Каде престануваат милијардите?

15.08.2022 02:04
Каде престануваат милијардите?

Бројот на жители на планетата се приближува кон осмата милијарда. Овој застрашувачки голем број го отвора прашањето дали ќе има доволно ресурси, во храна и енергија, за да опстане човечката цивилизација. Или да опстане самата планета.

Сега на планетата има 7,7 милијарди луѓе, а кога ќе го прочитате овој текст во светот ќе има 200 повеќе. Ако отидете да направите кафе, додека се вратите, ќе има уште 50 нови. Со оглед на тоа дека пред само четири децении на планетата живееја двојно помалку луѓе, а седмата милијарда е достигната минатата деценија, клучното прашање е дали ваквиот брз демографски раст ќе продолжи во недоглед.

Нема. Впрочем, порастот на бројот веќе долго е во лер - во моментов расте само „по инерција“. Квачилото е притиснато уште во шеесеттите години од 20 век кога прирастот го достигна својот максимум, а потоа почна да опаѓа.

Таканаречената демографска експлозија се случи кон средината на 20 век кога во споредба со минатите епохи дојде до драстично зголемување на должината на животот и раст на наталитетот. Порастот кој го гледаме денес е последица на забрзувањето од тоа време - тоа сè уште обезбедува бројот на жители да расте, иако брзината на тој раст сега сè повеќе се намалува. Во еден момент брзината на растот толку ќе опадне што и растот ќе запре.

Човечката популација илјадници години растела со исклучително мала брзина. Затоа би можело да се каже дека целата историја на човекот застанува во првата милијарда. Светот пред 10 000 години, кога човекот во неолитот почнал да одгледува житарици и да припитомува животни, го населувале само четири милиони луѓе, а ќе бидат потребни илјадници години да ја достигне популацијата на денешна Србија.

Пред 5 векови, кон крајот на 15 век, кога српската деспотија паднала под власта на Турците, на планетата живееле само околу 500 милиони луѓе, а таа бројка се одржувала сè до средината на 18 век, кога почнала да расте заради развојот на медицината и технологијата. Животот се продолжил, а мајките истовремено успевале да породат и одгледаат повеќе бебиња.

Во времето пред почетокот на Првото српско востание, бројноста на луѓето на Земјата најпосле достигнала една милијарда. Меѓутоа, додека за првата милијарда биле потребни 100 илјади години постоење на човекот како вид, втората е достигната за само 124 години.

Пред Првата светска војна на планетата живееја една милијарда и 700 милиони луѓе, а кога почна Втората светска војна на 6 април 1941 година, во светот имаше 2 316 961 836 луѓе. За третата милијарда беа потребни само 33 години, но бидејќи кон средината на векот прирастот се зголемуваше и натаму, овој период се скрати на само 15 години, а потоа на 12.

Така бројот на жители ќе скокне на три милијарди на почетокот од шеесеттите, за четвртата милијарда да ја достигне веќе во седумдесеттите, пет милијарди во осумдесеттите, шест милијарди во деведесеттите и седум милијарди во 2011 година. Но, како што се проценува, за следната, осма милијарда светот нема да чека 12, туку 13 години, а за деветтата 14, за десеттата да ја дочека за 18 години.

Тоа е јасен показател дека прирастот опаѓа и брзината на растот сè повеќе се намалува. Демографите предвидуваат разновидни сценарија, но секако не се очекува бројот на жители на Земјата да биде поголем од 12 милијарди до крајот на векот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Guillaume Legros

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото