Четиридневната работна недела во Британија: посреќни, поздрави и поефикасни работници?

03.08.2022 14:11
Четиридневната работна недела во Британија: посреќни, поздрави и поефикасни работници?

 

Многу од вработените кои работеле четири наместо пет работни дена во изминатите недели во Британија, известуваат дека се поодморени и позадоволни, дека успеваат подобро да се справат со семејните обврски и со негата и грижата за другите членови на семејството, а некои успеале и да се посветат на рекреација, спорт и хоби.

Впечатоците не се лоши ниту кај дел од работодавците. Извршната директорка на една лондонска компанија објасни за Си-Ен-Ен дека било тешко да се реорганизира работата во првите неколку недели, но дека во меѓувреме успеале, првенствено со намалување на времето дозволено за внатрешни и надворешни состаноци и дозволувајќи им на вработените да означат кога се концентрираат на работата и не сакаат да бидат вознемирувани од другите. Сличен метод применува и една козметичка компанија, чии вработени се согласиле да ги игнорираат мејловите, повиците и деловните разговори два часа наутро и два часа попладне:

Канцеларијата започна да наликува на библиотека, сите само ја спуштаат главата и си ја завршуваат работата“, изјави директорот за Си-Ен-Ен.

Да потсетиме, во средината на јануари во Велика Британија започна шестмесечно тестирање на четиридневната работна недела. Во досега најголемиот тест од ваков тип, учествуваат повеќе од три илјади вработени во седумдесетина компании. Вработените се должни во четири работни дена да постигнат продуктивност што вообичаено ја остваруваат за пет, а висината на нивната плата не им се менува.

Кампањата за скратување на работната недела и пробниот период во Велика Британија ја организираше 4 Day Week Global во соработка со организациите Autonomy и 4 Day Week UK Campaign, со помош на истражувачи од универзитетите во Кембриџ, Оксфорд и Бостон. Организаторите на кампањата на компаниите-учеснички им обезбедија едукативни работилници и писмени материјали со цел да им помогнат да се прилагодат на новото работно време.

4 Day Week Global претходно покрена слични кампањи во Ирска, САД, Австралија, Канада и Нов Зеланд. Досегашните истражувања покажуваат дека четиридневната работна недела би можела позитивно да влијае на работната продуктивност, барем во некои индустрии, и би можела да им помогне на вработените да ги балансираат работата и приватниот живот и да го подобрат своето физичко и ментално здравје. Имено, една од причините за покревање вакви проекти во (пост)пандемискиот период е и високиот процент на ментално преоптоварување со работата што го пријавиле работниците. Истражувањето спроведено од агенцијата McKinsey на примерок од 5.000 работници ширум светот покажа дека речиси половината ги пријавуваат повеќето симптоми на „прегорување“, ментална и физичка исцрпеност од нивните должности.

Доколку ваквите експерименти продолжат да даваат добри резултати, четиридневната работна недела би можела да стане дел од законодавството на понапредните земји.

Извор: Masina