1018 hPa
70 %

4 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 20:59
Во пресрет на Скопскиот поетски фестивал (СПФ) што годинава по втор пат ќе се одржи од 29 август до 1 септември во Младинскиот културен центар, организаторите најавуваат и натпреварувачки настан во поетско читање.
„Отскочна даска“ е поетско читање што ќе ги собере сите млади, надежни, познати или помалку познати поети и поетеси од домашната книжевна сцена, се наведува во најавата за настанот.
Како предвесник на претстојниот Скопски поетски фестивал, настанот со натпреварувачки карактер е наменет за поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.
Организаторите соопштуваат дека победникот ќе се претстави на отворањето на фестивалот.
„Ние ќе ги избереме учесниците, а тие ќе си го одберат победникот што ќе отскокне до отворањето на второто издание на СПФ, на 30 септември во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе чита заедно со другите учесници на фестивалот“, велат од таму.
Сите заинтересирани што го исполнуваат критериумот за возраст, најдоцна до 10 август треба да испратат две нивни песни на е-адресата:contact@spf.mk.
Во најавата пишува дека имињата на одбраните натпреварувачи ќе бидат објавени на официјалните Фејсбук и Инстаграм страници на фестивалот, а читањето ќе се одржи во кафе книжарницата „Буква“ на 29 август, со почеток од 20 часот.
Фестивалот е во поддршка од Град Скопје, кафе-книжарница „Буква“ и Младинскиот културен центар-Скопје.