Мирисот на месечината

22.07.2022 01:36
Мирисот на месечината

Можеби не сте знаеле, но Месечината има мирис. Дванаесетте астронаути кои во рамки на шесте Аполо мисии, од 1969 година до 1972 година, слетале и полетале од Земјиниот сателит пријавиле дека месечевата прашина мириса интензивно. Повеќето астронаути рекле дека мирисот е непријатен и дека ги потсетува на барут. Но, имало и сведочења дека месечевата прашина заправо има мирис на влажен пепел во камин.

Бидејќи Месечината нема атмосфера и астронаутите чекореле, скокале и ја истражувале нејзината површина во заштитни одела, мирисот на прашината можеле да го почувствуваат дури по враќањето во лунарниот модул. Прашината на површината на Месечината е ситна и мека (како снег, според сведочењата на астронаутите) и колку и да ги чистеле оделата, таа се вовлекувала во порите и со астронаутите доаѓала во модулот. Нејзината миризба можеле да ја почувствуваат кога ги соблекувале оделата.

Еден дел од Аполо астронаутите биле воени пилоти, па споредбата со мирисот на барут кој добро го познаваат е разбирлива, но тоа е чудно зашто хемијата на тлото на Месечината е значително поинаква од составот на барутот. Вообичаено се смета дека мирисот доаѓа оттаму што милијарди години таложената месечева прашина, која надвор од модулот е како сув песок во пустина, се навлажнувала во модулот (мирис се појавува и кога ќе се навлажни и пустинскиот песок).

Ова сознание е само една од многубројните придобивки на историскиот потфат за испраќање на американските астронаути Нил Армстронг и Едвин Олдрин на Месечината. Пред половина век, на 20 јули 1969 година, со лунарниот модул Игл слетаа во кратерот Море на спокојството, а потоа малку подолго од два часа шетаа наоколу, како првите човечки битија на површината на Месечината.

„На Земјата не постои толку осамено место како она кое го посматрав во првите моменти на површината на Месечината“, ќе забележи подоцна Олдрин во книгата со наслов „Magnificent Desolation“ која ја објави заедно со Кен Абрахам како патопис од самото патување, но и од периодот на закрепнување од кризата и епизодите со алкохолизмот во кои упаднал по мисијата.

„Согледав дена она во што гледам, кон хоризонтот и во секој правец не е променето стотици, илјадници години. Го видов закривениот хоризонт - без атмосфера, црно небо. Студено. Постудено отколку што некој може да доживее на Земјата. Без знаци на живот“, пишува Олдрин.

По враќањето, кога на 24 јули 1969 година заедно со Мајкл Колинс во командниот модул се спуштија во Пацификот, сите три астронаути, според извештаите на НАСА, биле третирани со раствор од јод за да се убијат „клиците од Месечината“. Астронаутите потоа биле транспортирани со хеликоптери и брод до Хаваите, каде биле сместени во карантин. Интересен е пристанишниот приемен лист каде во табелата како одредишно место на патниците се наведува Хонолулу, а местото на поаѓање: Месечината.

Во заклучоците на извештајот на НАСА за мисијата Аполо, во точката 7 од девет ставки, се наведува „Не е пронајден ниеден микроорганизам со вонземско потекло ни кај посадата, ниту во командниот модул“. Очекувано, извештајот заклучува дека мисијата била успешна, како и дека со тоа е постигната „националната цел до крајот на деценијата луѓето да слетаат на месечината и безбедно да се вратат“. Во рамки на истата Аполо програма, уште пет мисии ќе завршат успешно, а вселенската трка помеѓу СССР и САД ќе прерасне во тешко повторлив, но секако - еден од најголемите потфати во историјата на човечкиот вид.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Andrew McCarthy

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото