Климатските промени, производството на пченица и енергетската криза

17.08.2022 00:09
Климатските промени, производството на пченица и енергетската криза

Нападот на Русија врз Украина кон крајот на февруари годинава означи почеток на една сериозна глобална нестабилност. Покрај енергетската криза и растот на цените на горивата и електричната енергија, војната сериозно го загрози и снабдувањето со храна на глобално ниво, со оглед на тоа дека и Русија и Украина се меѓу петте најголеми извозници на пченица во светот.

Веднаш по почетокот на конфликтот и индискиот премиер Нарендра Моди бараше од домашните земјоделци да го зголемат производството и извозот на пченица во Индија за да ја „пополнат“ дупката која се создаде и да придонесат за решавање на глобалниот проблем со гладта.

Меѓутоа, на плановите на Индија се испречија - климатските промени. Долготрајната суша проследена со екстремен топлотен бран кој во март го зафати северозападот од земјата доведе до сушење на посевите и големи загуби во производството. Продолжувањето на неповолните метеоролошки услови заедно со големиот раст на цените на меѓународниот пазар доведе до одлука индиската влада да направи драстичен потег: на 13 мај годинава го забрани извозот на пченица од земјата за да ги заштити домашните потрошувачи од високите цени на храната.

За жал, летово е полно со примери кои илустрираат на кој начин климатските промени придонесуваат за зголемување на постоечките кризи и глобалната неизвесност.

Посевите плачат за дожд

Неодамнешното соопштение на Европската опсерваторија за суша покажа дека дури 60 проценти од територијата на Европа се соочува со суша.

Недостатокот на дождови проследен со екстремно високи температури и топлотни бранови им прави сериозни проблеми на земјоделците кои очекуваат големи загуби кога ќе дојде време за жетва.

Лошата ситуација во Европа заедно со војната во Украина значително придонесе за зголемување на цените на храната на меѓународниот пазар, но тоа не се единствените фактори кои влијаат на моменталната криза. Во многу држави последниве две години произведувачите бележат загуби предизвикани од сушата и екстремните временски прилики, а дополнителен проблем предизвикаа нарушувањата во ланецот на снабдување заради пандемијата, како и бројните локални конфликти.

Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) во својот последен извештај предупредува дека екстремно топлите и сушни лета како годинешново, во иднина ќе бидат сè почести заради загревањето на атмосферата предизвикано од човечкото влијание.

Производството на храна не е единствената гранка на економијата која е погодена од климатските промени летово

Француската енергетска компанија ЕДФ најави дека ќе мора да го намали производството на електрична енергија зашто водата во реките станала толку топла што веќе не може доволно да ги разлади реакторите. Ова само ја влоши веќе тешката ситуација откако француските нуклеарни централи веќе со месеци работат со намален капацитет заради бројните технички проблеми кои ѝ се случија на ЕДФ.

Истовремено, една од најголемите извознички на електрична енергија во Европа - Норвешка, најави дека постои можност да се ограничи извозот на струја во наредниот период заради ниското ниво на хидро резерви кое, меѓу другото, предизвика и малку посушна пролет од просекот.

Во Германија сушата доведе дури и до пораст на цените на енергенсите. Имено, нискиот водостој на Рајна ги принуди сопствениците на баржи да ја намалат тежината на товарот што го преземаат за бродовите да можат да пловат по реката, а тоа значително ја поскапи цената на нивниот транспорт.

Стручњаците предупредуваат дека ако нивото на водата продолжи да опаѓа би можело да дојде и до целосен прекин на превозот на јаглен, чија употреба во Германија бележи пораст после долга низа години заради сè поголемиот проблем во снабдувањето со гас.

Проблем со низок водостој има и Дунав. Во Србија во моментов се изведуваат градежни зафати кои треба да обезбедат пловност на реката и непречен превоз на бродови натоварени со енергенси и други добра.

Покрај проблемите со превозот, намалениот проток на реките влијае и на помалото производство на струја од големите хидроелектрани, што прави дополнителен притисок врз енергетските системи и ги зголемува цените.

Нестабилна иднина на потопла планета

Кога се зборува за климатските промени вниманието на јавноста главно го преокупираат екстремите кои ќе ги има сè повеќе на загреаната планета, како што се топлотните бранови, разорните поплави, сушите и моќните урагани.

Меѓутоа, покрај овие јасно видливи последици, иднината кон која се движиме носи и нешто помалку очигледни проблеми.

Климатските промени често дејствуваат како засилувач (мултипликатор) на ризиците кои постоечките проблеми можат да ги направат многу потешки и чувствителните системи да ги турнат преку опасната граница. Примерите од ова лето добро илустрираат дека загреаната клима значи поголема нестабилност и ја намалуваат отпорноста на државите и општествата на потенцијални кризи и шокови.

Оваа особина на климатските кризи сè повеќе ја забележуваат и Обединетите нации, така што за глобалното затоплување сега се дискутира и на седниците на Советот за безбедност.

Резултатите од опсежното научно истражување објавено во списанието на американската Национална академија на науките укажуваат дека постојат докази дека рекордно силната суша која во периодот од 2007 до 2010 година ја погоди Сирија, придонесе за избивање на граѓанската војна во оваа држава така што доведе до големи миграции на сиромашните сточари од селата во градовите што создаде плодни услови за избивање на немирите.

Доколку растот на цените на храната не се стави под контрола следната година, можеме да очекуваме големи миграции и раѓање на нови нестабилности ширум светот.

Климатската криза повеќе не делува како потенцијална опасност која демне во далечната иднина. Ние, заправо, уште сега можеме да видиме кратки исечоци од проблемите кои, доколку не се заузда глобалното затоплување, практично би можеле да станат секојдневие.

Во моментов светот се наоѓа на крстосница и изборите кои ги донесуваме сега во голема мера ќе одредат дали ќе ја преминеме границата по која цивилизацијата нема да може на соодветен начин да се избори со бројните меѓународни ризици. Затоа е важно да избереме внимателно.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Graham Francioze

Извор: https://klima101.rs/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото