Досадните бустери

05.08.2022 02:43
Досадни бустери

За време на пандемијата, со брзина без преседан, направени се неколку исклучително ефикасни вакцини. Во третата фаза на клиничките испитувања, иРНК вакцините покажаа ефикасност од 94-95 проценти во превенција на симптоматски инфекции. Кога почна широката примена, податоците од практиката ги корегираа податоците за ефикасноста на иРНК вакцините на околу 90 проценти. А потоа вирусот мутираше. Бран по бран нови варијанти со поголема преносливост и моќ на вирусот да го избегне постоечкиот имунитет, ја доведоа во прашање делотворноста на вакцините во заштита од заразување. Мутациите исто така ја намалија ефикасноста на примарната серија иРНК вакцини (две дози) во спречување на хоспитализација и смрт. Со појавата на варијантата Омикрон скратен е периодот на заштита која ја пружа заштитата. Многумина ги следат овие податоци и се прашуваат каква е целта на вакцинацијата воопшто, ако тоа нема да спречи симптоматски инфекции, а заштитата не е долготрајна. Меѓутоа, не може да се очекува силна заштита од примарната серија на која било вакцина, а нашите општества поставија превисока скала на прифатлив број дози вакцини против ковид-19. Треба да ја прифатиме реалноста на повторување на бустер дозите и големата корист што ја имаме од нив.

Вакцини против разни заразни болести се даваат во повеќе дози: тоа е очигледно уште од календарот за вакцинација на децата. Вообичаено до 18-тата година се примаат по 5 дози (дифтерија/тетанус/голема кашлица), 4 дози (хемофилус инфлуенца тип Б, пнеумококен коњугат, инактивиран полиовирус) и 3 дози (хепатитис Б). Таквата програма е неопходна за достигнување ефикасна заштита и целосен имунитет. Кај возрасните многу од овие вакцини бараат периодични бустери за одржување на имунитетот. За вирусот на грипот вакцинацијата се врши секоја година одново, без оглед на возраста. И никој не се жали што мора да прими шеесетта доза вакцина против грип. Така треба да им пристапиме и на вакцините против ковид-19.

Зошто ни се потребни дополнителни дози? Примарната серија вакцини иницира имун одговор ангажирајќи ги лимфоцитите, бели крвни зрнца кои ги откриваат специфичните карактеристики на патогенот, се размножуваат и пренесуваат инструкции за елиминација на патогенот. Повеќето од овие клетки исчезнуваат постепено, освен малите подгрупи клетки кои нашето тело ги чува за идна употерба. Овие „мемориски клетки“ се одговорни за долготраен имунитет на одреден патоген. Дополнителните дози ги стимулираат овие мемориски лимфоцити брзо да се размножат и да создадат уште поефикасна одбрана. Бустерот исто така ги избира и таканаречените Б клетки кои лачат антитела кои се уште подобри во врзрувањето и блокирањето на инфекцијата и ширењето на вирусот.

Примарната серија вакцини е како средно училиште за лимфоцитите, каде клетките добиваат основни инструкции за патогенот. Потоа, бустерите служат како колеџ каде лимфоцитите се образуваат дополнително за да станат повешти и позрели за борба против идни инфекции. Повремено, на нашите дипломци им е потребно освежување преку дополнителни дози кои се примаат подоцна во животот. Така е со сите вакцини. Бустер дозите на имуниот систем му го обезбедуваат неопходното образование за да се спречат потешки случаи на болест од инфекции.

Вакцинацијата против ковид-19 бара дополнителни дози од истите причини. Мораме да ги тренираме, одржуваме и унапредуваме реакциите на нашите Т и Б клетки за да спречиме тешки форми на болеста. На луѓето кои ја примиле примарната серија вакцни, бустерите значајно им помагаат во спречување на хоспитализација и смрт. Податоците за САД од април 2022 година зборуваат за ризик од смрт кај постарите од 50 години во споредба со луѓето кои примиле два или повеќе бустери: 38 пати е поголем ризикот кај оние кои не примиле ниедна вакцина, 6 пати поголем кај оние кои ја примиле само примарната серија (без дополнителна доза) и 4 пати поголем кај оние кои примиле една дополнителна доза. Во периодот во кој доминира варијантата Омикрон, дополнителната доза обезбеди заштита од хоспитализација дури и кај претходно заразените луѓе, постари или помлади од 65 години. Кај децата и адолесцентите примарната серија (две дози) беше помалку ефикасна во превенција на ургентни интервенции во врска со ковид-19 за време на омикронскиот бран во споредба со периодот на варијантата Делта. Имунитетот од примарната вакцинација исто така опаѓа со текот на времето. Меѓу адолесцентите на возраст од 16 до 17 години не е откриена значителна заштита по повеќе од 5 месеци по втората доза. Меѓутоа, во оваа возрасна група третата дополнителна доза ја врати ефикасноста на вакцините на 81 процент. Очигледна е користа од дополнителната доза за широк спектар старосни групи кои се проучувани досега.

Дали дополнителната вакцинација може да биде подобра? Апсолутно. Потребни ни се бројни бустери кои обезбедуваат потрајна заштита, кои се ефикасни против новите варијанти и кои подобро ја спречуваат инфекцијата и го блокираат преносот. На пример, во актуелниот бран на Омикрон имунитетската заштита од бустерот се губи во рок од 4 до 6 месеци. Потребни ни се стратегии за вакцинација кои пружаат потрајна заштита. Сега се работи на бустери кои одговараат на варијантата БА.5 на Омикрон, што би требало да обезбедат подобра заштита од онаа што ја пружаа бустерите засновани на оригиналниот сој на вирусот. Меѓутоа, заради фактот што вирусот мутира брзо, ќе ни бидат потребни бустери кои можат да ги покријат не само постоечките, туку и идните загрижувачки варијанти.

Очекуваме развој на бустери кои делуваат против широкиот спектар варијанти на вирусот САРС КоВ-2, како и против другите коронавируси кои можат да бидат причинители на идни епидемии. Коронавирусите повеќепати во историјата преминувале од животни на луѓе, а тоа предизвикувало пандемии. Идеалните бустери би требало да бидат во форма на спреј за нос за да се обезбеди локална имунитетска заштита на слузокожата, што ги редуцира инфекцијата и трансмисијата на местото на влегување на вирусот. Од подобрите бустери очекуваме и да го намалат ризикот од продолжен ковид. Најпосле, потребни ни се и подобри стратегии за имунизација, за што поголем број луѓе ширум светот да бидат опфатени со заштита. Бустерот во вид на спреј за нос кој се продава без рецепт може да нè приближи кон таа цел.

Истражувачите и индустријата забрзано работат на развој на вакцини од следната генерација, како што работеа на постоечките вакцини кои за време на оваа пандемија спасија повеќе од 14 милиони животи. Додека не пристигнат нови унапредени вакцини, постоечките бустери ќе го ажурираат нашиот имунитетски систем за претстојната зимска сезона.

 

Авторите се професори на медицинскиот факултет на универзитетот Јеил.

 

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://time.com/