Дубравка Угрешиќ - добитничка на наградата „Друга приказна“ (образложение)

26.08.2022 21:21
Дубравка Угрешиќ - добитничка на наградата „Друга приказна“ (образложение)

Дубравка Угрешиќ ни беше инспирација од самите почетоци на фестивалот „Друга приказна“. Тој толку специфичен спој, во нејзините книги, меѓу фикција, есеј, дневник, запис, патопис, цитатност, ангажираност, тривијалност, етичност... ‒ ги ширеше границите на книжевното поле, но и нашето разбирање на книжевноста. Затоа Угрешиќ е просто идеален добитник на главната награда на фестивалот кој се обидува да понуди едно малку поинакво, „поалтернативно“, ем пошироко, посинтетичко, ем посубверзивно (во смисла, поидеалистично) разбирање на книжевноста и на нејзиниот капацитет да го менува светот.

Се разбира, денес Дубравка Угрешиќ ‒ можеби и заради истрајноста, упорноста, трудољубивоста, вештината, храброста... ‒ е светски етаблирана писателка, една од најзначајните, преведена на повеќе од триесет јазици. Таа веќе не е „алтернативна“ туку е во главните токови на светската литература. Но, сеедно, нејзиното зрачење сè уште е снажно и сè уште нескротливо и сè уште искри со неприпаѓање и отпор.

Нејзиното значење, пак, за југословенската и постјугословенската книжевност е уште поголемо не само зашто станува збор за авторка која одамна ги надмина рамките на јазикот на кој пишува, туку и зашто таа е една од ретките писател(к)и кој/а остана морален авторитет и за својата генерација, а и за оние што следеа ‒ вели критичарот Владимир Арсениќ.

Од позицијата на едно „универзално неприпаѓање“ Угрешиќ се занимава со големите прашања за допирот меѓу Источна Европа и Западот, и со судбината на писателите и на книжевноста во прегратката на светогледите и идеологиите. Притоа, таа не паѓа во сентиментализам и ресентиман; нејзиното знаење и искуство се причината што жалта за минатите времиња и раскантаните светови е потисната од ведрата љубопитност и отвореност спрема она што доаѓа.



Постојано негувајќи ја сопствената книжевна изместеност, надвор од главните насоки на современата проза која се пишува на просториве, не криејќи се во шупливата метафорика и во демагошките „национални теми“, отворајќи сосема други прашања во својата есеизирана проза (прашањата на родот, на пример, и на припадноста надвор од националните трла), Дубравка Угрешиќ всушност ја бранеше честа на професијата.

Угрешиќ пишува: „Пред неколку години мојата (национална) културна средина ме прогласи за ’вештерка’ и со нескриена радост ме запалија на медиумската клада. (...) Денес, од својата номадска перспектива, на својата бивша средина можам да ѝ бидам благодарна. Парите за купување на метлата ги заработив сама. И летам сама.“

Иако игнорирана и омаловажувана од постарата академска и националистичка сцена, анахрона и корумпирана, главно ориентирана спрема просечните родољубиви писателчиња, Угрешиќ остана доследна во своето разбирање на книжевноста, нескротлива, надвор од контролата на академиците и на баналните главни струи на националните книжевности на просториве.

„Вистинската книжевност не ја создаваат претпазливите и послушни чиновници, туку лудаците, пустиниците, еретиците, сонувачите, бунтовниците и скептиците“, му напишал Борис Пилњак на Сталин, барајќи дозвола да го напушти Советскиот Сојуз. Еден од омилените автори на Угрешиќ ги открива нејзините клучни поетички начела. Меѓу кои спаѓа и ова: „Вистинската книжевна забава започнува во оној момент кога приказната ќе му избега на авторот од контрола, кога ќе почне да се однесува како ротирачка прскалка за трева и да прска во разни насоки“, го цитира Угрешиќ И. Ферис во својот роман „Лисица“.



Катарина Лукетиќ вели за Угрешиќ: „Иако видливо ја мачи прашањето за цената на книжевниот успех и сопствениот статус во книжевната индустрија, таа не може да скокне од своето лисичино крзно. Угрешиќ има добри причини зошто со години ги испишува овие а не некои други приказни, на ваков а не на друг начин. Да се има причина за приказна е услов за добрата книжевност, а Угрешиќ секогаш имала причина и ја следела трагата на вистинската ѕверка.

Мешајќи ги прозата и есејот, фикцијата и документите, Угрешиќ во своите книжевни поп‒арт стратегии како да создава палимпсест или пачворк: зашивајќи ги шарените текстуални крпчиња едни во други и едни врз други, таа создава елегантна и слоевита текстура.

Во 2012 Угрешиќ ја доби наградата “Jean Amery”, која се доделува секоја втора година за исклучителни достигнувања во областа на есејот. Во описот на наградата стои дека за исклучителни се сметаат оние есеи кои во духот на просветителството критички ја промислуваат современоста. „Угрешиќ импресионира со брилијантните интелектуални анализи на современите прашања кои се однесуваат на сите нас. Нејзините огледи се читаат лесно и со уживање зашто е таа ’мајстор’ на острата духовитост, поради што, понекогаш, смеата може да ви застане в грло“, се вели во образложението на наградата.

„Посебната проникливост и духовитост на нејзиниот металитерарен аналитички дискурс е она што ја прави Дубравка Угрешиќ наша најголема писателка“, вели критичарот Срѓан Сандиќ, додавајќи: „Кога ’освестените националисти’ зборуваат за неа велат ’не беше баш така како што вели таа’; или, уште подобро: ’Знаеш, таа ти е принцеза’. Со последново можам да се согласам, и дури хиерархиски да го зголемам терминот: Угрешиќ е кралица на книжевноста.“

 

Слични содржини

Фотографија / Книжевност / Настан
Книжевност
Фотографија / Книжевност / Настан
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око

ОкоБоли главаВицФото