Нема по ништо да трчам

25.08.2022 11:01
Нема по ништо трчам

 

Викенд

дојдов на лежерен викенд
и тогаш кравата падна
легна без посебна причина
два дена ја мислеа
на крајот ја кренаа
требаше пет мажи
да ја помрднат кравата
човече, околу мене
никогаш вака не се труделе
лежи, тагувај, стани, твоја работа
кравата ме гледаше
со тие големите убави очи
се сетив на хомер
и кравооката хера
навистина убави очи
ја милував по главата
ме гледаше сожалувачки
имав чувство
дека сака да ми каже нешто
можеби да ме научи
трпеливост
да се спружам
и да почекам да се соберат околу мене.

Пустелија

во нашите тажни градови
сѐ помалку има дрвја
и сѐ помалку има кафани
во кои можеш да отидеш сам
сѐ помалку има луѓе
во нашите тажни градови
одвреме-навреме
седнуваме в кола
и се одвезуваме далеку
солен воздух ќе ни ги излечи нервите
читаме и забораваме на времето
јас носам и сламен шешир
кој навистина добро ми стои
но морам да заминам
многу далеку
за да го ставам на глава
во нашите тажни градови
речиси непристојно е да бидеш убав
или само јас така се чувствувам
кога ќе отворам прозорец
ветер ја голта косата
и тажниот град зад нас
останува во ретровизорот
се смееме сами на себе
бегство од животот
но брзо ќе се вратиме
во оваа пустелија
зошто токму тука и припаѓаме.

Пресметка

жал ми е дека
не можете да го почувствувате
мирисот на липите денес
бидејќи таму каде што сте отишле
има само палми
многу е топло
и се живее навечер
и под клима
го нема мирисот на липите
само мирисот на парите
и вам веројатно
ви е жал за нас
бидејќи и понатаму сѐ е исто
го бркаме животот
што не можеме да го стигнеме
тука
се тешиме дека мирисите
и гледањето во ѕвездите
е она поради кое се живее
јас денес покиснав
целосно
трчав кон едно дрво
бидејќи под него имаше сув круг
но тогаш решив
да се откажам
возев полека
додека дождот
ми се слеваше по лицето
од инает
нема по ништо да трчам.

Слики: Добри Трендафиловски – Добрин
Препев: Звонко Димоски

Витомирка Вита Требовац е родена 1980 година во Нови Сад. Досега ги објавила стихозбирките „Сино во боја“ („Шкарт“, Белград, 2012), „Сите дрвја, сите деца и сите велосипеди во мене“ (ЛОМ, Белград, 2017) и „Денови со полна месечина“ (ЛОМ, Белград, 2020).
На македонски ѝ е издадена книгата „Денови со полна месечина“, во препев на Звонко Димоски.

ОкоБоли главаВицФото