1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Кога на почетокот од деведесеттите новата независна македонска држава го усвои знамето од Вергина за свој национален симбол, Жак Делор, на состанок во Луксембург, ми рече дека во наредните неколку месеци Грција воено ќе ја нападне Македонија. Се уверил во тоа лично од посетата на пограничните места и од разговорот со локалното население. Во подготовка за таа војна, милион и пол Грци на улиците на Солун и Атина веќе скандираа дека Македонија е грчка.
Би се случило ли ова меѓу две скандинавски држави, да се скараат за некаков историски симбол, реторички го прашува претседателот Глигоров Торвалд Столтенберг, министер за надворешни на Норвешка во посета на Скопје, и добива изненадувачки одговор. Да, и скандинавските народи бурно би реагирале на присвојување национални симболи на друг народ.
Новата македонска држава во меѓународните односи ја научи една од своите први лекции: дека мора да ги зема предвид интересите, па и чувствата на соседите кога носи политички одлуки. А, нашите интереси и нашите чувства? Ева, како новодојденци на меѓународната сцена, за да бидеме вистински прифатени во меѓународното општество на држави мораме да се приспособуваме. Така диктира македонскиот државен интерес зашто примарната задача на оние што ја управуваат државата секојдневно е безбедноста и благосостојбата на граѓаните. Другите, како поетите, писателите, научниците и историчарите, ја немаат одговорноста да стават „леб и путер“ на масите на граѓаните, па можат да им пркосат на реалностите на меѓународна политика колку што сакаат.
Безбедност за земјата и „леб и путер“ на масите на граѓаните немало и нема вон евроатлантските процеси. Македонската држава, слаба по моќ, без излез на море и со комплексна етничка композиција, нема алтернатива. Или ќе успее на тој пат кон европска интеграција или ќе ја нема како држава. Е, дури тогаш ќе нема ни нација, ни идентитет, ни јазик. Затоа, не доведувајќи ја во прашање слободата на историското истражување, македонската политика со Преспанскиот договор мораше да се откаже од еден од историските наративи, оној за врската помеѓу античките Македонци и денешните Македонци. Еднодеценискиот обид на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот претседател на државата да го промовира овој наратив како државна политика и да ги постават темелите на македонскиот идентитет на територија која соседот Грција ја смета за свое културно наследство, заврши со тотално фијаско. Отпорот дојде како од Грција така и од политичарите на Запад образовани на универзитетите дека древна Македонија и древните Македонци се дел од хеленскиот, а не од словенскиот свет.
Ни се повторува ли истото во спорот со Бугарија? Во една работа секако: Северна Македонија, новодојденецот во меѓународното општество на суверени држави, повторно мора да се приспособува за да опстане. Само што идентитетската тема во случајот со Бугарија е многу потешка од онаа со Грција. Бугарскиот национален наратив, со исклучок на „предавничкиот“ период на Георги Димитров, смета дека Македонците не постојат како нација и дека се, всушност, Бугари, а нивниот јазик е западнобугарски дијалект. Во 1990 година и Желев, тогашниот претседател, ќе напише: „Ние имаме заедничка историја. Заеднички јазик, заедничка религија… Кај огромниот број Бугари и кај нашите историчари преовладува идејата дека Македонија не е нација во вистинска смисла на зборот. Меѓутоа, во политичка смисла ние не можеме да си дозволиме да им наметнеме идентитет на Македонците. Тие имаат право самите да си го изберат – тоа е најважното демократско право на поединецот“.
Исто со Грција е и тоа што под притисок на базичниот интерес да опстане во новите времиња, македонската државна политиката ја притиска научната мисла да дојде до компромис околу заедничкото и посебното. За нас, со акцент на посебното, на сегашноста и на иднината. Овој пат во прашање е средновековието, па сè до модерните времиња и создавањето на македонската држава и прогласувањето на македонската нација во 1944 година. Споредено со „ампутацијата“ на античка Македонија од историјата на модерна Македонија, бугарско-македонската тема е „операција на мозок“.
Историската комисија ќе продолжи со својата работа и нè чека соочување со непријатни и болни сознанија во процесот на помирувањето на историските митови со историските факти. Кај Македонците за почит кон заедничката историја, а кај Бугарите за почит кон посебноста на македонскиот народ и јазик. Во таа смисла, можеме да бидеме задоволни или не со содржината на усвоените формулации на историската комисија, но она што ми остави впечаток е заложбата на историчарите од двете земји кон она што се нарекува научна историска вистина или како што стои во одредницата за цар Самуил, ставот на „поголемиот дел од историската наука“ во светот. Тоа значи дека и во иднина европската и светската историска мисла ќе бидат критериумот што ќе го размрсува ова историско балканско клопче. На мислење сум дека, за успехот на овој македонско-бугарски дијалог, е нужно да ги шириме хоризонтите кон дострелите на светската политичка мисла и историографија за да не останеме дел од една локална балканска кавга.
Еве како. На пример, не треба да паднеме во замката на наддавање колку Кирил и Методиј се Македонци или Бугари и колку е нашата а колку бугарската заслуга за ширењето на словенската писменост и на христијанството меѓу Словените на Балканот и во Европа. Јас, прво што би им кажал на учениците е дека секаде во Европа цивилизацијата се ширела од вибрантните богати приморски градови, центри на култура и на трговија на бреговите, кон внатрешноста. Дека таков центар бил Солун од кој, кон внатрешноста на Балканот, се проектира писменоста и христијанската религија. Дека за тоа дело се задолжени двајца византиски службеници Кирил и Методиј, кои со помош на грчките слова, на грчката азбука, го кодифицираат јазикот на Словените и преку описменувањето ги христијанизираат. Кирил и Методиј службеници на Византија? Да. Така зборува и пишува една модерна секуларна научна мисла. Фактот дека подоцна овие личности биле прогласени за светци од страна на црквата, не го оправдува митологизирање на една реалност од средновековната историја за денешни политички потреби.
Монтипајтоновски ми е кога бугарските и македонските политичари и интелектуалци се обраќаат со зборовите „светите браќа“ и пак „светите браќа“, како да рецитираат молитва. Молитвите се за во црква или за лична утеха. Нам ни требаат прости и строги историски факти. Византија, како голема и моќна средновековна држава, сака преку описменувањето и христијанизирањето на паганското население да воспостави своја политичка и културна доминација. Подоцна, прифаќањето на христијанството за државна религија од страна на Бугарија значи и продолжување на делото на Кирил и Методиј, но и промовирањето на сопствениот државен интерес визави моќниот ривал Византија. И така натаму и на тоа слично.
Лесно е да си полемичен ама тешко е да си конструктивен. Тоа треба да го разберат и накострешените и назабени критичари на процесот на помирување меѓу двете држави и двата народа кои „со индигнација“ ги отфрлаат обидите на актуелната власт и на историската комисија за решавање на проблем кој е од животно значење за македонската држава.
Слики: Roy Gerrard
Извор за текстот: Слободен печат