Кон изложбата на Владимир Илиевски „Не е ниту сон“ во галеријата на МКЦ

25.07.2022 01:36
Кон изложбата на Владимир Илиевски „Не е ниту сон“ во галеријата на МКЦ

Секоја тежина - своја планина, 2022, масло на платно

Циклусот слики „Не е ниту сон“ е вистинско сонување на јаве. Оние што досега сме ги погледнале, сигурно ќе се согласиме со кусиот опис во каталогот со наслов ист како и една од сликите, „Очи на тилот“. Во тие, нешто повеќе од десетина реченици, уметникот Илиевски ја загатнува и ја одгатнува за повторно да ја загатне креативната инспирација и интуиција, а секако и херменевтика на неговите дела.

Составена од дваесеттина слики, некои од нив со монументални димензии „Не е ниту сон“ е колективен приказ на неисцрпноста на човечкиот талент од видливото и познатото да создава нешто што дотогаш било невидливо, непознато, па дури и непостоечко. Истовремено, урамено во дејството на поесисот (во неговото етимолошко значење), нас, публиката, уметникот нѐ оспособува да ја видиме реалноста преку неговите очи. Прикажувајќи го преку видливото она што не се гледа, уметноста овозможува да го видиме видливото на нов начин кој отскокнува од веќе виденото.

Ќе го образложам горенапишаното преку избор на осум слики од изложбата. Осум чекори низ сонувањето на Владимир Илиевски. Тоа не е своевидно паѓање во транс, туку „паѓање“ во свест. Сонот е метафора која треба да ја разбуди човечноста во нас.

Дали касаат, 2022, масло на платно

Во врска со прашањето како ние, луѓето, стоиме со човечноста најдобро е да почнеме со сликата на Илиевски за најдобриот пријател на човекот. Прозаично насловена како „Касаат ли?“ на платно со нанесена заднина во модросина боја проткаена со жолти потези на четката позираат десет кучиња. Уметникот ги поставил низ целиот простор, така што секое од кучињата си „владее“ со своја мала територија. Гледани од оваа перспектива, тие не претставуваат глутница, иако токму тоа и се. Според авторот, ова е глутницата која патролира околу и во депонијата „Дрисла“. Резултат на нашата несовесност и затоа нечовечност. Колку само верност и приврзаност би покажало секое од овие кучиња. Фрлени на улица тие сведочат за својата осаменост. Како мали острови насреде море, секое со својата судбина. Некои од нив авторот ги доловил во миг на покажување на агресија, некои се рамнодушни, а едно од нив како да сака да каже дека не заборавило што му има направено селекцијата на човекот низ илјадници години – во легната положба бара човек за пријател. Потсвесното во авторот го навело да отиде чекор понатаму. Барем едно од кучињата би можеле да биде протолкувано како приказ на друго животно, она од редот на приматите. Во десниот агол од перспектива на гледачот, шета павијан со високо подигната опашка! Дали всушност кучињата тргнале кон очовечување кога веќе човештвото решило да се откаже од тој свој мандат? Сликава нѐ потсетува дека „ниеден човек не е остров“, а кога се однесуваме како такви, тогаш целиот жив и нежив свет на Земјата страда и живее „кучешки“ живот.

Создавање на малото сонце, 2022, масло на платно

Повикот на Илиевски да се излезе од самонаметнатата осаменост е одлично прикажана преку слика не на куче, туку на мачка. Конкретната слика е со наслов „Создавање на малото сонце“. Ако некој се сомневаше дека мачките за себе размислуваат како за божества, Илиевски го разбива тој сомнеж. Од насреде вселената која се распространува низ сликата во нас гледа мачка која штотуку создала едно мало сонце и си седнала врз него. Топлите бои на светлина во сонцето се прелеваат и врз телото на мачката. Но дали е тоа така? Светлината како да избива од мачката, од нејзината внатрешност, како таа самата да е изворот на светлина, а сонцето ја позајмува од неа. Или, пак, тоа и мачката и сонцето ги создал некој друг, некој чија проекција се тие? Затоа ли мачката гледа во неопределена точка и бара да го види својот создател? Во очите ѝ се исчитува очудување, но не и страв. Ова е убав почеток на свет кој ќе биде огреан од мало сонце, безбедно место во кое мачката ќе може да преде на мира.

Да останеме во световите во создавање. Таква е сликата „Сон во облак“ Тука палетата на бои е храбро разновидна. Од бело како сладолед од ванила преку нијанси на зелена, модра, преку речиси сива, па сѐ до изразено виолетова. На облаците плови сон. Сонот има форма на жена која јава на коњ. Суптилната проникливост на Илиевски дошла до полн израз. Сѐ е насликано со исти бои. Жената, коњот, облаците и сонцето. Сѐ е дел од големиот круг на постоењето. Сонот не е бесознание, туку неизмерно сознание. Составени сме од иста материја од која се ѕвездите и галаксиите. Од косата на жената како да се откинуваат метеори кои потоа итаат низ небото за на некоја планета со живот да ѝ се претстават како ѕвезди кои паѓаат. Миг да се замисли желба. Желбата на сликарот Илиевски е овој сон да се оствари.

Сон во облак, 2022, масло на платно

Затоа не застанал на „Сон во облак“. Сонот продолжува со друга слика која во својот наслов има сон, „Јавач на сонови“. Ова би можело да се смета за втор дел од диптихот за сонување. Лицето на жената која јава во „Сон во облак“ сега е дадено во голем кадар. Осветлениот круг е сонцето од претходната слика кое сега тука ја има функцијата на „кристална топка“. Во неа жената сонувач гледа некого кој јава врз сон, и тоа не еден, туку многу сонови. Метеорите стигнале и тука, развиорени како пламени јазици се тркаат со галопот на коњот. Коњот со копитата удира во виолетов лак, првата боја оддолу нагоре во боите на виножитото. Јавајќи врз колективното потсвесно на човештвото јавачот го остварил сонот да се стигне до почетокот на божилакот. Сето тоа се случува среде несогледливото пространство на голема вода врз која плови лилјан – древниот симбол за раѓањето на нов живот.

А тој се родил на Земјата. За тоа Илиевски „зборува“ во „Слика од тебе“. Со бои кои сте стремат кон експресионизам, од светот на сништата нѐ воведува во реалното постоење на животот на планетата Земја. Иако композицијата ѕуни со тонови на апстрактното, таа е јасно поставена во светот тука и сега. Полжавот и птицата (модроглава сипка?), заедно со цветот во раката на девојката укажуваат на амбиент на полјана. Житото е зрело за жетва, а девојката мирно „позира“ пред љубопитното око на уметникот и на енергичните потези на четката. Таа е штедра со своето време зашто мајката Земја е штедра со сѐ друго.

Јавач на сонови, 2022, масло на платно

Но не сѐ е така лесно. Знае Илиевски дека секоја тежина си има своја планина. Токму така се вика една од сликите на изложбата, „Секоја тежина – своја планина“. Но што е тежината за еден уметнички творец? Та тој со малку реквизити и бои создава цели светови! Сеедно, за секого, а особено за уметникот тежината на постоењето останува. Тоа е онаа мачнина за која пишува Сартр. Од тешко, потешко е да се биде свесен за сопственото постоење. Сопството е најголем подарок и најголемо проклетство. Сепак, Илиевски решително го пресекол гордиевиот јазол на самосвесноста. Животот е тежок, како најтешка карпа која нѐ навасала и секој миг би можела да се струполи врз нас. Но човештвото не е оставено само на себе. Нашата мечта, нашата словесност е она синапово зрно кое ни ја дава чудотворната сила да преместуваме дури и планини. Ова е мигот кој ја најавува тајната на очовечувањето на човештвото.

За тоа сведочи сликата насловена како „Борови и прозорци“. Не е оваа слика ни за боровите ни за прозорците. Таа е за сето она што се случува зад прозорците, за животот во заедница, за контрастот меѓу светлината и темнината, за соочувањето со секојдневните искушенија, за паѓањето и храброста да се исправи пак на нозе, да се истресе прашината и да се продолжи да се создава цивилизација. Цивилизацијата по дефиниција претпоставува култура, а најмоќен израз на културата е уметноста. Ете во овие борови и прозорци Илиевски ни ги доловил човечките копнежи, а тие се темелат врз една важна вистина – си требаме едни на други.

Борови и прозорци, 2022, масло на платно

Затоа да се приближиме едни кон други. На тоа нѐ повикува Илиевски со сликата „Доближи се“. На неа уште еднаш главниот мотив е куче. Во блесокот на неговите очи се наѕираат вселени. Но тоа не е заинтересирано за нив. Кучињата ја имаат таа прекрасна карактеристика да живеат „тука и сега“. Кучето на сликата со целиот говор на телото покажува дека можеме да му се доближиме, дека сака да му се доближиме. Во него се рефлектираат неизбежните бои на сите други слики од овој негов циклус на творештво. Во овој поглед кој повикува на доближување се слеале сите други мотиви зашто сите тие сништа, создавања светови, светлини и стапнување врз почетокот на божилакот имаат за цел да нѐ подготват за најважниот миг по кој копнееме, за мигот на заемно споделување, на заемна доверба и на заемна благонаклонетост, со еден збор за миг на средба.

Доближи се, 2022, масло на платно

Изложбата „Не е ниту сон“ е исклучителен уметнички настан ова лето во Скопје! Му ја препорачувам секому кој е во можност да ја посети. Влегувањето во галеријата на МКЦ, каде што се изложени сликите, ја дава можноста за средба од трет вид, соочување со световите создадени од креативната имагинација на Илиевски преку што се отвора патот до средба со оние околу нас. Сликите на Владимир Илиевски имаат обединувачка моќ, ајде доближи се!

Слика од тебе, 2022, масло на платно