Доба на класни парадокси

23.08.2022 17:04
Доба на класни парадокси

 

Втората декада на 21 век во поголем дел од стручната литература и поамбициозната колумнистика се нарекува декада на популизмот. На овој консензус не му одмогнуваат ни сите можни препирки околу дефиницијата на популизмот, а ни разликите во самото користење на поимот кое варира од аналитичко до дискредитациско. Без оглед на тоа како ги читаме или проценуваме каузалните меѓучекори, компримираниот и широко прифатен наратив вели дека политиката од втората декада на овој век е обележана со голема финансиска криза и одговори на таа криза, првенствено во форма на мерки за штедење. Таквиот контекст создаде различни варијанти на закана за либералната демократија кои главно се сведуваат под заедничкиот именител на популизмот, а секако, не изостанува ни етикетата фашизам во настојувањата „новите“ политички појави да се сместуваат во фиоки.

Значи, мерките за штедење и невработеноста или подвработеноста креираа недоверба во политичките елити и либералните институции, а со самото тоа и непријатни политички појави. Таква јасна врска помеѓу базата и надградбата е присутна и кај оние автори кои инаку и во најразвиените и најнијансирани варијанти на марксизмот гледаат груб редукционизам. Како и да е, аналитичкото апсолвирање од изминатава декада не ни остава премногу ресурси и алати во рацете за соочување со новите предизвици кои ги донесува новата декада. Имено, се појави инфлацијата, заборавениот политичко-економски феномен. Не само што пораснаа неколку генерации кои не ја доживеаја инфлацијата како проблем, таа се јавува во период на мошне необична фаза од класниот конфликт. Инфлацијата расте, а за неа не придонесуваат работничките барања за повисоки плати. Истовремено, живееме во време на ниска невработеност и работниците им вршат притисок на работодавачите на кои им недостасуваат работници. Но не како организирана класа туку како поединци кои се закануваат со заминување во други сектори или компании. Со зборовите на Даниел Замора: „класниот конфликт се врати, но без работничка класа“.

И покрај тоа што работничките надници не растат, банкарите од централните банки се плашат од такво сценарио. Неодамна, Банката за меѓународни порамнувања (БИС), од памтивек нарекувана „централна банка на централните банкари“, објави годишен извештај кој вклучува исцрпна емпириска, но и политичка анализа на тековната инфлација. Нејзината анализа доби значајно внимание од економската и политичката јавност, а со неа експлицитно се занимаваа колумнистот на Фајненшл Тајмс, Мартин Волф и Адам Туз, професор по историја и своевидна интернет ѕвезда на политичко-економската аналитика во „реално време“. Токму Туз забележа дека анализата на БИС содржи нецелосно освестена класна перспектива. Поедноставено, кога е во прашање „развојот“ на инфлацијата БИС разликува ефекти од првата рунда и ефекти од втората рунда. Во првата рунда се случува раст на релативните цени кои потоа влегуваат во агрегатното ниво на цените, додека втората рунда ефекти вклучува наднично-ценовна спирала. Со оглед на тоа дека сè уште сме во првата рунда во БИС сметаат дека е пресудно да се превенира втората рунда која вклучува раст на надниците.

Превенирањето на растот на надниците за полесно да се управува со инфлацијата јасно упатува кој би требало да го сноси товарот од поедноставувањето на реалноста. Како што наведува Туз, БИС не е експлицитен околу дистрибуцискиот аспект, а заклучоците се јасни. Особено зашто во анализата „признаваат“ дека последниве четириесетина години без инфлација првенствено им ги должиме на ситуацијата на пазарот на трудот која преку ослабувањето на синдикатите, дерегулацијата на трудот, помалиот удел на платите во јавниот сектор, демографијата и отворањето на пазарите на труд на истокот ја прекина врската помеѓу цените и надниците. Организираниот труд доживеа класна демобилизација и повеќе не можеше позначајно да влијае на цената на работната сила, односно надницата. Меѓутоа, инфлацијата се врати на поинаков начин и на оние кои настојуваат да ја контролираат би им било полесно ако не мораат да се оптоваруваат со растот на надниците кој дополнително би ги искомплицирал нештата и би го зголемил нивото на инфлацијата.

Но, како што предупредува Туз, поедноставувањето на економските проблеми неизбежно доведува до раст на политичките. Улогата на синдикатите и организираниот труд не се исцрпуваше само во ограничување на моќта на економските и политичките елити. Институциите за колективно преговарање и останатите синдикални активности формираа и интелигентни и артикулирани изрази на работничките барања и гневот. Или, со зборовите на Туз, тие нееднаквости се фрејмуваа во термините на општествените реалности, а не на имагинарните непријатели. Значи, силните синдикати претставуваат најмоќна брана за подемот на фашизмот зашто не дозволуваат бизарни импровизации во интерпретацијата на општествената и економската реалност. И затоа прашањето за инфлацијата не е само техничко прашање туку е и длабоко политичко. Самиот Туз најдобро ја артикулирапе таа теза во форма на пононшалантна парафраза на изјавата на Хоркхајмер: „Секој технократ кој го слави слабеењето на преговарачката моќ на организираниот труд заради полесна контрола на инфлацијата, не смее да се жали заради растот на проблематичните популизми!“

Причините за слабеењето, пак, не лежат само во желбите на технократите. Напуштените и ослабени работнички институции и организации индивидуалниот труд го направија поатрактивен од колективниот. Со самото тоа отпорот „мигрираше“ од работното место во слободното време и потрошувачката сфера. Сакаме пониски цени, но не преку колективно изборено зголемување на надниците. Сакаме повеќе слободно време, а не контрола во процесот на производство. Моменталните економски околности нудат прилика за реализација на целите преку индивидуални барања. Меѓутоа, полугата на високите нивоа на вработеност нема секогаш да ни биде при рака. Синдикатите и левицата треба да понудат поатрактивни и подостапни облици на заштита на правата и реализација на барањата. Ако тоа не се направи, следува неизвесен политички период со мрачни импликации. Зашто, како што напоменавме, живееме во необични времиња: инфлацијата расте без раст на надниците, а работничкиот притисок на капиталот расте без организиран труд. А разрешувањата на необичните времиња знаат да бидат мошне гадни.

Превод: Алек Кузмановски
Слики: Natthawut Taeja
Извор: https://www.bilten.org/