26 јули: А клучевите од фиќото, кај ви се?

26.07.2022 17:50
26 јули: А клучевите од Фиќото, кај ви се?

Немам лична приказна за скопскиот земјотрес, затоа што сум од Куманово и затоа што не сум била родена 1963. Но, имам пораснато со неколку приказни во моето семејство. Првата е на татко ми, кој станувајќи од спиење за на работа (прва смена во „ЧИК“), помислил дека некој трча по покривот на нашата стара куќа до болницата (!) и затоа се рони таванот. Втората е на мајка ми, која станувајќи од спиење за на работа (прва смена во „Киро Фетак“), не можела да го смири брат ми кој плачел без престан. Имал 8 и пол месеци, го чувало некое девојче кое живеело кај нас. Кај нив, всушност, кај моето семејство без мене. Набрзо по тоа необично будење, со велосипед дошол најстариот син на вујко ми од Скопје. Сам. Неговите, нивните, нашите... останати роднини од Кисела Вода останале дома. На улицата „Виктор Иго“. На помалиот син на вујко ми му паднал шифоњер врз креветот, ама во полусон успеал да го задржи со рацете. Со години замислував како е човек да се разбуди со шифоњер в раце.

Како млада, тукушто мажена во Скопје, се запознав со земјотресната приказна на семејството на мојот сопруг на Буњаковец. Им паднале скалите помеѓу приземјето и катот каде што спиеле. Свекор ми, еден по еден, ги симнувал во дворот, преку урнатини. Првин маж ми кој имал 6 години и сѐ помни до најбанален детаљ, потоа брат му, двегодишен, кого татко му му го дал да го држи в раце и двете деца сами стоеле во уличката (маж ми вели дека тоа траело со часови, денови, години... така запомнил), додека тој се вратил повторно горе по свекрва ми. Кога сите четворица биле во дворот, сфатил дека во спалната соба му останале клучевите од фиќото. На наткасната. Се качил уште еднаш, сам нагоре-сам надолу, ги зел и клучевите,.. и дури на влегување во фиќото видел дека сите се речиси голи. Решил своето полуголо семејство, и самиот полугол, да го однесе во Прилеп. Останале таму цела година. Маж ми завршил прво одделение далеку од спомените на Буњаковец.

Кога и да брзавме каде било, свекор ми секогаш ќе ни кажеше: А клучевите од фиќото, кај ви се? Тоа значеше малку да забавиме, да се облечеме пристојно и дури тогаш да продолжиме со животот.

Извор за текстот: Оливера Ќорвезироска - Престапни години

Слични содржини

Книжевност / Настан
Скопје 1963-2013 / Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото