МАНУ ја карикатуризира македонската историја

03.08.2022 10:16
МАНУ ја карикатуризира македонската историја

 

Една од главните причини за која сметам дека оваа држава не ја бива и нема да ја биде, е тоа што секој некој се прави експерт за сè. Ајде, да разберам, пред маалска кооперација, зачинето со понекое пиво и мортадела, седнати селани да дебатираат и дискутираат за политика, историја, меѓународни односи, економија, па дури и корона, припишувајќи го тоа на македонскиот менталитет и некоја смешна суета: колку понеобразован, толку „поголем“ познавач на состојбите, во ред, ќе сфатам, бидејќи така дискутирајќи тие не учествуваат во јавната сфера и не го креираат јавното мислење, ама универзитетски професор/ки, актери, пејачи, уметници, сите до еден наредени да имаат свое мислење, став, дискусија по односна тема за која „немаат врска“, е тоа не само што не го разбирам, туку и ме вади од кожа. Колку тоа новинари во пишани и електронски медиуми, политички аналитичари, политичари, и што се не, се изнаредија овие месеци да го употребуваат во контекст и да му даваат суштинска содржајност на терминот „македонизам“, не знаејќи воопшто по дефиниција што значи тој како своевидна, истакната идеологија од минатиот век.

Еден „светски познат физичар“, како што го нарекуваат неговите идолопоклоници, во моментов по случајност прв човек на највисоката македонска академска научна институција, постојано во своите писанија бара „одбрана на македонизмот“. Да би знаел овој односен господин дека со повикувањето во одбрана на македонизмот, де факто ги потврдува бугарските тези за „бугарскиот карактер“ на Македонија и македонскиот јазик, а со тоа го дезавуира и целокупниот атрибутски идентитет на Македонците, веројатно не би ги трескал јавно овие глупости, но кога врвен физичар ќе се зафати со демистификација на историската наука, резултатите се тие: и повеќе од гротеска.


 

Што претставува идеолошкиот поим „македонизам“?

А како е дефиниран македонизмот и што означува тој? Во најкусото свое објаснување и дефинирање тој се објаснува како „етнофаулистички и шовинистички поим со кој во Република Бугарија се потенцира дека не постои автохтон македонски етникум, туку дека Македонците се всушност Бугари, под влијание на коминтерновската идеологија. Во Бугарија се смета дека македонистите пропагираат дека во Вардарска Македонија нема ништо бугарско. Македонизам е политика на фалсификување и уништување на бугарските историски споменици во Република Македонија.

Најчеста практика е бришење на натписите на бугарски јазик и нивното заменување со натписи на македонски јазик. Македонизмот се смета за антинационална и антихумана политика на коминтерновски и српски агенти за дебугаризација на населението во Вардарска Македонија.“ И сега што правиме со ова?! Испаѓа, најголемите македонски патриоти, несвесно ги бранат бугарските позиции?! Да, јас разбирам дека бугарските антицивилизациски, нехумани, неевропски и меѓународно противправни негаторски позиции кон Македонија, македонскиот народ и јазик се веројатно најсензибилизирачки теми што ги засегнуваат сите етнички Македонци, без исклучок, но ве молам, сите кои веќе решиле да дадат толкување на односната длабоко заплеткана и замрсена историја во македонско-бугарските односи, претходно нека се наоружаат со знаење, соодветни информации и историографски факти.



Бидејќи, не е историјата наука која „ја пишуваат победниците“, како што многумина лаици знаат да истакнат. Напротив, има и таа свои закономерности, историски факти, за кои целокупната светска наука утврдила ист став. Другото е во сферата на националното субјективно толкување.

Наместо македонската историографија, по прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година, да земе „наново“ да ја напише и да ја објасни својата трагична и мачна историја кон крајот на 19 век и првата половина на 20 век, со вистинско и правилно толкување на историските извори, настани и факти, ние продолживме со „југословенизирање“ на македонската официјална историја, уште повеќе во времето на владеењето на поранешниот премиер, денес азилант на бреговите на реката Дунав, влеговме во нејзина антиквизација, а со тоа направивме карикатурален Франкенштајн, од кој и денес не можеме да излеземе. Јас сум убеден дека и нашите какви-такви, смешни (квази)историчари, се на јасно што тоа значела, претставувала и за што се борела Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), но поради комфорната зона не сакаат јавно да излезат и да ја образложат нејзината улога.

Затоа денес имаме луѓе што отворено го мразат најголемиот водач на ВМРО, Иван Михајлов, сметајќи го за „фашист, колаборационист на Хитлер“, најголем предавник на македонската кауза, а го воспеваат Величко Димитров Керин, попознат како Владо Черноземски, како македонски херој и патриот кој го извршил атентатот врз југословенскиот престолонаследник Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, бидејќи се борел за слободата на Македонија. Тотална лудост!


 

На историската вистина мораме да ѝ погледнеме в очи!

За оваа психосоматска состојба и идеолошко-историски казамат, дијагноза и лек и да станат од гроб не наоѓаат ниту Зигмунд Фројд и Карл Јунг заедно. И за ова се виновни сите македонски историчари, универзитетски тетки-професорки кои замотани во вергините од овој народ и неговото поимање за сопствената историја направија карикатура со која се потсмеваат сите. За нашата историја, нејзината рехабилитација, нејзиното правилно толкување со сите историски темни петна и историски настани и дела кои не ни одат во прилог, ние како созреана нација треба наново да дискутираме и да ја реоцениме. Најмалку како притисок и барање на Бугарите.

Зошто соочувањето со вистината колку и да е болно понекогаш, секогаш е подобредојдено одошто да живеете вечно во фантазмагории, лаги и митови кои немаат допирна точка со реалноста. Никогаш не е ни доцна да се почне со тоа. Процесот треба да биде една национална катарза (емоционално прочистување), од децениски напластените историски фрустрации, комплекси и трауми кои нашата историографска наука можеби и намерно ни ги всадила во главите: дека сме постојани жртви на меѓународните заговори, на Великите сили, и дека нас никој не нè сака, односно дека работи на наше уништување. Или што би рекле експертите на чело со најголемиот од МАНУ: сакаат да го истребат македонизмот. А тој не само што треба да се истреби, туку со сите можни историски факти треба да се побие и да се негира како таков за да не им се дава ни грам аргумент на бугарските националистички шовинисти дека сме нација-на-вештачки инженеринг, произлезена од лабораторијата на Коминтерната и Москва, со содејство на другарот и маршал Тито.



Слики: Deedee Cheriel

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото