1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 00:58
На вториот ден на седмото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ се одржаа низа книжевни разговори, еден филм, една изложба на скулптури и еден натпревар на десетина писатели и писателки. Настаните се случуваа во МКЦ во Скопје од 18 до 24 часот.
Во четирите книжевни дијалози разговараа Сенка Мариќ со Калина Малеска, Маша Сеничиќ со Душица Лазова, Јана Букова со Душко Крстевски и Данило Лучиќ и Вита Требовац со Никола Гелевски.
Беше промовирана, на самата сцена на фестивалот, изложбата на 11 мали скулптури направени од отпад: „Суштества страшни со фризури и машни“ на Ненад Тонкин. Две од скулптурите беа наменти како подароци за лауреатките на фестивалот, Јана Бауер и Дубравка Угрешиќ.
Беше прикажан извонредниот документарен филм на Драган Протиќ, „Дуга реса“, а разговорот за филмот (кој се претвори во своевиден перформанс со публиката) со режисерот го водеше Ана Чушкова.
Во финалето на вечерта се одржа за публиката најатрактивниот настан, писателскиот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“. Пред стотина луѓе во публиката, во своевидниот перформанс, кој бурно и духовито го водеше Владимир Лукаш, учествуваа десет писатели и писателки од земјава и регионот: Маша Сеничиќ, Данило Лучиќ, Јана Букова, Вита Требовац ,Тања Аждаја, Ива Дамјановски, Милан Дамјаноски, Стефан Алиевиќ, Владо Манчевски, и Живко Грозданоски. Жирито кое ги оценуваше трите настапи на секој од учесниците го сочинуваа Никола Гелевски, Урош Крчадинац, Лори Атанасова, Јоана Ристевска и Душко Крстевски. Победничка на натпреварот беше Ива Дамјановски.
Во продолжение пренесуваме четириесет фотографии на Наташа Гелева од вториот ден на фестивалот.