1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Данило Луциќ ќе настапи на книжевниот фестивал „Друга приказна“ #7: Нова писменост на 27.08 (сабота) во МКЦ-Скопје. Разговорот со него ќе се одржи во 18 часот, а подоцна истата вечер ќе учествува во „Овде паѓаат крупни зборови“ - перформативен натпревар со едноминутни новели.
Дисциплината на шаржерите за симболи
твојата љубов ми се раковите и школките
моите сеќавања се сечива
некому ќе му се видиме лавиринт:
во тебе е еден што јас го мразам,
иако си ти оној кој од мене го мрази мене во тебе
доба е во годината кога светка во воздухот
ако некој рекол мрак
тоа е зашто бил мрак
повторувањата убиваат
како нозе може да има нешто што некогаш било дрво
рафални прегратки
човек презимува врз друго тело
дошло и отишло примирјето
мене ме заборавиле во рововите
Оган голем, Оган гладен,
Оган секому од нас.
***
ги пружи изнемоштена и неподвижна рацете кон мене •
Ја прифатив прегратката да осети на мојот врат како блика
крв • и како во мојата пот нема смрдеа од лекови • така
умирајќи се насмеа и рече „Добро е, среќо, добро“
• Среќа ми е кога жената на умирање ја хранам • и повивам •
оти само тогаш сум жив • само тогаш сум човек • знам и јас дека
еднаш оттука ќе ме иселат и веќе никогаш нема да ме вратат
• се сеќавам каде беше кога во смртта/некој родил мајка •
зашто за неа се пишува • а таа не усложнува туку само
умножува • не се во ноќите страшни лелеците што ги рашиваат • туку
неподносливите тишини што после нив експлодираат • тогаш веќе
не се знае што потаму и како • рацете се скршени • очите се дупнати
во длабоката ноќ • низ влезната врата стига невидливата свита
• се разместува долж ѕидовите во собата • со насмевки како на маченичката
да ѝ честита • господарката на церемонијата стига последна • елегантно
ќе ја пресече жицата • тогаш со лелеците се најавува почетокот на славењето
ibid. 53
Од каде и уште поважно зошто изникнуваат тие луѓе од некакво маглиште на отсуството после години и децении откако исчезнале од видокругот на нашите животи Јас знам дека тие со своите изменети личности и ликови или можеби поинакви само поради мигот во кој одново се обзнануваат носат со себе некоја порака и значење наменето само за нас а за кое извесно ни самите не се свесни па ни го носат со блажено незнаење Во последно време еден таков човек секојдневно носи за мене писмо но сè уште не умеам да го прочитам Стравувам дека тој може да биде опомена за моите недостојности и ме мачи што толку праведнички чекори низ моите денови Тој мене не ме ни гледа на плочникот во продавницата во автобусот пред зградата крај паркот на скалите Ако еден од деновиве му пријдам со добронамерна насмевка и го убијам ќе се отвори ли ковертата и ќе стигне ли пораката на адресата која стрепи.
***
понекогаш доаѓаат денови истурени и сиви • сè се укочува како мрак
• не ме демнат ѕверови ниту јас самиот • немам што да кажам
под капата небеска • убаво ми е само кога јадам и кога
се чешкам • чудно е како дури во тишина сите работи доаѓаат при тебе
• всушност е најубаво на свет да слушнеш дека си жив • едновремен
со смеата на детето и со кликањето на поклопецот на zippo запалката •
таков можам да бидам и безгрижно мртов • со насмевка од маслиново
масло • црташ совршен круг со гранче во песокот • бран го брише •
црташ пак совршен круг со гранче во песокот • зошто да не •
а и зошто би морал да артикулирам кога можам да гледам
некоја жена како плете • слобода не значи да се може и да се смее
туку да не се мора • јас сум само статист на празнината
задоволен со својата плата • што ако таму горе во длабочината
всушност е празно • кој тогаш последен ќе се смее •
како луд на брашно • сонцето заоѓа и јас се смешкам
• денов се претворил во огромен желудник
Полици за текстуални објекти
а беше ужасна таа зима во нејзината студена соба
голи подови и сиротински сијалици
врз моето срце расте нокот
ветувам и во најголемиот мрак
без факел ќе го најдам патот до тебе
цивкаш како смрт на глушец
каде живееш сега? тука? а како живееш? не можам веќе
сè уште да не се склопуваат челустите
штом ги најдам актите за внатрешноста
допирај ме ко сомот да струже
астрологијата на поезијата е неумолива:
наскоро ќе му пријде на апсолутниот текст
а после тоа и на апсолутната уметност
пред тебе лежи гепард во отворен кафез
Фотографии: Hannah Altman
Превод: П. Вулкански
Извор за песните: Danilo Lučić - Šrapneli (2017, Areté)
Данило Лучиќ (1984, Белград) завршил основни и магистерски студии по српска книжевност и јазик. Ги објавил стихозбирките „Белешки за мекото ткиво“ (2013; „Бранкова награда“), и „Шрапнели“ (2017), како и збирката раскази „Созревање на модрици“ (2020). Уредник е на порталот за книжевност и култура „Глиф“ а бил уредник и во издавачката куќа „Контраст издаваштво“. Коуредник е на „Босанска вила“, најстарото списание во Босна и Хецеговина. Извршен уредник е на едицијата „Заедничка читална“ на организацијата „Крокодил“, а ги уредувал и водел поетските вечери „АРГХ!“ Се бави со фотографија и видеоформати, објавува колумни и есеи во печатената и електронска периодика.