„Нова писменост“ - седмо издание на книжевниот фестивал Друга приказна

11.08.2022 16:22
„Нова писменост“ - седмо издание на книжевниот фестивал Друга приказна

Скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“ своето седмо издание годинава ќе го реализира на 26 во Сули-ан и на 27 и 28 август во МКЦ-Скопје.

Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони...

Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата.

Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на писателката Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)...

Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната интердисциплинарна изложба „Бантустански мапи“ - илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.

Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.

Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Лучиќ (поет и уредник)...

На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.

Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ана Фазекаш (критичарка, уредница, есеистка), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).

Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата на скулптури „Суштества страшни со фризури и машни“. Фестивалот ќе се затвори со изложбата YOU ARE MY BOWL / I AM YOUR BOWL (Микро изложба во шума), керамички дела на Анета Попова.

Наскоро ќе објавиме подетални информации за програмата и за гостите.

За претходните изданија на фестивалот, овде.


Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија

ОкоБоли главаВицФото