Новиот состав на БРИКС: Вовед во нов глобален поредок

30.08.2022 14:23
Новиот состав на БРИКС: Вовед во нов глобален поредок

Акронимот БРИКС (BRICS), ги претставува земјите Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка (Јужно Афричка Република) кои во 2009 година основаа економски блок (форум) за меѓусебна економска соработка. На почетокот недостасуваше уште Јужна Африка за акронимот да биде цел, а таа се приклучила во 2010 година.

Целта на овој блок или форум, е земјите надвор од западниот свет да можат да формираат економски алијанси и да ја зголемуваат меѓусебната соработка на различни нивоа и полиња. Средбите на членките се одржуваат на годишно ниво и освен трговска соработка, овој економски блок има основано свои финансиски институции како Нова Банка за Развој (New Development Bank) чија примарна функција е водење на инфраструктурни проекти. Дополнително, БРИКС има воспоставено таканаречен аранжман за контингентна резерва (Contingent Reserve Arragnement) или систем на заштита на членките од притисок врз ликвидноста и заштита на нивните национални валути од глобален притисок.

Овој механизам западниот свет го гледа како еден вид на конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд (IMF). Од друга страна, овој економски блок развива внатрешен систем за наплата на побарувањата кој може да го замени меѓународниот систем СВИФТ (SWIFT) и нова глобална валута која е директна закана за одамна воспоставениот амерички долар.

Во моментов земјите членки на овој економски блок сочинуваат 31.5% од светскиот БДП и ако на ова се додадат 26% од глобалното производство на нафта, 50% на железна руда, 40% на пченка и 46% на пченица, овој економски блок станува високо конкурентен на светскиот пазар во споредба со западните земји. Дополнително на ова, земјите членки на БРИКС имаат намера да воспостават своја интернет кабелска конекција за директна комуникација, таканаречен БРИКС кабел. На самитот во Бразил во 2014 година членките потпишале договори за соработка во воената одбрана, образованието и нафтените деривати.

Во споредба со земјите од групата Г7 (Канада, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, ЕУ, САД), каде оваа група покрива 987 милиони жители, БРИКС покрива 3 милијарди жители на планетата, а разликата во економската размена е се’ уште на страната на Г7 со 33,93 трилиони долари глобален БДП наспроти 23,5 трилиони долари на БРИКС. Но, светските аналитичари тврдат дека оваа разлика за БРИКС е достижна во следната деценија.

Нова светска валута и поголема независност од доларот

Во списокот од 75 заклучоци кои беа донесени на последниот БРИКС самит одржан оваа (2022) година во Пекинг, во делот за глобален економски развој, учесниците нагласуваат дека се’ повеќе е потребна економска заштита на земјите членки од економски потреси, со посебен акцент на промените кои ги донесе Ковид-19 пандемијата.

Тука отворено може да се прочита потребата за нова глобална валута преку која ќе тргуваат земјите членки на БРИКС, а ќе се базира на националните резерви и придонесот кон глобалниот БДП на постоечките членки. Во креирањето на оваа валута би учествувале кинескиот јуан, руската рубља, бразилскиот реал, јужноафриканскиот ранд и индискиот рупиј. Ова највеќе би и одговарало на Русија која соочена со санкциите поради војната во Украина, но од друга страна ја покажува потребата на останатите земји во светот, не само членки на БРИКС, да почнат да се ослободуваат од стегите на ММФ и хегемонијата на САД кој ја практикува својата сила преку оваа меѓународна институција.

Сепак, за идната валута на БРИКС, а можеби и новата замена за доларот да биде стабилна, потребни се следниве параметри: безбедност, ликвидност и поврат. А за овие параметри да бидат стабилни потребна е висок кредитен рејтинг, нешто што некои членки на БРИКС во моментов го немаат.

Иако западните медиуми и аналитичари со прст посочуваат кон Русија и претседателот Владимир Путин дека тие најмногу би имале корист од нова глобална валута, самиот факт дека се дискутира и планира воведување на нова валута е сам по себе знак дека се потребни промени во постоечкиот глобален систем на соработка.

Нови членки, нови можности за соработка

Последната вест дека Аргентина и Иран побарале членство во БРИКС беше изненадување за оние кои се ориентирани исклучиво кон такaнаречениот западен свет или земји од Првиот свет (First World Countries). Апликации за членство исто така беа поднесени од страна на Саудиска Арабија, Венецуела, Турција и Египет. На маргините на последниот самит во Пекинг, се дискутирало за креирање на таканаречен БРИКС Плус и во тие преговори учествувале Индонезија, Казакстан, Нигерија, Обединетите Арапски Емирати, Сенегал и Тајланд, заедно со веќе новите членки Аргентина, Саудиска Арабија и Египет.

Од друга страна, Новата Банка за развој на БРИКС (New Development Bank) во свое членство ги прими Багладеш, ОА Емирати и Уругвај. Аргентина со својот огромен извос на месо на светскиот пазар, Саудиска Арабија и ОА Емирати со производството на нафта, Казакстан со нафтените резерви и минералните суровини, Индонезија како најбројна муслиманска земја и огромен извозник на дрво, гума и минерални суровини, сите овие се сериозни економски „играчи“ кои ќе станат уште помоќни со членството во БРИКС.

Ова зголемено членство во БРИКС веќе станува сериозна конкуренција на земјите од Г20 групацијата. Дополнителна информација која дава ново светло е изјавата на директорот на Меѓународниот Институт од Универзитетот Ренмин од Кина, Ванг Јивеи (Wang Yiwei) дека апликациите од земјите членки на Г20 први ќе бидат разгледани. Ова „замешателство“ од страна на БРИКС во тековите на светската економија покажува дека пред се’ и над се’ доаѓаат економската соработка и развој, и дека веќе ерата на моноблоковската поделеност на светот завршува.

Важноста на оваа организација за неразвиените и земјите во развој, се покажа во моментот кога западните земји ги заборавија сите останати земји во трката за вакцини кога почна пандемијата, поточно кога западните земји на чело со САД прво ги купија сите произведени вакцини и оние што допрва ќе се произведат и воведоа систем на дискриминација на влез во државите по основ на потекло на примена вакцина.

Оваа ситуација со пандемијата добро ја искористи Кина која своите вакцини ги донираше прво во соседството, а потоа во земјите членки на БРИКС и сите земји кои имаат билатерални договори со Кина во рамки на Иницијативата Појас и Пат. БРИКС членките уште во 2011 година во својата агенда ги имале проблемите на глобалното здравство, епидемиите со маларија, ХИВ и болестите кои не се пренесуваат од човек на човек, но претставуваат голем проблем на светско ниво (NCD non communicable diseases).

Земјите членки на БРИКС преку меѓусебна поддршка воведуваат универзално здравствено осигурување, а со финансиска поддршка од Новата банка за развој инвестираат во технологии за поддршка на здравството (health technologies). Нивната цел исто така е корист од овие технологии да имаат и сиромашните земји.

Професорот Ендрју Хармер од Универзитетот во Единбург објаснува дека самиот пристап на БРИКС земјите кон глобалното здравство цели кон мултилатералност и универзален пристап за сите, нешто кое оди спротивно на доминантниот западен наратив и наметнат принцип на работа. Индија ја има лиценцата за производство на лекот за повеќе типа на канцер Иматиниб (Imatinib/Glivec), Кина инвестира 1.3 милијарди долари во истражување на нови лекови, контрола и превенција против заразни болести.

Индија и Бразил се најголемите производители на генерички лекови, а 60-80% од сите набавени вакцини од страна на Обединетите Нации биле произведени во Индија. Овие бројки јасно ни покажуваат каде во глобалното здравство се позиционирани земјите од БРИКС.

Нешто што многу личи како принцип на соработка на Движењето на неврзаните, а како пристап го користат и земјите на БРИКС, е концептот на инвестиции и еднакво партнерство. Во вокабуларот на овие земји не постои односот на донатор и оној што прима помош туку партнерство, соработка за развој. Овој пристап го користеа земјите членки на Движењето на неврзаните кои соработуваа меѓу себе и се уште соработуваат, но меѓу нив ги нема големите земји од западниот свет. Овој пристап се’ повеќе ги привлекува неразвиените и земјите во развој бидејќи кога некој ви помага и дава помош, а не патронизира како западните земји, интересот и желбата за соработка стануваат поголеми.

Користа која може да ја имаат земјите од регионов најпрво спаѓа во рамки на билатералната соработка со Кина и што таа може да донесе врз основ на договорената соработка (разни видови на инвестиции, трговска, технолошка и интелектуална размена). Потоа бенефитот се префрла преку членството на Турција во БРИКС, бидејќи Турција има големо економско присуство и влијание на Балканот.

Сведоци сме на промени на глобално ниво, раст на нови економски џинови и нивна соработка во која ги вклучуваат малите земји. Нешто што воопшто не им се допаѓа на западните земји и САД, кои се научени да доминираат во последните шеесет години.

Униполарноста умира, се раѓа мултиполарноста во светот каде соработката, еднаквоста и хуманоста се пред профитот и интересот на поединецот.

Извор: ResPublica
Слики: Tim Robinson

 

ОкоБоли главаВицФото