МАНУ што ја нема

29.07.2022 15:46
МАНУ што ја нема

 

Се сеќавам на МАНУ од времето кога на нејзиното втемелување специјално од Белиот дворец на Дедиње допатува и Маршалот. Се отворија дверите од македонскиот Пантеон на мудроста. Храмот на националните белокоси умственици. Таа рожба, зачната во духовното величие на десетина наши великани од науката и уметноста, ја доживеавме како исклучителен национален цивилизациски вознес.

И сега, нека ми биде простено ако грешам, но ќе прашам, остана ли нешто свето од она што и го вдахнаа во тие скудни времиња основачите, доблесниците, великаните?

Мојата маленкост ќе си дозволи без да суди, туку само да потсети, дали навистина Пантеонот на мудроста не го претворивме во дом на безличноста и анемичноста? Со поматена слика за неговите вистински вредносни национални белези.

Одговорот за овој наш етички и морален забол им го должиме првенствено на неимарите од ука и перо, кои несебично се вградија во нејзиниот темелник. А потоа сметките, според сите правила на логиката, треба да се положат пред граѓанинот, кој дебело плаќа и вредности, но и јавашлуци.

МАНУ не е театарска сцена на која по шемата на некое профано аматерско сценарио треба многубројниот ансамбл да толкува ликови на големи мислители. Ја сакаме и ја бараме МАНУ што ја нема, а ни треба, како храм на научните и уметничките величија. Треба со нивниот ракопис на планетарното соѕвездие да се втиснуваат знаците на нашето цивилизациско постоење.

Илустрација: Hilts

Слични содржини

Култура / Уметност
Фотографија / Живот / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото