Љубовта на Марија од Магдала

10.08.2022 13:05
Љубовта на Марија од Магдала

 

Tајната на една поинаква жена


Разуздан е
Овој стих
Штом во него
Мир немам
Никој не го кротел
Како што го кротам
Јас
Овој женски немир
Од памтивек
Даден
А сепак толку
Непосреден
За допир и така
Жив
Како најмодерна сложувалка
За немушто дете

Како да дрочам
Тајна
Што се нарекла себеси
Вечна
Онаа тајна
За една жена
Како мене
Како тебе
Како неа
И како многу други
Владетелки
На крвни жедби
Заколнати на светост
Коленичарки
Пред стамени нозе
Кои мирисаат
На миро

Ах
Не ми е првпат
Да се дружам
Со сличните на нив
Да мијам
И тријам
Светителски
Ножни прсти
И во водата
Да видам
Талог од црвена кал
Со самотничка реа
Како талог
Од утринското кафе
На домаќинките
Во кои се огледала
Судбата
На еден сосем обичен
Невоспеан живот
На едно бескрајно леунство
На гувеење
Забрадено во зборови

Ми додеа
Да стојам простум
И да чистам талози
Со овие нежни прсти
Наменети за милување
На ’рбетот
На профетот ми
Страсен
За да му го вратам срцето
На место
Главата врз рамениците
Духот
Во крвните коридори
Малку ли е
Сето ова?
Оваа метанија
Врз дребното му тело
Да му даде сила
За да не пропелтечи
Додека слуша и гледа
Смрливи бајки
Што се промовираат
На депонии
Бајки
Каде главната улога
Секогаш им е доделена
На овие
Распопени бездомници
Принудни распарталени
Кралеви
На земјата
Во која каменот
Е истовремено
И леб
И перниче
За под глава

Да беше ти
На неговото место
Ќе изгаснеше ли
Овој оган
Што Тој
Им го даде?

 

Вистина и Имагинација?


Кога бев девојче
Имав бесрамна смелост
Да си замислам
Дека тебе Марија
Од Магдала
Тој ти беше
Најпрвиот
Љубовен кладенец
На мечтите ти
А потоа
Беспоштедна беше
Онаа логика
Каде Ве замислив
Како вљубен пар
Со нектар од страсти
Што ви ги потпалува утробите
Како единствен
Вистински дом
Во кој живее љубовта
Некако знам
Дека му имаш плетено
Венец од маргаритки
Додека Тој
Ти ја милувал мекоста
Со мирис
На Маслинова гора
И ирисот му солзел
Од ревносен повтеж
Додека ги гледал
Низ копрена милост
Твоите брадавици
Маслинки со сјај
Непознат
За ниту една
Нему знајна
Небеска прелест

Убав момчак
Ветен за другите
Ама ти
Само за себе го посака
А ниту кожата му
Не ја одби твојата
Разорна милност
Да
Бездруго
Љубовници смерни
Што таеле љубов
Под глогова покривка

 

Откажување

 

Како да се откажеш
Од земска љубов
Кон Месија
Ама и од сопствената
Светечка круна
Жртвата ти
Ништо помала
Од неговата
И блудност измислија
За љубовната верност
Твоја
И светост
Што ќе те спаси
Од истата
Само за да не биде
Вашата
Љубов

 

Небески свекор


Ах тој твој
Небески свекор
Чудесно сценарио истка
За да те заштити тебе
И чедото му
Засигурно
Бил сведок
На тајна свадба
И уште потајни средби
Што сведочеле
За најубавата
Невестинска одежда
И најпосакуваниот
Младоженец
Сигурно знаеш
Колку жени
Несвесно
Го посакаа
Во скришните одаи
И уште двојно повеќе
Тоа го порекнаа
И ги ги сушеа
Понизно
Своите непристојни жедби
Со износените партали
На свеста
Месија е само оној
Што е љубезен
Милозвук
Населен во дамарот
На сите жени
Пример
За борбеност
Само за љубов смела

Ти прва
Тајна му намириса
И токму затоа
Небескиот ти свекор
На својот олтар те донел лично
А воедно
И твој татко
И твој исповедник
И дедо таен
На вашите чеда
Оти мораше да се скрие
Ваквата љубов
И сите нејзини
Неотповикливи камбани
За да не се насрди
Темниот
За да не се коти
Дива човечка срџба
Суета на човечка лика
Која би бакнала светост
Со црвјосан кармин
За да не се дрочат
Месождерски билки
Од утробите
На неродилките
На несудените
Невести
Во црни
Нељубовни одежди
Твојот небески свекор
Ти дари
Божилак
Од благодет
Ама секогаш после твојот
Дожд од солзи
Таква ти е судбата
Ти му донесе чеиз
Од потомци
Само нему слични
Сеуште се кријат
Сеуште не дошло
Нивното време
Без име
Без пасош
Без знаена лика
Нивната душа е пештера
Што еден ден
Ќе стане дом
На осамениците
Друштво на самотниците
Утеха за бедните
Страдните
Непожелните
Колку ли
Ќе им биде
Лична
Нивната карта
За влез
Во еден поинаков свет
Токму на твоите чеда
Марија од Магдала
И на неговиот
Единствен син
Твојот небески свекор
Мораше да се откаже
Од дедовата ролја
Оти татко немал
Само свој творец
И утешител
Со душевна руба
На сетатко
Убедена сум
Дека еден ден
Ќе си ги побара
Своите внуци
Во дремежот
На вековите
Тие се
Секогаш
Будни

 

Твојата земска свекрва

Со радост
На мајка
Која некогаш
Од маж
Љубена била
Сетила таа
И прелест
И прелична слика
Помеѓу две стебленца
Во љубовен преграб
Во едното си го препозна синот
Во другото
Твојата женска
Спремност зрела
Тајност и беше дадена
Како ука
И намера света
За седото и
Сетики
Ќе беше посреќна
Да им даде крепост
На поинакви
Тајни вечери
Во домот и
Ама нејзе
Кој ја праша?

Никој не ја праша
Ниту за влез
Во утробата и
Ниту за фантомското и
Мајчинство
Се испрпелка
Без збор
Во правта
На евангелието
И се забради
Предвреме
Всушност
Во нејзиното време
Немаше
Ниту минато
Ниту сегашност
Ниту иднина
Секако дека знаеше
Умно да сочува
Најубава тајна
За славата Ви
Свадбена
За потомците и
Токму таа
Ти објасни
Дека белата
Невестинска руба
Не е најзначајното нешто
Во твојот случај
Ти раскажа
За темниот пат
И светлото му значење
На љубениот ти
И те замоли
Да и станеш
Верна друшка
Во најсвечената и тага
По чедото

И ти
прифати

 

Виа кручис до повторната средба

 

Овојпат
Круната беше
Кај него
Знаеше
Дека е веќе ветен
За поинаков
Потфат
Но само за тебе
Светеше
Дури и крвта негова
Некако ветена
Во сета своја
Живост и боја
Само за тебе
И ти врвеше
До него
Го проколнуваше
Крстот му
А твојот крст
За никого видлив
И знаен
Ти бушеа уши
Очите се вџашија
Од болниот
Пладневен отсјај
Ти побеле
Темната одежда
Од прав
Ама и од
Надеж
Утроба
Ти благослови
И нешто во неа
Клоцаше смело
Сакаше
Да му дадеш ишарет
На најславниот
Страдалник
Твој скришен вереник
„Чедо... чедо ти носам
во утроба’’...
Одекнуваше
Меѓу ситните чекори
Врз суровата калдрма
Немушта
Како новороденче
Лиги ти течеа
Од радост
И од гадост
„Што ти сторија’’
Едвај успеа да му шепнеш
Те гледаше
Како да му е сеедно
Ама во мигот
Прелета гулаб
И му застана
На рамото
Како оној
Од неговата крштевка
Каде беше благословен
Од Св.Јован
Можеби беше
Истиот гулаб
Можеби брат негов
Но абер му пушти
Дека е татко
На тајно чедо
Кое никогаш
Да го предаде нема
А вражјиот светец
Се ке стори
Да го витоса
Со сопствена рака

Марија
Да знаше дека
Ваква судба те чека
Дали ќе сакаше
Да си одбереш
Младоженец
Сосем обичен
Световен
Со намера јасна
И нафака
Едноставна
Ах не верувам дека
Ќе беше токму така
Оти ти му вдахна
Светлост женска
На душата му
Од кадифе меко
Однатре душевен
Зар
Однадвор не баш
Во одежда лична
Сјаен трик
За да заблуди
Пилатови поколенија


Пред крстот


Признај
Не сакаше крст да гледаш
А најмалку
Љубениот ти
Господин
Во распојасена му
Интима
Со ништо слична
На онаа
Од вашите
Некрстени денови
Сепак
Проба
Да го замислиш
Како од првиот ден
Сосем блажено опуштен
Потпрен
Врз маслиново дрво
Рацете испружени
Како две гранки
Ама
Како да те чекаат
Само тебе
За прегратка
За миг
Посака да се втрчаш
Во неговиот преграб
Те задржаа
Рацете
На неговата мајка
Како да те одвраќаат
Од бездна
Од незнаена
Црна дупка
Која и тебе
Може да те голтне
Толку ти беше
За неверување
Онаа глетка
Неговите очни белки
Што се превртуваа
Како две топчиња
Без намера да ги сопре
Хумана рака
Оти навистина
Ништо хумано немаше
Околу него
Освен ти
Мајчица му
И таткото
Кој дивееше
Врз облаците
Од тага и немоќ
Иако се знаеше
Планот на моќта

Ти сепак
Повторно
Испружи
Невидливо рака
Папокот
Да му го допреш
За да ги загнездиш
Врз него
Занавек
Сите твои
Позеленети страсти
Токму таму
И врз градите му
Строги
Убави
Меки
Незаобиколно машки
Твоите солзи
Ја бришеа
Сета крвничка глетка
И двајцата светевте
Во намерата ви
Скришна
А безмерно болна
Ти
Ја затресе главата
Како што би сторила
Со есенските лисја
И го здогледа
Во сета
Сурова неминовност
Беше спремна
Ја погледна
Земската ти
Свекрва
На Богочовекот
Твој простодушен вереник
И климна
Со главата
Се се заврши
Останавте вие
Две жени
За двеилјади века
Нејзе и го препушти
В раце
Ти држеше ветер
Од здивот му

Мој си
Си рече
До скоро видување
Најмил


На воскрес

 

И ете
Виде празен гроб
А присуство сети
Поточно
Најпрвин го вдиша
Со ноздрите ти
Како во една од ноќите
Кога се мушна
Во пазувите му
И му напечати бакнеж
Тетоважа љубовна
За многу векови
Што следат
Таков мирис
На љубовта
И сега сети
И знаеше дека
Е тука
Дека е жив
Но со живост чудна
За останатите
Ти ја раскажа
Онаа добро позната приказна
За Воскресението му
Но за тебе беше
Само продолжение
На љубовен бескрај
Кој ти помогна
Да го породиш
Вашето чедо
Да
Тебе ти се јави
Твојот маж
Како после гурбет
Како благороден
Исрпен човек
Тукушто
Вратен од туѓина
Вратен кај друшката си
На животот свој
Интимник

Невидена глетка
За другите
Ама знаена
За тебе
За тебе
Никогаш не умре
Заради воскрес
Туку продолжи да живее
Во тајна љубов
Опеана со помош
На темјан
И љубовна плот
Небеска светост
Која подзела
И од земската светлина
И би
Светлина
И би
Љубов

Амин
За чедото Ви


Автори на сликите со Марија Магдалена (озгора удолу): Непознат холандски мајстор (околу 1500-1530), Domenico Fetti (1615),Ambrosius Benson (1532), Hans Memling (1475-80), Fra Angelico (1430-36), Artemisia Gentilischi (1622), Giacomo Galli (1620-1640), Pierre Puvis de Chavannes (1869), William Blake (1805)

 

Ирена Павлова - Де Одорико дипломирала и магистрирала Општа и компаративна книжевност во Скопје. Тезата е своевиден манифест под наслов: „Помеѓу автобиографијата и фикцијата или патот од автобиографското до психобиографското врз примери од творештвото на Силвија Плат, Радмила Трифуновска, Евгенија Шуплинова и Даница Ручигај“.
Работела како новинар во повеќе списанија и медии во сектор за култура, а со иста дејност се занимаваше и повеќе години во редакција за култура на ТВ Телма во Скопје.
Од 1999 до 2019 на македонски и италијански објавила десетина книги, главно поезија, две прозни книги и книга есеи.
Живее и работи во Венеција, Италија. Член е на Друштво на писатели на Македонија од 2001 година.
Нејзините песни се застапувани во многу наши и светски антологии.
Од 2015 активно твори, освен македонски, и на италијански јазик.

Слични содржини

Книжевност / Култура
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото