Идејата на НАСА за создавање храна од чист воздух, може да нахрани милиони луѓе

03.08.2022 15:14
Идејата на НАСА за создавање храна од чист воздух, може да нахрани милиони луѓе

Секако дека не е возможно да се направи храна од чист воздух. Па... излегува дека е возможно. Компанија од Финска, Solar Foods, донесе на пазарот нов протеински прав, наречен Solein, направен од CO₂ (јаглерод диоксид), вода и електрична енергија. Тоа е високопротеинска состојка слична на брашно, која содржи 50 проценти протеини, 5-10 проценти масти и 20-25 проценти јаглехидрати. Наводно, изгледа и има вкус на пченично брашно и може да стане состојка во широк спектар на прехранбени производи, прво појавувајќи се во продавниците како состојка во протеински шејкови и јогурти.

Тоа би можело да биде возбудлив развој: процесот на производство на Solein е јаглеродно неутрален и потенцијалот за приспособување изгледа неограничен - ако ништо друго, имаме премногу CO₂.

Сериозно одржливо

Solar Foods го произведува Solein со екстракција на CO₂ од воздухот користејќи технологија за фаќање јаглерод, а потоа го комбинира со вода, хранливи материи и витамини, користејќи 100 проценти обновлива сончева енергија од партнерот Fortum. На тој начин промовира природен процес на ферментација сличен на оној со кој се произведуваат квасец и бактерии на млечна киселина.

Кога компанијата тврди дека нејзиниот едноклеточен протеин е „без земјоделски ограничувања“, тоа сериозно го мисли. Бидејќи се произведува во затворен простор, Solar Foods не зависи од обработливо земјиште, вода (т.е. дожд) ниту поволни временски услови.

Компанијата веќе работи со Европската вселенска агенција за развој на храна за производство и потрошувачка надвор од планетата. (Идејата за Solein всушност започна во НАСА.) Тие, исто така, гледаат потенцијал во носењето на производството на протеини во области чии климатски или земјишни услови го оневозможуваат конвенционалното земјоделство.

И да не заборавиме на плескавиците без говедско месо врз основа на протеини од грашок и соја кои моментално добиваат на популарност. Еколошкиот предизвик за зголемување на понудата на тие растенија за да се задоволи големата побарувачка за нив, може да обезбеди простор за целосно обновливиот Solein. Имено, компанијата би можела на компаниите кои произведуваат „месо“ без животнинско потекло, како што се Beyond Meat и Impossible Foods, да им обезбеди начин за дополнително намалување на нивното влијание врз животната средина.

Поголемото ветување

Влијанието на индустриите за говедско месо - и во таа смисла, за живина, свинско месо и риба - на нашата планета е широко препознаено како еден од главните двигатели зад климатските промени, загадувањето, губењето на живеалиштата и болестите отпорна на антибиотици. Од сечењето на дождовните шуми за пасишта за стока, преку фабричкото одгледување на добиток и растенија, нарушувањето на синџирот на исхрана во морињата, до прекумерната употреба на антибиотици кај животните што се користат за храна, тоа се покажа катастрофално.

Појавата на ветувачки извор на протеини добиен од две од најобновливите нешта што ги имаме, CO₂ и сончевата светлина, не’ извлекува од бизнисот на уништување на планетата и истовремено нуди ветување за стабилно, долгорочно решение за една од најфундаменталните нутритивни потреби во светот.

Моментално функционира пилот-фабрика која работи на хидро-енергија, а изградбата на првата фабрика од големи размери започна на крајот на 2021 година. Таа ќе биде сто пати поголема од пилот-фабриката и се очекува да произведува четири милиони оброци Solein годишно, кога ќе почне да работи, во првата половина на 2023 година.

Извор: BigThink

 

ОкоБоли главаВицФото