Воспитување, училиште и аниме

04.08.2022 18:45
Воспитување, училиште и аниме

Еден, денес анонимен, корисник на Реддит своевремено совршено сумираше: „Речиси е извесно дека анимето, освен ако не се одвива во некој вид фантастичен свет, ќе биде сместено во средно училиште“. На прв поглед не изненадува фактот што протагонист(к)ите во огромен дел од јапонските цртани се средношколки и средношколци, бидејќи значителен дел од нивната целна публика е на средношколска возраст. Па сепак, опсесијата на аниме и манга со средношколскиот живот повеќекратно го надминува уделот што ѝ се припишува на средношколската публика со доминантната категоризација на овие жанрови по родови и возрасни групи - дури и ако го игнорираме фактот дека оваа категоризација не го одразува вистинскиот состав на гледачката и читателската публика. И безброј серии кои се водат како seinen или josei (аниме/манга за мажи одноно жени, соодветно, постари од 18 години) се случуваат во средношколски амбиент. Психолошки трилер, црна комедија, романтична комедија, комедија на апсурдот, хорор, научна фантастика – без разлика за кој жанр се работи, шансите приказната да се одвива во средношколски тоналитет се огромни, дури и ако таквиот избор во однос на заплетот изгледа сосем немотивирано. Едноставно: дури и кога се кочопери со ознаката mature, анимето ретко матурира.

Од оваа страна на Атлатскиот океан, наведената фиксација може да изгледа чудно. Многу од моите врсници и врснички, на пример, немаат нималку идилични сеќавања од средно: дури и ако училиштето не им било ноќна мора (како што беше за авторот на овие редови) враќањето во училишните клупи не им звучи нужно бајковидно. Премисата на Tokyo Revengers или RE: Life, чии протагонисти се транспортирани назад низ времето во средно училиште, ним им делува повеќе како хорор, а помалку како романтична авантура. Во Јапонија, сепак, работите се малку поинакви. За огромен број Јапонци и Јапонки средното училиште е време на најубави спомени, период кој во остатокот од животот го паметат со посебна носталгија. Некои од изворите на тој масовен сентимент убедливо ги интерпретираше јутјуберот The Pendatic Romantic (TPR) во своето видео за средношколските мотиви во аниме филмовите. Тегобната реалност на светот на работата во Јапонија – или, макотрпната работа од утро до мрак како начин да се оправда своето постоење и да се докаже сопствената вредност за заедницата – за повеќето луѓе не остава многу простор за сонување. Наспроти перспективата на бескрајните прекувремени часови, во безличните погони на компаниите кои поставуваат заштитни мрежи на зградите за да спречат самоубиства на вработените, средното училиште, посочува ТПР, делува како период богат со можности и широко отворени хоризонти. Притоа, фактот дека јапонскиот училишен систем е всушност многу строг и захтевен е од второстепеа важност: на дело е носталгијата за доживување на свет во кој барем привремено постои можност да се биде свој/а.

Great Teacher Onizuka

Објаснувањето на TPR би го проширил со уште две ставки. Пред се’, ми се чини дека во случајот со анимето и воопшто јапонската популарна култура, средношколската атмосфера ветува заедничко искуство: во секојдневниот живот, каде комбинацијата на немилосрдното капиталистичко забрзување и многу рестриктивните кодови на однесување и комуникации човечкото суштество за миг го претвора во изолиран остров, средното училиште се укажува како точка во која, макар накратко, се вкрстуваат милиони диспаритетни, осамени животи. Секој е несреќен на сопствен начин, но речиси секој носел училишна униформа, собирал храброст да ја покани симпатијата на нудли, присуствувал на фестивал во чест на летото или бил на екскурзија на некој од јапонските острови - искуства кои, дури и ако не биле придружени со најсветли емоции, во перспектива на радикалното отуѓување, стануваат утешни спомени и ги поврзуваат луѓето.

Втората точка, која е тесно поврзана со првата, се однесува на фактот дека прокламираната цел и идеалот на јапонското средно образование е првенствено градење на карактерот (а дури потоа стекнување знаење и компетентност). Имено, средното училиште се доживува како еден вид погон во кој се обликува личноста, нејзините моралните вредности и темпераментот, доживувањето на самата себе и на светот, што ќе ги задржи низ животот. Не е невообичаено средношколците и средношколките во аниме филмовите да изразуваат изградени и аргументирани ставови за светот, општеството и меѓучовечките односи; средното училиште, за возврат, очекува од нив навистина да функционираат како мали возрасни. Архетипот на неверојатно стар-малиот средношколец никако не е ендемичен за медиумот на аниме: доволно е да се прелистаат глобалните бестселери на Харуки Мураками. Накратко, додека повеќето возрасни од оваа страна на Атлантикот сопствената средношколската верзија би ја опишале како будалеста и незрела, Јапонците и Јапонките средното училиште масовно го гледаат како формативен период на сопственото битие - точка во која ги освестиле и ги зајакнале сопствените уверувања, принципи и светогледи.

Понатаму, една од клучните теми на мангата и анимето е образованието - во широката смисла на формирање или Bildung. Основата на наративната структура на шунен (манга/аниме за момчиња и помлади адолесценти) по правило се состои од развојниот пат на јунакот – некоја варијација на познатата парадигма „патот на херојот“ опишана од антропологот Џозеф Кемпбел. Фразата „Сакам да бидам најдобриот _____ на светот“ – каде наместо празната линија може да се впише што било од „пират“ и „нинџа“ до „сликар“ или „готвач“ – е типична и често пародирана мотивација на протагонистот на шунен анимето. Приказната за ликот, често анти-фаворит и маргиналец, кој комбинирајќи напорна работа, учење и обука од една страна, и неочекувано откриениот талент од друга страна, совладува еден предизвик по друг на неочекуваниот пат до врвот, веројатно ужива универзална привлечност. Најпосле, шунен филмовите како Naruto, One Piece или Dragon Ball се едни од најпопуларните аниме на глобално ниво; Кемпбел, од друга страна, на парадигмата „патот на херојот“ ѝ припишува архетипска структура. Па сепак, во основното значење на Bildung за наративната структура на анимето, тешко ми е да не го видам копнежот за социјална мобилност и за отфрлање на улогата што општеството однапред ни ја скроило – потфати кои веројатно никаде не се „мачкина кашлица“, но кои во јапонскиот контекст делуваат особено неизводливо. Притоа, како што потсетуваат авторите на францускиот подкаст за манга 5ème de couv во епизодата за кодовите на шунен, не е случајно што пркосењето на социјалните очекувања фигурира како основна тема на мангата и анимето „за момчиња“: дури и во општество како јапонското, на момчињата сепак им е „дозволено да имаат соништа“, додека за нивните врснички тоа, општо земено, не е случај.

Така, на една страна, постои непрегледна, жанровски и тематско-мотивски крајно хетерогена маса на аниме филмови сместени во средно училиште (без разлика дали тој избор е наративно оправдан или не). На друга страна, постои подеднакво шаренолико мноштво на аниме кои зборуваат за формирањето, Bildung, патот низ трњето до ѕвездите. Овие две категории понекогаш се вкрстуваат, но тие средби произлегуваат повеќе од наративна инерција отколку од внатрешна потреба: училиштето е тука најчесто присутно како „зихерашки“ одбрана атмосфера, додека самата приказна што ја следиме зборува за некој друг вид на формирање. Иако може да се претпостави спротивното, аниме филмовите кои го тематизираат школството, т.е. институцијата на школото заедно со поврзаните апарати и процеси, се всушност изненадувачки ретки. Речиси се добива впечаток дека општото прифаќање на средното училиште како амбиент и позадина за најневеројатни раскажувачки заплети го потиснува справувањето со сè што вообичаено се случува во него. Меѓутоа, тогаш кога анимето сепак одлучува да се занимава со училиштето - резултатите се по правило фасцинантни.

Assassination Classroom

Деликвенти, монструми, професори

Great Teacher Onizuka (GTO) е некој вид Друштво на мртвите поети на стероиди. Оваа серија од 1999/2000 година, базирана на мангата на Тоору Фуџисава, која се објавува од 1997 до денес, низ разни спин-офи, продолженија и пред-продолженија, всушност тргнува од шаблонот на шунен. GTO го следи дваесет и двегодишниот Еикичи Онизука, жива легенда на токиската босозоку сцена, деликвент и кавгаџија кој има сон: да стане најголемиот средношколски професор во Јапонија. Мотивацијата на Онизука потекнува помалку од педагошки амбиции, а повеќе од неговата фиксација на слатки средношколки и фантазијата дека наставничката позиција ќе му овозможи да има млада и силна сопруга која ќе се грижи за него кога еден ден ќе биде стар и немоќен. Поради сплет на околности, тој навистина завршува како професор и класен раководител во престижно средно училиште, но класот што му го доделуваат е озлогласениот III-4 – одделение полно со разгалени и пакосни буржујски деца кои веќе низа класни раководители довеле до самоубиство или нервен слом. Кога пред нив се појавува тој навидум мрзлив и невнимателен човек, екипата од III-4 помислува дека в раце им паднал најлесниот плен на светот. Се разбира, тие немаат поим во што се впуштаат. Навидум во отворена војна со учениците и ученичките, Онизука всушност постепено ја стекнува нивната доверба: притоа, наместо да ги следи обрасците на комуникација однапред пропишани со хиерархиите во училниците, тој на секој/а ученик/ча му/ѝ пристапува лично, без патронизирање, како еднаква мислечка индивидуа. Гледачите, заедно со одделението III-4, постепено откриваат дека Онизука не е само неверојатно талентиран и креативен наставник и педагог, туку и далеку поморална и подоверлива личност од повеќето „легитимни“ професори и грижливи родители.

Ansatsu Kyōshitsu или Assassination Classroom од 2015 година, снимен според мангата на Јусеи Мацуи, тргнува од уште поекстравагантна премиса. Хуманоиден октопод од непознато потекло, навидум неранлив, но и врвно интелигентен, уништил парче од Месечината и објавил дека ќе ја дезинтегрира Земјата за една година. Меѓутоа, најпрво, во тој рок, ќе му даде можност на човештвото да се обиде да го ликвидира како знае и умее... така што ќе предава во средно училиште во Јапонија. Суштеството, на сопствено барање, презема едно специфично одделение, III-E, исто така „проблематично“, но на поинаков начин од она III-4 на Онизука: во него се сместени ученици/чки кои се сметаат за недоволно способни и талентирани за имиџот и стандардите на училиштето, кое котира како елитно . Бидејќи се работи за одделение на „отпишани“ деца, јапонските власти заедно со училишната управа со мирна совест работат децата во тоа одделение да ги претворат во убијци, кои ќе го уништат мистериозниот напаѓач пред тој да ја уништи човечката раса. Во таа обука ентузијастично се вклучува и самиот Коро-сенсеи, како што студентите наскоро ќе го наречат суштеството (игра со зборови што грубо може да се преведе како „професор Неуништлив“). Тој ги подучува математика, хемија, класична кинеска поезија и вештини за атентат; одделението слуша, учи, дискутира, се противи и попатно се обидува да дојде до главата на професорот со се’ покреативни планови и фантазии. Но, додека неуспешно се обидуваат да го убијат Коро-сенсеи, учениците напредуваат, се развиваат и се еманципираат: неортодоксните методи на нивниот професор и лудото опкружување што го воспоставува се покажуваат како неверојатно успешни дури и за совладување на стандардниот материјал. Во манир кој е како препишан од прирачник за критичка педагогија на трагот на Паоло Фреире, тие и симболички го убиваат професорот и учествуваат во бавното обликување на една поинаква, послободна и порамноправна училница.

Great Teacher Onizuka

Неочекуваниот реализам на гротеската

И Онизука и Assassination Classroom го преиспитуваат образованието со истрајност и креативност што не се среќава често во јапонската, но ниту во западната популарна култура. Не само што двете серии нагласено ги истражуваат темите како што се врсничкото насилство, депресијата, репресивноста на училишниот систем и општествените норми воопшто – тоа сепак, до одреден степен, го прават и многу други аниме – дополнително, преку фигурите на наставниците тие ја доведуваат во прашање самата структура на системот. И Онизука и Коро-сенсеи ја предизвикуваат хиерархиската структура на училницата: темелната разлика помеѓу оние кои знаат и подучуваат од една страна, и оние кои пасивно примаат знаење од друга страна; и двајцата им пристапуваат на учениците како на еднакви на себе, а со своите ексцентрични методи сето време ја демистифицираат позицијата на професорот како сопственик на знаењето. Така што, уште на почетокот отрфрлајќи ги идеите што општеството од мали ни ги всадило за тоа што е и што треба да бидат училиштето, образованието и меѓучовечките односи, и двајцата успеваат во навидум невозможните мисии: Онизука се спријателува со „дивото“ одделение, а Коро-сенсеи му помага на своето одделение да се пласираат во врвот на училиштето со своите резултати.

Би рекол дека и во двата случаи токму апсурдноста на премисата – семоќен човек-октопод кој планира да ја разнесе Земјата на парчиња, односно, поранешен мотоциклист, отпадник и воајер во улога на педагог – допушта овие аниме да одат толку далеку во своето преиспитување на наметнатите обрасци. Понирајќи во бизарното и гротескното, во слепстик комедија и комедија на апсурдот, значи со оддалечување од реалистичните кодови на „сериозен“ и „одговорен“ пристап кон една толку голема тема како што е образованието, Онизука и Assassination Classroom всушност за своите теми зборуваат на болно реалистичен начин. Исто така, токму поради тоа што потекнува од земја чијшто училишен систем ни дозволува, без да си ги фарбаме очите со пароли за поинакво образование, да ја видиме на дело суровоста на училиштето како такво, анимето е можеби во состојба порадикално да го проблематизира училиштето отколку што тоа го можат наративните форми создадени во земјите на образовни системи со човечки лик. Освен во двата случаи кои ги дискутиравме, аргументи за таквата теза може да се најдат во цела низа на разни аниме, кои не се занимаваат директно со школството, но отворено конфронтираат некои негови аспекти – Gakkougurashi!, Another и Classroom of the Elite се само неколку примери што ми паѓаат на ум. За уметничка конфронтација со сеприсутниот општествен диспозитив на „банкарското образование“ (Фреире), можеби нема посоодветен визуелен и наративен репертоар од оној што во својот делириум го создава јапонската анимација.

Извор: Kulturpunkt

ОкоБоли главаВицФото