Рекордна стапка на смртност од Ковид-19 во Нов Зеланд

22.07.2022 13:04
Рекордна стапна на смртност од Ковид-19 во Нов Зеланд

 

Нов Зеланд бележи рекорден број смртни случаи од Ковид-19, а новиот бран на инфекција со варијантата омикрон се покажа особено погубен за постарата популација, објави во петокот Ројтерс.

Според Министерството за здравство, за седум дена, до 16 јули, од Ковид-19 починале 151 лице; за споредба, во најлошата недела од претходниот бран во месецот март починале 115 лица.

Во последните 24 часа од новиот коронавирус починале 26 лица, сите над 60 години.

Во новиот бран зарази во Нов Зеланд, земја со население од 5,1 милиони жители, преовладува омикронската подваријанта BA.5.

За една недела се регистрирани 64.780 активни случаи, но надлежните тврдат дека голем број заразени не се пријавени.

Брзата реакција на владата на пандемијата, со многу строги ограничувања и висока покриеност со вакцинација, се сметаше за пример за борба против Ковид-19, но од крајот на минатата година, инфекцијата немилосрдно се шири.

Клиниките за општа пракса итните служби и болниците се под притисок, но бројот на хоспитализирани е нешто помал во споредба со март.

Иако владата засега не наметнува ограничувања за движење и задолжителни маски во училиштата, Министерството за образование ги советува училиштата да го вратат барањето за маски откако децата ќе се вратат од одмор следната недела.