Мапа на топлотните бранови во Европа, Африка и Азија

21.07.2022 11:33
Мапа на топлотните бранови во Европа, Африка и Азија

Во јуни и јули 2022 година, топлотни бранови ги нападнаа Европа, Северна Америка, Бискиот Исток и Азија, а температурите пораснаа до 40 целзиусови степени, на многу места достигнувајќи рекордни височини.

Горната мапа ги покажува температурите на воздухот во поголемиот дел од источната хемисфера на 13 јули 2022 година. Мапата е изработена со комбинирање на набљудувањата од глобалниот модел на Системот за набљудување на Земјата „Годард“ (GEOS) , кој користи математички равенки за претставување на процесите во атмосферата.

„Иако постои јасен шаблон на ‘атмосферски бран’ со наизменични топли (црвено) и студени (сино) вредности на различни локации, оваа голема област на екстремни и рекордни жештини е уште еден јасен индикатор дека емисиите на стакленички гасови од човековите активности предизвикуваат екстремни промени во времето, што влијаат врз нашите услови за живот“, вели Стивен Посон, директорот на Канцеларијата за глобално моделирање во Центарот за вселенски летови „Годард“ во НАСА.

Во западна Европа, каде веќе имаше сурова суша, топлотниот бран поттикна бесни пожари низ Португалија, Шпанија и делови од Франција. Во Португалија температурите достигнаа 45 целзиусови степени на 13 јули во градот Леирија, каде изгореа повеќе од 3000 хектари земја. Повеќе од половина од земјата беше во црвена тревога додека пожарникарите се бореа со 14 активни пожари.

Клик за детален поглед на снимката

Горната слика ја прикажува локацијата на лоцираните пожари во Португалија и во Шпанија, забележани преку сателит на 12 јули 2022.

Во Италија рекордната жештина придонесе за колапсот на дел од глечерот Мармолада на 3 јули. Во лавината снег, мраз и карпа загинаа 11 планинари.

Во Британија беа прогласени предупредувања за екстремни жештини во очекување температурите да продолжат да растат, со можност да ги надминат досегашните највисоки температури.

Во Северна Африка, Тунис мина низ топлотен бран и пожари што нанесоа штета на житните култури во земјата. На 13 јули во главниот град на Тунис температурата достигна 48 целзиусови степени, највисока во последниве 40 години.

Во Иран, температурите останаа високи во јули, откако постигнаа 52 степени целзиусови кон крајот на јуни.

Во Кина, летото донесе топлотни бранови кои предизвикаа пукнатини на патиштата, топење на асфалтот и отпаднати ќерамиди од покривите. Во Шангај, каде податоци за температурите се собирани уште од 1873 година, беше измерена највисоката темература досега – 40.9 целзиусови степени.

„Ваквите екстремни жештини имаат директен импакт врз човековото здравје, како и други последици, вклучително и пожарите што ги гледаме сега во Европа и во Африка, и кои беа чести последниве години во Северна Америка“, вели Посон.


Извор:
Earth Observatory- NASA