
Изминативе денови, најпрвин во босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска, голема врева предизвика изјавата на Високиот претставник Кристијан Шмит дека учебниците по историја во Босна и Херцеговина мора да се усогласат. Шмит го кажа тоа за време на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, а политичарите и јавноста во Република Српска почнаа да ја бранат надлежноста на ентитетот и автономијата во одлучувањето, иако на сите им беше јасно во што се состои меритумот на нештата.
Меѓутоа, проблемот со оваа приказна која конкретно се однесува на третирањето на војните од деведесеттите во училишните учебници, а суштински се занимава со политиките од минатото, е во тоа што високиот претставник тропа на врата која одамна е блиндирана. И покрај сите обиди и секако не само во Република Српска. Ако се вратиме во далечната предисторија на овој проблем ќе видиме дека ниту амбициозно замислената тритомна „Историја на народите во Југославија“ не успеа да се доврши, односно никогаш не беше објавен томот кој се занимаваше со 20 век, зашто несогласувањата помеѓу историчарите беа толкави што ниту во социјалистичкиот период не постоеше можност да се усогласат овие спротивности.
Во деведесеттите Игор Граовац покрена „Дијалог на историчарите“, кој резултираше со десетина интересни томови составени од излагања на тие собири, по што на постјугословенскиот простор беше воспоставена соработка со националистичките историчари, можеби најпрвин видлива преку примерот за поддршка на книгите на Бојан Димитриевиќ од страна на тогашниот министер за култура во Хрватска, Златко Хасанбеговиќ. Покрај оваа новонастаната соработка, продолжена е и соработката со антинационалистичките историчари на собири, како сараевскиот Хистори фест, околу разни изложби и на највидливата „Декларација: Да го одбраниме минатото/Да ја одбраниме историјата“.
Меѓутоа, ништо од наведеното не резултираше ни со најмало поместување на државната политика во однос на историјата, најмалку во Босна и Херцеговина. И покрај тоа, кога пред повеќе од десет години започна најосмислениот проект по тоа прашање, а станува збор за заедничките читанки по историја во организација на Центарот за демократија и помирување во југоисточна Европа од Солун, целата приказна наиде на нож и никаква имплементација во училишните програми. Без оглед што во нив е искажан досега најзрелиот компаратистички пристап за чувствителните прашања и што сите четири читанки ги содржат темите: Османлиското царство, Нациите и државите во југоисточна Европа, Балканските војни и Втората светска војна кои се објавени на албански, босански, хрватски, грчки, македонски, српски и турски јазик и јавно се достапни на интернет. Но корисен би бил дури и овој сосема заборавен проект вреден за пофалба, кој не успеа да ги опфати и војните од деведесеттите, иако е обид за компаративен пристап кој на учениците би им понудил различни погледи за причините и реалноста на војните, но со целосно уважување на фактите и пресудите во Хаг и на домашните судови.
А тоа најпосле нè доведува до вистинскиот проблем за кој зборуваме. Во овдешните историографии постојат доволен број компетентни луѓе кои и онака веќе со години работат заедно и прават одлични студии и интересни проекти. Значи, постои инфраструктура за изработка на заеднички учебници посветени на критичката историографија, но таа едноставно е сосема игнорирана од страна на државните политики и тоа ќе остане така уште долго време. Впрочем, од истата причина не успеа ниеден проект за соочување со минатото покренат од страна на невладини организации, па ни оној најважниот „Реком“, кој има за цел изработка на попис на сите жртви во постјугословенските војни. И покрај тоа, тој проект доживува константни опструкции, зашто со конечен попис на жртвите би се затворило поглавјето за војните и убиените веќе не би можеле да се користат во дневнополитички цели.
Меѓутоа, она на што паѓаат овдешните државни политики можеби е и највидливо во Мостар кој не успева да се соочи со сопствените трауми од деведесеттите, и покрај тоа што деновиве градот направи сериозен исчекор со одземање на улиците од усташките функционери и убијци. Имено, ситуацијата што се случува во моментов е таква што на двата студиуми за историјата на градот, оној на Универзитетот Џемал Бједиќ и на Универзитетот во Мостар, не може да се најде ни двоцифрен број заинтересирани студенти за студиите по историја. Тоа пак значи дека новите генерации не се заинтересирани за државната историографија, но прашањето е колку тоа заправо ги загрижува оние што одлучуваат.
Во секој случај, логичната идеја на Шмит нема никакви шанси за реализација во вакви политички околности.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Ekaterina Panikanova
Извор: https://pescanik.net/