Луѓето кои читаат живеат подолго од оние кои не читаат

11.08.2022 13:42
Луѓето кои читаат живеат подолго од оние кои не читаат

Студија во списанието Social Science and Medicine откри дека луѓето кои читаат книги живеат подолго од луѓето кои не читаат книги.

Истражувачите од Универзитетот „Јеил“ разговарале со 3.635 учесници постари од 50 години за нивните читачки навики. Според тие податоци, учесниците ги поделиле во 3 групи: нечитатели, луѓе кои читаат помалку од 3,5 часа неделно и луѓе кои читаат повеќе од 3,5 часа неделно. Истражувачите ја следеле секоја група 12 години. Луѓето кои најмногу читале биле високообразовани жени од групата со повисоки приходи.

Во текот на студијата, истражувачите утврдиле дека и двете групи читатели живеат подолго од оние што не читаат. Читателите кои читале повеќе од 3,5 часа неделно живееле цели 23 месеци подолго од оние кои воопшто не читале. Овој продолжен животен век се однесува на сите учесници во студијата кои читале, без оглед на „полот, богатството, образованието или здравјето“, објаснува студијата. Тоа е 20% намалување на смртноста предизвикана од седечки активности. Тоа е крупна работа и е многу лесен лек за подобрување на квалитетот на животот кај секој постар од 50 години.

Резултатите стануваат уште подобри. „Во споредба со нечитателите“, продолжуваат авторите, „читателите на книги имаа 4-месечна предност за преживување“, на возраст кога 20% од нивните врсници починувале. „Читателите на книги, исто така, имале 20% намалување на ризикот од смртност во текот на 12-годишното следење во споредба со нечитателите“. Авторите продолжуваат:

„Понатаму, нашите анализи покажаа дека секое ниво на читање книги дава значително посилна предност за преживување од читањето периодични списанија. Ова е нов наод, бидејќи претходните студии не ги споредуваа типовите на материјал за читање; тоа покажува дека читањето книги, а не читањето воопшто, создава предност за преживување“.

Причината поради која книгите претставуваат поголема придобивка од периодичните списанија е зашто читањето книги вклучува повеќе когнитивни способности. Читателите не започнале со повисоки когнитивни способности од нечитателите; тие едноставно се занимавале со активноста читање, што ги подигнало тие способности. „Ова откритие сугерира дека читањето книги обезбедува предност за преживување поради тоа што помага да се одржи когнитивниот статус“, велат авторите на студијата.

Како што знае секој љубител на книги, читањето вклучува два главни когнитивни процеси: длабоко читање и емоционална поврзаност. Длабокото читање е бавен процес каде што читателот се занимава со книгата и бара да ја разбере во сопствениот контекст и во контекст на надворешниот свет. Емоционалното поврзување е местото кајшто читателот се соживува со ликовите, а тоа ја унапредува социјалната перцепција и емоционалната интелигенција. Тие когнитивни процеси се цитирани од тимот на Јеил и се користени како маркери за оваа студија. Иако тие, изгледа, нудат предност за преживување, „подоброто здравствено однесување и намалениот стрес исто така може да го објаснат овој процес“, вели студијата. Сепак, когнитивните придобивки се реални.

Сите податоци биле самопријавени преку телефонска анкета и не ги опфаќале е-книгите како посебна категорија, но сепак се охрабрувачки. Во секој случај, читањето нема вистински негативни страни, освен потребата да одвоите време за него.

Извор: BigThink

Слични содржини

Психологија / Наука / Култура
Книжевност / Живот
Книжевност / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото