Конкурс за краток расказ „Раскажувам фотографија“ објавен од Фондот на холокаустот

01.09.2022 15:36
Конкурс за краток расказ „Раскажувам фотографија“ објавен од Фондот на холокаустот

  Во тек е третиот конкурс за краток расказ „Раскажувам фотографија“ инспириран од стари фотографии што го објави Фондот на холoкаустот на Евреите од Македонија. Секој петок на Фејсбук страницата на Фондот ќе биде објавувана фотографија позврзана со животот на Евреите во Македонија. Фотографијата ќе биде лајтмотив за расказот. За првите три места ќе бидат доделени пaрични награди од 25.000, 15.000 и 10.000 денари, соодветно.

– Прифатливи ќе бидат раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон искоренување на омразата и разградување на предрасудите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција – велат од Фондот.

Според пропозициите, расказите треба да бидат долги најмногу 100 реда (најмногу до 7.000 карактери). Авторите можат да пишуваат на македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски или англиски јазик. Услов е расказите да не биле досега објавувани. Право на учество имаат сите полнолетни лица, веќе афирмирани, но и оние кои досега немаат објавувано. Секој учесник може да учествува на конкурсот со најмногу три раскази. Ракописите треба да се испратат на: info@holocaustfund.org.mk со назнака: За конкурсот „Раскажувам фотографија“.

Првата фотографија ќе биде објавена в петок. Последната, десета фотографија ќе биде објавена на 4 номеври, а сите автори ќе можат да праќаат творби до 18 ноември. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 6 декември, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 19 декември – на првиот ден од празникот Ханука. Фондот го задржува правото за објавување на наградените. Најдобрите раскази, според жирито ќе бидат објавени на Фејсбук страницата на Фондот на холокаустот.

ОкоБоли главаВицФото