Реката Јангце речиси пресушена, Кина предизвикува дожд користејќи токсични хемикалии

19.08.2022 02:26
Реката Јангце речиси пресушена, Кина предизвикува дожд користејќи токсични хемикалии

Кинеските авиони испалуваат стапчиња со специјална хемикалија во облаците со цел да предизвикаат дожд. Имено, реката Јангце е на многу ниско ниво поради долготрајниот топлотен бран кој ја зафати земјата, па властите решија да ја искористат контроверзната техника „засејување облаци“.

Министерството за водни ресурси објави дека сушата во целиот слив на реката Јангце „негативно влијае на безбедноста на питката вода за руралното население и за добитокот, како и на растот на земјоделските култури. Властите во провинцијата Хубеи најавија дека на вештачки начин ќе предизвикаат врнежи, со помош на стапчиња сребрен јодид, пишува Си-Ен-Ен.

Методот на засејување облаци

Овие стапчиња, обично со големина на цигари, се вметнуваат во облаците за да се поттикне формирање ледени кристали. На овој начин облаците се „вакцинираат“ со вештачки кристални јадра на кои потоа ќе се кондензира водената пареа. Но, ова соединение е токсично за луѓето, животните и билките. Затоа, постои голема контроверза околу неговата употреба за модифицирање на климата и создавање дожд.

Методот на засејување облаци се користи уште од 1940-тите, со тоа што кинеската програма за оваа техника е најголемата во светот. Овој метод се користел за да се намали јачината на ураганите и бурите, да се зголеми количината на снег или дожд и да се намали маглата околу аеродромите.

Кина го искористи овој метод пред Олимпијадата во Пекинг во 2008 година, кога истрела 1.110 ракети во небото за да се обиде да обезбеди убаво и ведро време, без дожд. Сепак, се поставува прашањето колку навистина овој метод е ефикасен и дали научниците навистина можат со помош на хемикалии да предизвикаат или да спречат дожд.

Методот на засејување облаци го измислил хемичарот Винсент Шефер во 1946 година додека го проучувал формирањето облаци за General Electric и оттогаш тоа се практикува ширум светот. Светската метеоролошка организација (СМО) наведува дека од 2017 година оваа техника се користела во повеќе од 50 земји.

„Истражувањата покажуваат дека засејувањето облаци може да зголеми одредени видови врнежи до 10 проценти во случаите кога веќе постои можност за дожд. Ако нема облаци, нема да падне дожд. А ако го користите методот, а облаците не се доволно густи или немаат доволно течна вода во себе, методот нема да успее“, изјави Џоел Н. Мајерс, основач и извршен директор на AccuWeather.

Како функционира оваа техника?

Знаеме дека дожд не врне од секој облак што се појавува на небото. Некогаш паѓаат неколку капки и тоа е се’, а понекогаш има обилни врнежи. Имено, само одредени облачни формации можат да произведат доволно влага за да формираат големи дождовни капки.

Ако нема доволно честички мраз во облаците или ако тие пребрзо се распрснуваат, не може да заврне. Користејќи го методот на засејување, ледени кристали вештачки се додаваат во облаците. Доколку се изврши навремено и во соодветните околности, настанува повисоко ниво на влажност, а со тоа и дожд.

Научниците за таа цел го користат соединението сребро јодид, бидејќи неговата структура е многу слична на природните кристали на мраз. Кога ова соединение ќе се најде во горниот дел од облакот, кристалот од сребро јодид почнува да расте брзо поради влагата. Потоа, ледените кристали стануваат се’ потешки и се формираат дождовни капки. Само 1 грам сребро јодид може да создаде до 10 трилиони вештачки ледени кристали, според WebMD.

Опасност по животната средина

Иако сребро јодидот е токсичен за луѓето, експертите досега не откриле штетни ефекти од засејувањето облаци врз животната средина. Концентрацијата на сребро која настанува со овој метод е далеку под дозволената граница од 50 микрограми на литар. Во кујнската сол има многу повеќе јод отколку во оваа форма на дождовница.

Дождот произведен по засеувањето облаци нема поинаков вкус ниту мирис од вообичаеното. Кога би заврнал врз нас, не би можеле да го разликуваме вештачки предизвиканиот од природниот дожд.

Сепак, некои научници веруваат дека би можело да дојде до загадување со сребро и до штета врз животната средина доколку оваа практика стане вообичаена во многу земји, односно ако се користи во поголема мера.

Суша во Кина

Најмалку 4,2 милиони жители во провинцијата Хубеи ги чувствуваат последиците од долготрајната суша што трае од јуни. Повеќе од 150.000 луѓе имаа потешкотии да дојдат до вода за пиење, а речиси 400.000 хектари земјоделски култури беа уништени поради високите температури и сушата.

Јангце е само една од многуте реки во северната хемисфера чии нивоа на вода драстично се намалија. Проблемот е што земјоделците често се потпираат на реките или езерата за економски активности.

Топлотниот бран во Кина трае повеќе од 65 дена, што го прави најдолгиот во повеќе од шест децении, објави Националниот климатски центар. Оваа година тој е долготраен, широко распространеа и цврст.

„Ако ги погледнеме сите фактори, топлотниот бран во Кина ќе продолжи и неговиот интензитет ќе се зголеми“, наведуваат од Центарот.