Град Скопје ги асфалтира зелените патеки во Градски парк за повеќе да се загрева

27.07.2022 17:32
Град Скопје ги асфалтира зелените патеки во Градски парк за повеќе да се загрева

Градоначалничката Данела Арсовска денеска преку соопштение се пофали дека Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ почнале со асфалтирање на дел од земјените патеки во првиот дел од Градскиот парк. Веќе е асфалтирана патеката околу малиот лавиринт, а ќе се асфалтираат вклупно 7.500 метри земјени патеки во овој дел од паркот.

Станува збор за патеките кои со години се покриени само со ризла. Тие ниту еден градоначалник досега не ги асфалтирал бидејќи станува збор за природна околина, асфалтот брзо се загрева и создава поголема топлина и е материјал кој се избегнува за поплочување на парковски површини.

„По успешно завршената реконструкција на пешачките патеки во вториот дел од паркот, каде веќе се реконструирани над 12.000 квадратни метри, продолжуваме со реконструирање на сите останати пешачки површини. Предвидено е да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса“, стои во писмената изјава на Арсовска.

Директорот на „Улици и патишта“ Борис Настов на нашето прашање зошто се одлучиле со асфалт да ги покријат децениски старите патеки ни рече одговор да бараме од Град Скопје.

„Ние работиме исклучиво по налог на Град Скопје и тие што одредиле да се врши ваква активност треба да одговорат“, ни изјава Настов.

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не сметаат дека е несоодвенто асфлатирањето на земјените патеки. Велат дека тоа го прават по барање на граѓани оти имале многу поплаки за немање услови за движење на колички, точаци и се кревало многу прашина.

„Асфалтирањето се врши од практични причини. Голем број поплаки доаѓаа од граѓани до Секторот за уредување. Бидејќи станува збор за земјени патеки се собира вода, кал, а од ризлата се крева прашина и се разнесува на сите страни. Мајки се жалеа дека до детското игралиште не можат да пристапат со количка. Се асфалтира само оној дел што е потребно, не е цела површина и максимално се внимава на зеленилото. Паркот во кој патеките со години стоеа искршени, по реконструкцијата ќе биде преубав“, ни одговорија од кабинетот на Арсовска.

На нашето прашање зошто не се употребиле посоодветни материјали, а не асфалт, не добивме конкретен одговор. Ни рекоа дека не е одлучено туку-така, односно одлуката е од стручни лица во Градот.

Од архитектонската образовна платформа Македонска архитектура (МАРХ) го осудија овој потег на градската власт.

„Она кое навистина зачудува е неразбирањето на дизајнот на овој простор. Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде.
Просторниот дизајн на овој дел од паркот, кој е планиран во еден потег со некогашниот Кермес го формираа тој амбиент. Градската кафеана била паралела на летните палати сместени во длабочините на дворските градини, каде одморате по долгите прошетки“, велат од МАРХ.

Извор: https://sdk.mk/

ОкоБоли главаВицФото