Липа

03.08.2022 01:56
Липа

Липата, светото дрво на сите Словени, а особено на Словенците, има сосема посебно место во фолклорот, од „богот на липата“ до новите државни симболи, обиди за именување пари итн. Меѓутоа, симболиката на липата е заедничка за многу други, пред сè европски култури.

Античката липа постои уште во верувањата дека дрвото ѝ припаѓа на божицата на љубовта Афродита, односно римската Венера. Големите словенски заедници од раниот среден век ја почитувале липата како свето дрво. Култот на липата се одржал, тоа го гледаме по липите во дворовите на црквите - на Балканот подеднакво католички, православни и муслимански. Освен верувањата дека крстот на Исус бил изработен од липово дрво, секаде во словенскиот свет на Балканот крстовите се изработувале од липа. Липата е дрво со кое се поврзувале пријателството, плодноста, заштитата. Гранки од липи се закачувале на таваните на куќите и шталите во средновековна западна Европа. На Балканот, многумина ги сметале липите за свети во сите вери, а особено е интересен локалниот мит поврзан со џамијата Ферхадија во Бањалука (која за време на последната војна ја срушија српските парамилитантни трупи): неимарот Радован, кој инаку градел православни цркви, успеал да се спаси од турско заробеништво оти ја изградил џамијата, и за себеси и своите другари направил крилја од липово дрво и одлетал... Приказната неодоливо потсетува на античкиот грчки мит за Дедал, кој за кралот Минос изградил палата и лавиринт.

Многу чудесни излекувања на луѓе и животни во врска светата липа се сочувани во народните традиции од Балтикот до Јадранот. Една од најпоетичните приказни поврзани со липата потекнува од муслиманската традиција, и тоа токму во Бања Лука: некој побожен човек се измил под светата липа и го заборавил пешкирот на гранка од липата. Кога стигнал во Мека, таму ја видел истата липа со пешкирот кој сè уште висел на неа: човекот го обележал пешкирот, зашто сакал да провери дали се работи за визија. Кога се вратил дома во Бањалука, липата повторно била на своето место и на неа висел пешкирот - обележан во Мека. Оваа приказна меша неколку различни нивоа на култот. Летечките дрвја, куќи и генерално светите предмети биле исклучително популарни во христијанската популарна традиција во доцниот среден век, а помалку популарни не биле ни ткаенините со знаци. Најуспешните приказни лесно преминувале од една верска култура во друга. Истото се случувало и со симболите, така што често зборуваме за „економија на симболи“, односно за лесно преминување на симболите кои можат да означуваат и исклучително важни, дури и клучни поими во друга култура. Бидејќи симболичките претстави и успешните нарации поврзани со нив вообичаено се постари од државните граници, секое политичко пренесување на значењата во најмала рака е бесмислено.

Кога станува збор за народната медицина, липата е еден од најуспешните лекови. Се употребува нејзината кора, долната кора, листовите и цветовите. Липата се употребувала за лекување кожни болести, разни заразни болести, болести на белите дробови, значи мошне широко подрачје. Носењето малку липова кора во ќесичка го штитело носителот во средновековна Англија од сите удари и физички повреди, а девојката што пиела чај од липа во Франција за себеси обезбедувала - убав маж. Чајот од липа исто така ѝ помага на младата мајка да добие повеќе млеко. Се сметало дека болниот од туберкулоза може да оздрави ако четириесет дена наутро редовно доаѓа под некоја липа. Ова е мошне слично со античкиот обичај кој го нарекуваме инкубација - спиење на одредено свето место или седење под свето дрво. Употребата на липата во козметиката сè уште е важна и денес, особено за кремите кои ја освежуваат кожата.

Верувањата за липата можат да бидат сосема спротивни, што е само доказ за широката распространетост на старите словенски култови и нивните дополнителни импровизации. Србите веруваат дека за време на бура не треба да се криеме под липа, зашто во неа удира гром; Обратно, Словенците веруваат дека е добро да се засолниме под липа, зашто громот не удира во неа...

Од липа се прави „жив оган“, кој служи за одржување и пренесување на огнот од куќа во куќа. Тоа исто така е ритуал за почеток на животот на новото семејство, на новиот брачен пар. Особено интересни се обичаите околу свадбите, зашто липата е дрво на љубовта и плодноста. На Балканот свадбарите бараат липа за на неа да ги закачат бајраците на свадбената поворка, а во Херцеговина селската свадба имала и ритуал на одење околу црква рано наутро пред свадбата, додека кумот им држи липова гранка над главите на младоженците и ги повторува зборовите од брачниот завет односно благословот.

Од друга страна, липата често се сади и на гробишта, што значи дека во култот се јавува и како „сеновито“ дрво кое ги собира и штити душите. Во Франција постоело верување дека елфите (демони) ноќе танцуваат околу липата и околу неа прават зелен круг. Ако некој го премине тој круг, му се заканува тешка болест или дури и смрт. Во старите вегетациски култови од Средоземјето плодноста задолжително е поврзана со смртта, односно со повторното раѓање, кое е особено лесно сфатливо кај растенијата. Покрај тоа секако одат и божествата кои умираат и повторно се раѓаат - како грчкиот бог Дионис. Така и липата, која постепено губела одредени елементи од култовите, како што е да речеме посмртниот, била прилагодувана на новите културни и верски услови.

Календарски, цветањето на липата и нејзината најголема култна моќ се поврзани со месец јуни - липањ во некои словенски називи. Според некои словенски верувања цветот на липата најдобро е да се бере во одредени денови - рамноденица, Свети Ѓорѓија, и на други пролетни и летни празници. Да се седи под липа во јуни е доволно за да ја разбереме моќта на ова дрво и неговата очигледно широка улога во старите култови.

Бевме сведоци на многу обиди липата да се преобрази во модерен политички симбол. Трагите од ваквите обиди се насекаде, од именување политички партии до комерцијална употреба на листот на липата. Сите овие обиди имаат ист проблем, а тоа е премногу широкото семантичко поле на името, и премногу богатото симболичко минато, во кое сè уште се живи елементите на старите култови.

Колку се важни овие верувања, најдобро гледаме преку примерот за верувањето за липата и громот, кое може да одлучи за животот на оној што верува. Липата е премногу интернационална и премногу стара како симболички извор, и како таква единствено уште би можела да послужи во имагинарната градина на симболичките растенија во Европа: тука ќе ги најдеме маслината, борот, дабот, ловорот, брезата и уште по некое дрво, и липата извесно би носела нешто само од словенските културни белези. Во таа градина би можеле да ги замислиме и симболичките цвеќиња, за нештата да бидат уште пошарени и помиризливи.

Во поновата култура, липата и добата на нејзиното цветање добија нови значења. Кога дојде до големите младински бунтови во Европа 1968 година, кои во поранешна Југославија се случија токму во месецот јуни, називот којшто беше општоприфатен беше хрватски - липањски гибања. Во ова именување несомнено можеме да го читаме впишувањето на култното сеќавање кое се зачувало во културата. Липата како дрво на љубовта, пријателството и плодноста беше најдобар симболички извор.

Денес некои липи сè уште се свети, во близина на црквите, други привлекуваат зашто под нив е пријатно седењето и се ужива во храната и пијалоците, трети растат во подрачја на колективното сеќавање, како, да речеме липите во дворот на Филозофскиот факултет во Белград. Во моето детство моите родители навечер во лето одеа во кафеаната Липов лад, и мојата прва посета таму значеше еден вид иницијација: станав доволно возрасна за да ја доживеам летната ноќ, шумолењето на лисјата и неодоливиот мирис на липата, од што секогаш паѓав во длабок сон. Ако ништо друго, наскоро староста повторно ќе ми ја даде привилегијата во летните вечери да заспијам под липата во лековит сон.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото