Ружди меѓу догмата и антидогматскиот пристап

13.08.2022 19:59
Ружди меѓу догмата и антидогматскиот пристап

Извонредно напишан, расказот „Праменот на пророкот“ на Салман Ружди е антидогматски расказ. Толку е брз и динамичен што младото момче со кое почнува расказот веќе до крајот од првиот пасус е речиси мртво од насилен напад. И сите последователни настани во овој истовремено реалистичен, магично-реалистичен, алегориски, суров, сатиричен, игрив, мрачен расказ со поетични детали имаат потенцијал да го одземат здивот на внимателниот читател. Навлегувањето на ликовите од богатото семејство во најопасниот дел од градот, во кој некои од тамошните жители потсетуваат на страшните сказни од детството, е опишано во традицијата на Илјада и една ноќ, а истовремено е засилено со мистерија, психолошка длабочина и индикации за општествени прашања.

Содржински, тоа е приказна за запаѓањето во догма. Тоа е приказна за Хашим, кој откако ќе најде една реликвија, се трансформира во фундаменталитички настроен мачител на своето семејство, чии други членови низ очајни потези се обидуваат да му пружат отпор. Ако таа реликвија се сфати само како симбол на она што на површина го симболизира, тогаш постои ризик расказотот да се интерпретира само анти-религиски. Но, расказот е суштинска анализа на феноменот на догмата, и затоа овде е нерелевантно што конкретно претставува реликвијата.

Догмата не мора само да значи само насилно наметување на своите ставови врз опонентот. Догмата значи одбивање да се понудат аргументи, основа, објаснување за своите верувања, и притоа да се повикува само на авторитет. Догматизмот е текстуален чин, обид да се даде валидност на своето однесување и својот дискурс со повикување на одреден канонски текст кој ја дава конечната гаранција на значењето.

Во Венецијански трговец на Шекспир, Порша успева да го спаси Антонио од законската можност Шајлок да му отсече дел (една фунта) од телото со тоа што укажува на тоа дека во договорот не се спомнува дека, при отсекување на месото, Шајлок смее да му пушти крв на Антонио. Точно, во договорот не се спомнува крв, но ова објаснување секогаш ми звучело апсурдно и погрешно. Тери Иглтон во After Theory, упатувајќи на догматичноста на Порша, иронично вели дека во договорот не се спомнува ни дали „косата на Шајлок треба да му биде фатена во репче во моментот кога му се отсекува дел од телото“. Ова не е иронична констатација само заради ефект, туку има посуштинска позадина. Читањето на договорот од страна на Порша, вели Иглтон, „е погрешно зашто е премногу буквално: тоа е фундаменталистичко читање што педантно се држи до текстот со што флагрантно го фалсификува неговото значење. Интерпретацијата [...] мора да се заснова врз разбирање на тоа како функционираат животот и јазикот“ (Eagleton 206), што Порша одбива да го направи.

Во расказот на Ружди лихварот Хашим, откако ќе ја најде реликвијата, решава догматично да ги следи сите правила на текстот што го смета за водич низ животот. Низ приказната за неговиот однос кон сопругата, синот Ата и ќерката Хума, и за нивните обиди да се спасат од новонастанатата тиранија, секој потег, секој збор на овие и на сите други споредни но исто толку важни и специфични ликови, добиваат мрачна иронична димензија, укажувајќи колку буквалното значење на нивните реченици е обратно од вистинското значење кога ќе се земе предвид како функционираат животот и јазикот. На пример, Хашим тврди дека бара големи камати од луѓето на кои им позајмува пари од благородни причини, за да ги научи на вредноста на парите и со тоа да ги излекува. Крадецот ги осакатува своите деца, како што е сам убеден, од љубов кон нив, за да добиваат повеќе пари кога ќе просат.

Меѓу другото, „Праменот на пророкот“ ја деконструира и догмата дека сериозноста и задоволството се одвоени, наметнувајќи („крајно време е да се воведе дисциплина“ (Rushdie 2859), извикува во еден момент Хашим) дека задоволството мора да се елиминира од нивната куќа за семејството да живее како што им доликува на сериозни и угледни луѓе. Во оваа смисла расказот се поврзува и со уште едно гледиште на Иглтон, кој, говорејќи неповрзано со расказот, вели дека ваквата пуританска догма на одвојување на сериозноста и задоволството се должи на уверувањето дека задоволството излегува надвор од областа на знаењето и затоа е анархично. Оваа догма не гледа, вели Иглтон, „дека задоволството и сериозноста се поврзани во оваа смисла: дека да се открие како животот да стане подобар [со повеќе задоволство] за повеќе луѓе е сериозна работа.“ (Eagleton 5)

Тешко е од овој расказ да се извади цитат што ќе упати на неговото деконструирање на догмите зашто нема реченици кои експлицитно го даваат наравоучението, моралниот суд или заклучокот. А секоја реченица е значајна за приказната и укажува на обидот за деконструирање како дел од целината. Мотивот за нападот на Ружди на 12 август досега (13 август) е сè уште непознат. Но со оглед на неговата историја со Сатански стихови, изгледите се дека анти-догматскиот пристап на Ружди, онака како што го користи во расказот „Праменот на пророкот“ (Сатански стихови не сум ја читала и не можам да ја коментирам), може да поттикне догматични постапки.

Слики: Michael Page

Референци:

Eagleton, Terry. After Theory. New York: Basic Books, 2003.

Rushdie, Salman. “The Prophet’s Hair”. Во: The Norton Anthology of English Literature. 8th edition. Vol. 2. Stephen Greenblatt, ed. New York: Norton & Co., 2006. (2854-2862).

ОкоБоли главаВицФото