
Џејмс Лавлок, креаторот на хипотезата „Гаја“, почина минатата недела, на својот 103-ти роденден.
Лавлок, кој беше еден од најпочитуваните независни научници во Велика Британија, беше во добра здравствена состојба до пред шест месеци, кога стекна повреда.
Познат како неконформист, тој од неговата лабораторија, каде работеше сам, даваше предвидувања уште од средината на 1960-тите, продолжувајќи да работи во неговата длабока старост.
Неговата хипотеза „Гаја“ предлага дека животот на Земјата е саморегулирачка заедница на организми кои комуницираат едни со други и со околината. Тој пред две години рече дека биосферата се наоѓа во последниот 1% од својот живот.
Неговото семејство изјави: „Нашиот сакан Џејмс Лавлок почина вчера во својот дом опкружен со семејството на неговиот 103-ти роденден. Во светот тој беше најпознат како научен пионер, климатски пророк и осмислувач на теоријата „Гаја“. За нас тој беше сакан сопруг и прекрасен татко со безгранично чувство за љубопитност, немирна смисла за хумор и страст за природата.“
Џонатан Вотс, уредник на рубриката за животна средина на „Гардијан“, кој го познаваше Лавлок и работеше на биографија за него, рече: „Вестите се крајно тажни, но каков извонреден живот и какво наследство. До неодамна тој беше во добра здравствена состојба и имаше одлично сеќавање за настаните што се случиле пред речиси еден век. Беше паметен, забавен и среќен што споделуваше интимни детали од неговиот несекојдневен живот.
Беше возбудливо да се разговара со еден од најголемите умови што Британија некогаш ги создала. Тоа беше човек кој помогна да се обликуваат многу од најважните научни настани во 20-от век - потрагата на НАСА по живот на Марс, зголемената свест за климатските ризици предизвикани од фосилните горива, дебатата за хемикалиите што ја осиромашуваат озонската обвивка во стратосферата и опасностите од индустриско загадување – како и неговата работа за британските тајни служби“.
Лавлок сиот свој живот се залагаше за климатски мерки, децении пред многумина други да почнат да ја забележуваат кризата. До крајот на својот живот, тој не веруваше дека има надеж да се избегнат некои од најлошите последици на климатската криза.
Вотс рече: „Да не беше Лавлок, еколошките движења ширум светот ќе започнеа подоцна и ќе имаа многу поинаков пат. Во 1960-тите, неговиот ултрачувствителен детектор за регистрирање електрони за прв пат откри како токсичните хемикалии се вовлекуваат во воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и почвата каде што ја одгледуваме нашата храна. Тој беше првиот што го потврди присуството на флуоројаглероди во стратосферата и издаде едно од најраните предупредувања дека нафтените продукти ја дестабилизираат климата и го оштетуваат мозокот на децата.
Неговата теорија „Гаја“, оформена со консултантот во Пентагон, Дајен Хичкок и усовршена во соработка со американскиот биолог Лин Маргулис, ги постави темелите на науката за Земјиниот систем и новото разбирање на интеракцијата помеѓу животот, облаците, камењата и атмосферата. Тој, исто така предупреди, појасно од кој било негов колега, за опасностите што човештвото ги претставува за извонредната мрежа на односи што ја прават Земјата уникатно жива во нашиот универзум.“
Лавлок беше страствен и посветен на својата работа бидејќи сметаше дека за императив да го предупреди човештвото за претстојната климатска катастрофа. Тој на едно предавање во 2011 година рече дека, поради ова, нема планови за удобно пензионирање.
„Мојата главна причина да не се опуштам во задоволна пензија е тоа што како и повеќето од вас, и јас сум длабоко загрижен за веројатноста од масовно штетни климатски промени и потребата да се направи нешто околу тоа сега“, рече Лавлок.
Неговата теорија „Гаја“ беше исмејувана кога тој првпат ја предложи, од многумина кои веруваа дека тоа е „њу ејџ будалаштина“. Сега, таа теорија ја сочинува основата на голем дел од науката за климата. Тој исто така беше контроверзен меѓу неговите колеги научници и активисти за животна средина бидејќи се залагаше за нуклеарна енергија. Сега, многумина се согласуваат со неговото мислење.
Друг значаен изум на Лавлок беше уред кој детектира хлорофлурокарбонати, кои ја оштетуваат озонската обвивка.