмите за социјална помош. Во книгата се раскажува за една месечева колонија која, по пат на напредна и паметно применета технологија, се ослободува себеси од паразитизмот на Земјата која само ги цица нивните ресурси и од нејзините зависници од социјална помош. Во овој случај, се чини дека Маск правилно ја уловил поентата на авторот.


Не постои такво нешто како бесплатен ручек

Приказната на Хајнлајн е исполнета со гласноговорни мажи кои тврдат дека се успешни и реализирани полимати. Тие им заповедаат на сите околу себе, донесуваат одлуки врз основа на каприци и игнорираат совети без оглед на последиците. Со други зборови, се однесуваат исто како извршниот директор на „Тесла“. На истиот начин, Маск често привлекува инвеститори со помош на маркетиншки трикови, наместо со помош на докажана наука и инженерство, стратегија со која го промовира сопствениот бренд и што го става, како што истакнува Колби Кош, во истото сомнително друштво како и вселенскиот претприемач на Хајнлајн, Д. Д. Хариман, од расказот „Човекот што ја продаде Месечината“.

Но, Хајнлајн не се бавел со критикување на капиталистичкиот слободен пазар - далеку од тоа. „Месечината е сурова господарка“ прикажува колонија на Месечината која централизираната Месечева власт ја присилува да испраќа храна на Земјата за гладните луѓе во места како Индија. Месечевите граѓани, наречени Луновци, се бунтуваат против владиниот монопол и воспоставуваат општество на слободен пазар со минимално мешање на владата. Луновците ја поздравуваат малтузијанската катастрофа1 што ќе настапи откако ќе ја повлечат нивната нутриционистичката помош за Земјата, бидејќи веруваат дека колапсот на населението на долг рок ќе ги направи оние кои се зависни од благосостојбата „поефикасни и посити луѓе“.

Покрај основниот либертаријанизам, романот го промовира она што Евгениј Морозов го нарекува „технолошки солуционизам“, а тоа е верувањето дека секој општествен или политички проблем може да се реши со вистинското техничко решение. Корените на оваа идеологија досегаат до технократското движење од 1930-ите, во чии поддржувачи, како што истакнува Лепор, се вбројува и дедото на Илон Маск. Маск го презема ова наследство, промовирајќи ги електричните автомобили како решенија за климатските промени. Според него, приватните иновации, а не државната интервенција или активистичката политика, ќе го спасат светот.

„Месечината е сурова господарка“ го следи овој начин на размислување. Иако Луновците се залагаат за либертаријански принципи – ќе дознаеме дека „најосновното човеково право“ е „правото на ценкање на слободниот пазар“ – тие принципи се покажуваат секундарни во однос на практичниот проблем, а тоа е дека Земјата ги исцрпува водата и другите месечеви ресурси со брзина што тие предвидуваат дека ќе предизвика масовно умирање од глад на Месечината.

Нивното решение на овој проблем се наметнува како подеднакво научно. Во книгата дознаваме дека една бунтовничка група не се разликува од еден „електромотор“: таа мора да биде осмислена од експерти, притоа постојано имајќи ја предвид функционалноста. Револуционерниот заговор на Луновците одлучува дека „револуциите не се добиваат со ангажирање на народните маси. Револуцијата е наука која само малкумина се компетентни да ја практикуваат. Таа зависи од правилната организација и, пред се’, од комуникациите“. Постапувајќи според овој принцип, еден од заговорниците, Мeни, компјутерски техничар, го дизајнира нивниот таен систем на ќелии како „компјутерски дијаграм“ или „невронска мрежа“, мапирајќи како информациите ќе течат меѓу револуционерите. Тие го одредуваат најдобриот начин за организирање на кадрите, не по пат на демократско размислување или практично искуство, туку преку принципите на кибернетиката.

Незаинтересираноста на Мени за хаотичната работа на политичкото убедување е предност, а не маана, бидејќи му овозможува да ги гледа луѓето како обични јазли во мрежата. Навистина, низ романот, Мени користи инженерски термини при опишувањето на човечките суштества и социјалните интеракции. Тој опишува една жена како „само-коригирачка, како машина за негативни повратни информации“. Мени, кој се гордее со својата киборшка рака, ги третира другите луѓе како механизми што треба да се поправат. Масковата компанија за интерфејс, „Неуралинк“, која создава машина која функционира по примерот на мозокот, се обидува да ја операционализира оваа идеја.

За Мени и неговите соучесници, демократскиот придонес на народните маси во основата на револуцијата е само „шум“ што може само да ги попречува сигналите што се пренесуваат од елитното раководство до меѓусебно испреплетената мрежа на подредени. Дури и кога ќе дојде време да се направи устав за слободната држава Луна, заговорниците користат паметни процедурални трикови за да ги спречат напорите на сите во Конгресот што не се членови на нивниот круг. Паметните поединци секогаш ја победуваат масовната демократија во прозата на Хајнлајн – и тоа е добра работа.

Романот го доведува солуционизмот до крајност кога Мени бара помош од свесниот суперкомпјутер по име Мајк да го предводи соборувањето на земската колонијална влада на Луна. Предвидувајќи го процутот на dot-com ерата, Хајнлајн предлага дека компјутерот може да поттикне промени подобро од кое било движење или организација. Револуционерната тактика на Мајк ја одразува опсесијата со комуникациите која постои во романот: голем дел од книгата е посветен на обидите на заговорниците да го пренасочат јавното мислење против Месечевите власти и да внесат конфузија во владините редови преку хакирање и медиумски кампањи. Како воините на тастатурата на нашиот сегашен момент - вклучително и хиперонлајн присутниот Илон Маск - револуционерната елита на Хајнлајн се надева дека ќе го промени општеството преку манипулирање со информациите.

Кога ќе избие револуционерната војна, техничката супериорност на Мајк се покажува како одлучувачки фактор. Користејќи електромагнетни катапулти, суперкомпјутерот фрла камења кон Земјата, кои паѓаат врз неа со сила на атомска експлозија. Сојузните нации на Земјата се принудени да им дадат независност на своите месечеви колонии по ваквите пресметани демонстрации на сила. На крајот, благодарение на уредот, Луновците постигнуваат политичка еманципација.

Пазари и машини

Овие идеи подоцна ќе извршат влијание на она што Ричард Барбрук и Енди Камерон го нарекуваат Калифорниската идеологија, комбинација од техноутопизам и економски либертаријанизам, прифатена од дигиталниот еснаф, како софтверските инженери кои работат во Силиконската долина. Како што забележуваат Барбрук и Камерон, пропагирачите на калифорниската идеологија во 90-ите беа главно обожавателите на научна фантастика, кои беа љубители на Хајнлајн и се замислуваа себеси како контракултурни бунтовници кои ја донесуваат златната доба на слободата со изградбата на електронскиот пазар. Тие веруваа дека слободниот пазар, штом се ослободи од физичките и владините ограничувања, ќе произведе нови технологии за решавање на секој можен проблем или потреба.

Уште посуштински, „Месечината е сурова господарка“ ја одразува преовладувачката догма која ја промовира кибернетиката како клуч за разбирање на универзумот. Според овој систем на верување, сè што постои, од економските пазари до екосистемите, изгледа како процесори на информации кои работат на основа на механизмот на повратна спрега. Како термостати, тие реагираат на промените во околностите без човечка контрола. Бидејќи економијата е саморегулирачки систем кој е премногу сложен за кој било да може да го разбере, а уште помалку со него да управува, калифорниските идеолози сугерираат дека тој треба да биде изолиран од демократско мешање со помош на глобален правен поредок развиен од неолибералните експерти.

Маск е навлезен во оваа идеологија, и тоа уште од неговото вклучување во „ПејПел“ во 90-тите, па оттаму логично е што е привлечен од книгата „Месечината е сурова господарка“. Тој е толку обземен од овој начин на размислување што тој ја застапува идејата дека сета реалност е компјутерска симулација. На многу начини, Маск се угледува на Мени, компјутерскиот техничар, досетлив бунтовник кој само сака владата да му се тргне од патот за да направи се’ да профункционира. Кога Маск наидува на сообраќаен метеж, тој тоа не го гледа како неуспех на урбанистичкото планирање или како проблем што произлегува од недоволното инвестирање во јавниот превоз. Наместо тоа, тој го гледа тоа како можност за градење хиперлупови2. Неговото решение за сè е изум развиен и пласиран од одметнатите генијалци од приватниот сектор. Неговата вера во технофиксите (анг. technofix е концепт според кој секој проблем може да се реши со помош на технологијата) е толку голема што тој ги замислува машините како потенцијални господари кои чекаат да ја преземат власта. Постои трага од Мајк во неговиот страв од претстојната роботска апокалипса.

Се чини дека дури и неговите напори да го преземе „Твитер“ и да ги отстрани ограничувањата за содржините се мотивирани од истата идеологија. Фред Тарнер тврди дека противењето на Маск да се модерираат содржините потекнува од верувањето дека информациите сакаат да бидат слободни. Кога говорот е сфатен како податок наместо како дијалог, станува невозможно да се разбере зошто говорот на омраза може да биде штетен.

Системот на верување на Маск ја исклучува идејата дека општеството е растргато од антагонизми, а најмалку од класна борба. Тој секогаш проблемите како климатската катастрофа ќе ги гледа како чисто технички, а не како нешто што произлегуваат од однесувањето на корпорациите што ја уништуваат планетата во потрага по профит. Ако научната фантастика открива противречности во капитализмот и нè поттикнува да осмислуваме алтернативи, тогаш научно-фантастичната персона на Маск е евтина имитација. Како либертаријанец и технократ, најдоброто што може да го направи е да фантазира за тоа како револуцијата ќе ја препушти на машините.

1Малтузијанизмот е идеја дека растот на населението е потенцијално експоненцијален, додека растот на снабдувањето со храна или со други ресурси е линеарен, што на крајот го намалува животниот стандард до точка на активирање на изумирање на населението. Овој настан, наречен Малтузијанска катастрофа се случува кога растот на населението го надминува земјоделското производство, предизвикувајќи глад или војна, што резултира со сиромаштија и депопулација.

2
Хиперлуп е супербрза железница - транспортен систем сличен на вакуум тунели низ кои левитирачки вагони (капсули) се движат со речиси суперсонична брзина.

Извор: Jacobin

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото