Катарки на хоризонтот

29.07.2022 01:13
Катарки на хоризонтот

Над пристаништето Пензанс во областа Корнвол на југозападот од Англија се воздигнуваат два јарболи со спуштени едра. Работниците вредно изнесуваат вреќи и сандаци од бродот: кафе од Јужна Америка, какао од Средна и шеќерна трска од Карибските острови. Пред 200 години немало ништо необично во оваа глетка, но денес неупатените можеби би се намуртиле. Алекс Гелденхаус го основала претпријатието „Њу дон трејдерс“ (New Dawn Traders) во Велика Британија за да превезува стока на старински начин од онаа страна на Атлантскиот океан во Европа - но не заради носталгија кон минатото, туку заради основни потреби.

Просечен товарен брод кој го преминува Атлантскиот океан создава малку повеќе од шест килограми јаглерод диоксид на еден тон товар, а старинскиот едреник околу 14 грама поминувајќи го истиот пат. Така измериле сопствениците на бродот „Де Галант“, кој превезува стока за „Њу дон“. Француското претпријатие „Блу Скунер“, откупило брод направен во 1916 година во Холандија. Старата рибарска лаѓа која ловела харинги имала долга историја и разни намени до 1987 година, кога ја обновиле млади љубители на едрењето во Амстердам. Неа не ѝ треба моторен погон, а дури и струјата која е потребна за навигација и живот на бродот ја произведуваат соларни плочи. Помошниот мотор се користи исклучиво кога му помага на бродот да вплови на пристаниште. Но за разлика од товарните бродови со контејнери кои пренесуваат од 3 000 ди 300 000 тони стока, „Де Галант“ може да пренесе само 35 тони.

Загадувањето кое е последица на транспортирањето стока со товарни бродови не е занемарливо. Според проценките, овој вид превоз исфрла барем милијарда тони јаглерод диоксид во атмосферата секоја година, што е 2 до 4 проценти од сите гасови со ефект на стаклена градина кои планетата мора да ги истрпи, не сметајќи ги другите штетни честички. Иако ваквиот начин на превоз наидувал на потешкотии од почетокот на пандемијата, нема сомнеж дека товарните бродови уште позачестено ќе пловат во наредните години, со сè поголеми товари. Освен загадувањето на воздухот и водата, нивните мотори звучно го загадуваат океанот. Тоа му штети на животот на рибите и другите животни, особено китовите кои општат преку звуци на големи оддалечености.

Бродот „Трес омбрес“

Алекс Гелденхаус не е ни прва ни единствена која се сетила на катарките и моќта на ветерот во едрата. Холандското претпријатие „Фертранспорт“ во 2010 година заплови со својата бригантина „Трес омбрес“ за Хаити, носејќи 40 тони помош за настраданата карибска држава по страшниот земјотрес. Кога Алекс им раскажала на пријателите како го замислила чистиот превоз на стока за Европа, започнала и приказната за овој едреник. Кратко потоа „Трес омбрес“ го проширил својот реон на пловидба. Наместо само да превезува стока помеѓу европските пристаништа, отпловиле за Доминиканската Република и транспортирале рум за „Њу дон трејдерс“. Тоа навистина била нова зора.

Трите основачи на „Фертранспорт“ својот прв брод го именувале по себеси (Трес омбрес - три мажи). Оваа помлада бригантина, направена 1943 година, ја нашле напуштена во Делфт, Холандија. До средината на минатиот век товарните бродови со едра сè уште владееја со брановите, сè додека ниската цена на нафтата не ги испрати на починок. Пред неколку години нивната лаѓа добила засилување. Едреникот до два јарболи „Нордлис“ („поларна светлина“) пренесува до 25 тони стока годишно помеѓу европските пристаништа, претежно помеѓу оние на Ла Манш, Северното и Балтичкото море. Тоа е најстариот товарен едреник на светот: направен 1873 година на англискиот остров Вајт како рибарски брод.

Превозот на стока со едреници сè уште е исклучок, но расте бројот на претпријатија кои се занимаваат со тоа. Преку Атлантскиот океан почна да плови „Авонтур“, холандски едреник од 1920 година. Исплови од Хамбург минатата година и потоа преку Авр стигна до Азор за да товари чај и рум од островот Мари Галант во Карибското море, постојано пренесувајќи вино од Бордо. Тоа го направија за француските колеги од претпријатието ТОВТ. Намерата и на едните и на другите е да состават флота со современи едреници кои ќе можат да пренесат илјада тони стока помеѓу Европа, западна Африка и Северна и Јужна Америка. Слични намери имаат и во „Блу Скунер“ - да направат брод кој може да носи 400 тони товар. Претпријатието „Грен де сел“ изгради свој сопствен брод, со исто име, кој плови од Бретања до Њујорк и потоа јужно. Откако ќе го остави товарот со органско вино во САД, презема органско кафе и какао во Мексико кое потоа го обработува и продава во Европа.

Бродот „Авонтур“

Ваквиот превоз не може да го надомести учинокот на товарните бродови кои пренесуваат 11 милијарди тони стока годишно. Би било лесно да се игнорираат споменатите бродови како одвлекување на вниманието за добростоечките романтици кои мислат дека имаат позитивен ефект врз животната средина. Истото би можело да им се префрли и на луѓето кои купуваат поскапи производи со етикета „транспортирано со едреник“. Но ако загадувањето на природата не ги загрижува сопствениците на товарни бродови, цената на нафтата им станува сè поомразена. Соларните плочи и огромните батерии можеби се поволни за пократки пловидби, но за подолги е потребна друг вид енергија. Флотите древни бродови со платнени едра веројатно нема повторно да пловат на отворено море по старите поморски патишта, но тоа не значи дека силата на ветерот веќе нема што да ѝ донесе на пловидбата.

Замислата за враќањето на едрата не настана во овој век. Заради нафтената криза во седумдесеттите години од минатиот век во Јапонското море заплови „Шин Ајтоку Мару“, првиот товарен брод со помошни едра.

Многу помали од старите платнени едра, крутите едра на овој брод заземаат помалку простор и подобро ја користат силата на ветерот, а слично се однесуваат и едрата на надувување. Големите турбо едра се унапредени откако Жак Кусто ги осмисли и проба на бродот „Алисон“ во 1985 година. Истото важи и за германскиот изум ротор-едра, кои го движат бродот со чиста енергија и покрај тоа што личат на оџаци. Најголемиот современ едреник се обидува да го направи шведското претпријатие „Валениус Марин“. Нивниот замислен товарен брод со погон на ветер „Оушнбрд“ има пет крути едра високи 80 метри, кои повеќе потсетуваат на авионски крила отколку на развиени бели едра на стара лаѓа.

Несомнено е дека за понатамошниот превоз на стока ќе мораме напомош да ги повикаме ветерот и сонцето.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото