Како да направите пауза од социјалните мрежи

01.08.2022 02:05
Како да направите пауза од социјалните мрежи

Нема ништо лошо во умереното користење на социјалните мрежи, но кога ТикТок-овите од неколку секунди ќе се претворат во бинџови од еден час, Инстаграм приказни во бодовни табели околу тоа што му се допаднало некому, а Фејсбук профилите во не толку забавни откритија за уверувањата на вашиот вујко, време е да се направи мала пауза.

Само пауза, бидејќи целосното напуштање на социјалните мрежи не е ни опција ни желба на многумина. Сè уште има многу начини со кои апликациите кои го преокупираат нашето време со телефонот придонесуваат за тоа. Но многу нешта можат и да се изгубат кога прелистувањето ќе одземе многу од нашето време, мисли и енергија.

Успешната пауза од социјалните мрежи ќе биде поинаква за секого. Некои луѓе можеби ќе сакаат да ги деактивираат своите профили на социјалните мрежи на одредено време, а други можеби само ќе сакаат да ограничат некои аспекти. Најважно е од социјалните мрежи да го земете само корисното, а да го оставите останатото.

Со други зборови: сфатете што ви се допаѓа, пронајдете ги соодветните поставки и следете ги следните совети.

Сфатете што ви пречи

Дали ве исцрпува следењето на туѓите животи? Дали количината лајкови ѝ одговара на вашата токсична потреба за одобрување од другите луѓе? Дали се доведувате во состојба да бидете шворц заради интернет купувањето? Постојат многу причини заради кои може да посакате пауза. Важно е да се разберат сопствените причини за да одлучите како да ја дизајнирате својата пауза.

Изберете одредени аспекти и активности на социјалните мрежи

Кога знаете каде е проблемот, може да изберете од кои социјални мрежи сакате пауза и кои аспекти сакате да ги запрете а со кои да продолжите.

На пример, можеби ќе одлучите да го користите само ТикТок за да гледате видеа кои ви ги испраќаат вашите пријатели. Или можеби сè уште сакате да го прелистувате Инстаграм, но без да објавувате. Додека овие промени сосема не го прекинуваат вашето користење на социјалните мрежи, тие секако го намалуваат.

Поставете си минимум

Исто така помага ако ја одредите најмалата количина време колку што сакате да трае вашата пауза. Ова ви дава цел. Ако знаете колку точно денови ви преостанале, тогаш преживувањето на денот ќе биде малку полесно. Тоа можете да го сфатите и како предизвик против себеси. Не се впуштајте веднаш во бинџ кога ќе дојде време за тоа - размислете како се чувствувате и одлучете дали ви се потребни уште неколку денови.

Не објавувајте. Јавете им се на луѓето

Многу од социјалните мрежи значат поврзување со другите луѓе, предизвикување реакции или само желба да бидеме видени.

Наместо поставување сеќавања на Фејсбук, јавете им се на луѓето со кои сте го создале тоа сеќавање и заедно присетете се на тоа време. Наместо поставување уште една зумирана фотографија од вашата храна на Инстаграм, испратете го тоа на вашата мајка како знак дека сте живи. Наместо поставување привлечни фотографии со надеж дека тоа ќе го види една личност, испратете ѝ ја само на таа личност.

Избришете ги апликациите и замолете ги пријателите да не ви ја даваат лозинката

Желбата за пауза од социјалните мрежи лесно се јавува но самата борба против нагонот да се користат социјалните мрежи е тешка. За да го решите овој проблем, избришете ги апликациите кои не сакате да ги користите на своите уреди. Ако не се тука, не можете да ги користите. Освен ако не ги отворите преку интернет прелистувач. За да го спречите тоа, замолете ги пријателите на кои им верувате да ви ја променат лозинката и договорете се кога повторно можете да се логирате на своите профили.

Одете на одмор или најдете друга активност

Ова можеби е спротивно на здравиот разум, па дали постои нешто подобро од постирање слики од омор? Но кога правите нешто друго освен гледање во телефон, тоа заправо ве потсетува дека постојат и други нешта освен гледање во екран.

Ако одморот е невозможен, почнете да правите нешто токму кога ќе имате порив да го земете телефонот. Прочитајте книга, истегнете се, забавувајте се со Рубикова коцка.

Потсетник: впрочем, никому не му е грижа

Секој е главен лик во својот живот, а во најдобар случај статист во животите на неговите следбеници. Само неколку луѓе ви обрнуваат внимание, така што вашата пауза од социјалните мрежи впрочем најмногу ви значи вам. Земете си време колку што е потребно.

Но исто така не заборавајте: далечината ги прави нештата подраги

Покрај тоа, сигурно има луѓе кои искрено сакаат да ве видат на социјалните мрежи и ќе бидат пресреќни кога ќе се вратите од паузата. Се надеваме дека и вие ќе бидете посреќни.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Slavomier

Извор: https://www.vice.com/

ОкоБоли главаВицФото