Започнува фестивалот на анимиран филм „Флипбук филм фестивал“

10.08.2022 14:48
Започнува фестивалот на анимиран филм „Флипбук филм фестивал“

Со проекција на повеќе од сто кратки авторски анимирани филмови утре (11 август) во Младинскиот културен центар Скопје започнува годинешното издание на „Флипбук Филм Фестивал“.

Првата вечер, како што се вели во најавата, е резервирана за селекција на филмови од најголемите фестивали за анимиран филм, а годинава ќе биде прикажано најдоброто од двата најголеми светски фестивали, „Анеси“ (Франција) и „Анимафест“ (Хрватска).

„Следните три вечери ќе бидат прикажани филмовите од главната селекција, студентската, селекцијата на анимиран документарен филм и селекција на анимирани музички спотови. Од пријавените повеќе од илјада наслови“, стои во соопштението.

Од организацијата најавуваат дека во главната селекција на годинешното издание ќе се прикажат филмовите „Steakhouse“ од словенечката режисерка Шпела Чадеж, „Saturation“ од хрватската режисерка Луција Бужанчиќ и англискиот филм „Hide“ од Данел Греј кои во изминатиот период беа оценети како најдобри европски анимирани филмови.

Во селекцијата на анимирани документарци ќе се прикажат „The Garbage Man“ на португалката Лаура Гонсалвес и „My father’s damn camera“ од српскиот режисер Милош Томиќ,. Студентската селекција ја предводат филмовите „Slouch“ и „Toothless“ и македонскиот анимиран филм „Torch“ од младиот автор Калин Маловски. Во селекцијата на анимирани музички спотови, меѓу останатите, ќе бидат прикажани и анимации од двајца македонски автори, Никола Дрвошанов и Филип Митров.

За одбирање на најдобрите филмови се формирани две жири комисии. Во состав на жирито на главната и селекцијата на анимирани музички видеа, како што информираа организаторите, се Себастијан Сперер, селекторот на фестивалот „Анеси“, Даниел Шуљиќ, уметничкиот директор на „Анимафест“ и Олга Бобровска, професорка по историја на анимиран филм во Краков и директорка на фестивалот „Стоптрик“.

Во жирито на анимирани документарци и студентски филмови членови се Педро Риверо, професор по сценарио за анимиран филм и директор на фестивалот „Анимаком“ во Билбао, Петрула Велјановска, програмски координатор на фестивалот за документарен филм „Македокс“ и Милан Милосављевиќ, директор на фестивалот „Балканима“ во Белград.

Во рамките на претстојниот четиридневен фестивал ќе се одржат неколку промоции на книги и работилници.

Уметничкиот директор Даниел Шуљиќ ќе ја претстави монографијата по повод 50 години од фестивалот „Анимафест“. Професорот по сценарио за анимиран филм, Педро Риверо ќе ја одржи работилницата „Storytelling for Animation“, директорот на фестивалот „Балканима“, Милан Милосављевиќ ќе ја промовира книгата со есеи за анимиран филм, „The Last Turn at Albuquerque“.

Понатаму, промоција на книга од областа на теоријата на анимираниот филм ќе има и полскиот теоретичар Михал Бобровски, а авторот на анимиран филм, Иван Ивановски, ќе има промоција на книгата „До празнината и назад“ која ќе биде проследена со изложба.

Од организацијата информираат дека во соработка со организацијата Еко Свест, ќе биде одржана и тематска работилница за анимиран филм во техника стоп-анимација и изработка на флипбук тетратки со учениците од средното уметничко училиште Лазар Личеноски.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото