Пченка

25.08.2022 11:22
Пченка

Пченката е растение кое дошло во Европа со колонизаторите, по освојувањето нови територии на двата дела од американскиот континент. Културите кои живееле од пченката како главно растение биле уништени за помалку од два века, со многу одлики на геноцид. Меѓу другите нешта, колинизаторите во Европа ги донеле чоколадото, односно какаото, кафето, тутунот и пред сè шеќерот од трска. Благодарение на овие состојки, телото на Европејците се променило и станало поголемо, додека телата на колонизираните на американскиот континент страдале од нови болести и алкохол. На двата континенти се променил пејзажот, на едната страна заради семињата од новите треви кои ги донеле колонизаторите во џебовите и заради коњите кои подивеле и се распространиле на новиот простор; на другата страна, полињата со пченка го измениле изгледот на европа.

Пченката е растение кое во голема мера им помогнало на Европејците да се спасат од глад во добата на опустошувачките војни. Она што секако е најинтересно е дека новото културно растение се сместило во старите културни обрасци и дека тие се прилагодиле на овој дојденец. Случајот со пченката во европските верувања е особено интересен, зашто станува збор за еден од најмоќните средноамерикански култови за плодноста. За Ацтеките пченката била поврзана со главниот бог на плодноста, Кецалкоатл, а слично место имала и во верувањата и ритуалите на другите средноамерикански култури. Со други зборови, врховниот бог на многу култури го преминал океанот за да стане споредно божество... Во Европа, пченката се сместила во многу други верувања поврзани со житарките, но никогаш не го достигнала високото место на другите зрна - освен во верувањата на европските, особено трансилванските Роми. Во овие верувања пченкарното зрно служи не само како „аналоген“ двигател на женската плодност, туку и како објект на претскажување - на пример каков пол ќе биде новороденчето. Зрна сушена пченка се ставаат како ѓердан околу вратот на детето склоно на крварење од носот. Во Србија се развил ритуалот „комишање“: тоа е период во земјоделскиот календар кога жените и девојките дробат сува пченка и ги подготвуваат зрната за мелење во брашно. Дробењето пченка станало вистински ритуал на плодноста, кога се смета за пожелно да се кажуваат опсцени шеги, предвидувања за идните брачни партнери, а понекогаш во акцијата се придружуваат и момчињата подготвени за женење: тоа е вистинско славење на плодноста.

Пченкарното брашно не е прилагодено на европските поими за лебот, освен ако се помеша со други брашна, пред сè со житното. Затоа најчесто се употребува во кашите како што се палентата, качамакот или мамалигата, и ѝ припаѓа на основната храна на селското население. Затоа и не се пробило во високата европска кујна, ниту станало деликатес. Голем проблем кој се развил кај неамериканските производители и потршувачи на пченка била болеста пелагра, која се развива заради недостаток на ниацин. Средноамериканските домородци ја избегнувале оваа болест зашто пченката ја залевале со вода со пепел и калциум оксид. Дури во триесеттите години од 20 век во Северна Америка најпосле го решиле проблемот со оваа болест и го откриле она што го знаеле домородците со векови. Според археолошките наоди пченката како култура потекнува од 25 век пред нашата ера. Уште во 15 век пред нашата ера во краиштата на денешно Мексико се вкрстувале разни видови пченка. Некои археолози дури мислат дека техниката на пукање на зрното на оган, „пуканките“, биле откриени уште тогаш.

Основните кулинарски употреби на пченката се брашното за каша, младото варено зрно или цел клас, печен клас или пуканки. Нема многу повеќе од тоа. Но диеталната вредност на пченката - кога веќе нема опасност од пелагра - е голема. Пченката е одличен извор на протеини, помага во варењето на храната, и секако е поздрава од кои било тестенини. Во Средна Америка од пченката со ферментирање се прави алкохолен пијалок, а во Мала Азија и на Балканот освежувачки безалкохолен пијалок, боза. Конзервираните варени зрна станаа секојдневен додаток на салатите, а да не зборуваме и за пченката како елемент на препознавање на мексиканската храна. Кога станува збор за лековитоста, „свилата“ на пченката, односно цветот на женското растение, се употребува како чај.

Примерот со пелаграта јасно покажува дека колонизаторската непромисленост може да биде кобна. Во случајот со пченката оваа кобна страна како никогаш да не исчезнала. Во добата кога не сме знаеле ништо или не сме знаеле доволно за генетските промени, пченката за разлика од останатите житарици била најмногу подложена на разни облици хибридизација - практично половина век јадеме само хибридна пченка. Некои видови се одгледуваат само за сточна храна. Но тоа не е сè: пченката масовно се одгледува заради силажа и производство на био-гас, а во последно време огромни простори во Јужна Америка се садат со пченка заради производство на „еколошка“ замена за бензинот, етанолот. Реалните последици од оваа навидум добра идеја би можеле да бидат несогледливи: глад за локалното население, лишено од територии за своите локални растителни култури; ништожното дејство на етанолот, кој денес главно е ограничен за употреба на богатите, кои се фалат со скапи автомобили и еколошка „освестеност“; нарушување на локалната екосфера. Само тоа би било доволно омилениот еколошки проект на поранешниот американски претседател Буш да се подложи на повторно разгледување.

Во популарната култура пченката зазема необично место, благодарение на филмот: додека во житните полиња во филмовите не се случува којзнае што, освен поетични сцени, во полињата со пченка е вистинската акција: некој се крие и бега, некого го бараат. Од легендарното пченкарно поле на кое авион го лови Кери Грант (Север-северозапад на Хичкок), преку домашните партизански криења во пченката, сè до научнофантастичните (СФ) филмови, пченката е поврзана со напнатост. Во СФ филмовите, особено во филмската верзија на ТВ серијата Досиеја Икс (X-files), пченката во огромен дел е сајбер - растение, нешто неприродно, составен дел на монструозно експериментирање со човечкиот род. Извесно е дека причините за употребата на пченкарните полиња во филмовите не се првобитно ритуални, туку технички, но останува дејството, запечатено во денешното колективно сеќавање, дека полињата со пченка се место поврзано со опасност и смрт. Во филмот Поле на соништата од 1989, новопечениот фармер од Ајова го претвора своето поле со пченка во безбол игралиште, во кое се појавуваат разни легендарни играчи, кои се одамна мртви. Овој њуејџовски култ на мртвите е единствена можност за разбирање како преживуваат митовите и колку малку средства се потребни за тоа; додуша фармерот во филмот речиси ја губи земјата, но тоа го надоместува со заработка во шоу бизнисот. Во основата на заплетот го препознаваме посведоченото верување од многу култури дека во полињата често престојуваат духовите на мртвите. „Пацификацијата“ на пченкарното поле во филмот Поле на соништата би требало да нè поврзе со мртвите на нов начин, без меѓусебна опасност и закана - или, со други зборови, да нè помири со смртта. Како и да ги толкуваме верувањата впишани во производот на популарната култура, останува потребата пченката ритуално да се вклучи во нови содржини. Иако пченката се смета за домашна житарка во Ајова и повеќе или помалку насекаде во светот, можеби не е без смисла да се постави прашањето за вината на колонизацијата и за знаењето кое го имале нејзините најстари одгледувачи. Не би имало смисла пелаграта да се повампири во нов облик. Доколку постои потреба да се ревидира статусот на пченката и со него да се поврзат нови култови, очигледно е дека ова поле е отворено за нова имагинација...

Превод: Алек Кузмановски

Фотографиите се од филмот „Field of Dreams“ (1989) на режисерот Фил Алден Робинсон

Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност / Култура
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото