Марија Монтесори, контроверзната феминистичка педагогинка

01.09.2022 18:20
Марија Монтесори, контроверзната феминистичка педагогинка

Марија Монтесори е италијанскa педагогинка и една од првите лекарки и застапнички за правата на жените која пред речиси два века целосно го променила неефикасниот образовен систем. Таа сметала дека училиштата треба да создаваат слободоумни, креативни и самоуверени деца кои потоа ќе израснат во луѓе кои ќе го подобрат општеството.

Родена е во 1870 година во Анкона, во семејство каде мајка ѝ имала крајно либерални ставови во однос на времето во кое живеела. Таа својата ќерка уште од мала ја научила да биде самостојна и да си создава сопствен животен пат без да се потпира на другите. Татко ѝ бил поинаков. Неговите ставови биле конзервативни и традиционални, но, препознавајќи го талентот на ќерка си, решил да се пресели во Рим за да ѝ обезбеди квалитетно образование.

Тргнувајќи на училиште, Марија уште како дете воочила неправда. Училишниот материјал не бил претставен на интересен начин, а девојчињата биле принудени да учат шиење, готвење и други вештини кои би требало да ги направат добри домаќинки, мајки и сопруги. Марија не ја интересирале таквите предмети, нејзиното внимание било насочено кон математиката и природните науки. Затоа сакала да се запише во техничко училиште, но татко ѝ бил крајно против таквиот избор. Тој сакал неговата ќерка да стане учителка како и другите девојчиња, но Марија постојано повторувала: „Се’ освен учителка!“. Мотивацијата и самодовербата на ќерката го поттикнале таткото на крајот да попушти на нејзините барања.

По техничкото училиште, каде што постигнала одличен успех, Марија одлучила да се запише на медицина во Рим. На факултетот кајшто предавале и студирале речиси исклучиво мажи, Марија се нашла во непријателско окружување. На останатите студенти не им било драго што ја имале Марија за колешка, бидејќи сметаа дека таа го нарушувала угледот на нивната професија. Некои професори дури велеле дека таа не можела да дипломира медицина бидејќи немала доволно развиен мозок како мажите.

Во тоа време за жената претставувало срам да биде сама во друштво на мажи кои не биле членови на семејството, па на предавањата ја придружувал нејзиниот татко, кој тоа го правел без приговарање, иако не се согласувал со изборот на професијата на ќерка му. На студентите особено им пречело присуството на Марија на предавањата на кои во училницата имало голо тело. Затоа, таа по секое предавање одела во мртовечницата и самата истражувала. Без разлика на нејзината сила и самодоверба, Марија во таквите моменти се’ повеќе размислувала да се откаже.

После едно такво предавање, одејќи си дома, здогледала сиромашно момче на улица како си играло со парче црвена хартија. Момчето заборавило на својата сиромаштија и на тоа што немало чевли, единствено го интересирало парчето хартија. Тогаш Марија одлучила, без разлика на потешкотиите, да не се откаже од студиите бидејќи знаела дека само така имала можност да го промени неправедното општество.

Во 1896 година таа станала првата жена која дипломирала медицина на Универзитетот во Рим. Во тие години во Европа почнало да цвета движењето за правата на жените, предводено од суфражетките. Жените се бореле за еднаква плата, за право на глас и за подобрување на нивната позиција во јавната сфера на општеството. На тоа движење се приклучила и Марија Монтесори, која во 1896 година одржала говор на Меѓународната конференција за правата на жените во Берлин, каде предупредила на нееднаквата плата на мажите и жените за извршување на иста работа. Таа сфатила дека со образованиете добила моќ што морала да ја искористи за да им помогне на сите жени. Во текот на своите говори зборувала смело, без напишан текст и со извонредна страст.

Со ваквите појавувања станала исклучително јавно изложена, па дури и дала неколку изјави за весници. Коментирајќи го нејзиниот стил, еден новинар рекол: „Таа има префинетост на жена со снага на маж“. Подоцна, Марија решила повеќе да не дава изјави, сметајќи ги таквите коментари за потценувачки. Таа сакала луѓето да се фокусираат на нејзината работа, а не на изгледот, особено додека работи важна и сериозна работа поврзана со правата на жените.

По работата на универзитетот се вработила во психијатриска болница, каде добила можност да работи со деца со пречки во развојот. Марија била шокирана од состојбата која ја затекнала во болницата и одлучила на децата да им го врати човечкото достоинство и да им обезбеди место во општеството во согласнот со нивните можности. Проучувала на кој начин децата учат и воочила дека секое дете е различно и има посебни интереси. По неколкумесечна работа со нив, решила да ги испрати на државниот испит што го полагале сите ученици од италијанските училишта.

Повеќето деца од нејзината болница го положиле испитот, а некои го напишале и подобро од просекот. За Марија било вознемирувачки што децата од државните училишта имале толку лоши резултати, па одлучила да им помогне со нејзините методи на учење. Основала училишта низ целата земја, а напредокот што го покажале учениците ја воодушевил цела Италија. Училиштето во Рим го водела со помош на Џузепе Феручио Монтесано, со кој подоцна влегла во љубовна врска и имале дете.

И двајцата решиле да не се венчаат бидејќи тоа би значело крај на кариерата на Марија. Затоа, таа морала да го даде својот син Марио кај едно земјоделско семејство на село. Иако често го посетувала, никогаш не смеела да признае дека му е мајка. Кога Марио наполнил шест години, отишол кај Марија и ѝ рекол дека знае дека таа му е мајка и дека сака да биде со неа. Оттогаш тие двајца станале неразделни.

Откако во 1909 ја објавила книгата „Методот Монтесори“, која била преведена на англиски јазик, низ цела Европа и Америка започнале да се појавуваат Монтесори училишта. Првата и Втората светска војна го забавиле напредокот на Монтесори училиштата, но не и јавното делување на Марија и нејзината борба за мир. Поради прогонот на фашистичкиот водач Бенито Мусолини, таа побегнала во Лондон во 1931 година и таму го запознала Махатма Ганди. Одлучила да му помогне во борбата за независност на Индија од Британската империја преку образување на неговите приврзаници кои главно биле сиромашни и неписмени граѓани.

По завршувањето на својата работа во Индија, таа се вратила во Европа, кајшто фашизмот целосно ги разорил нејзините училишта, бидејќи филозофијата на слободоумието била во целосна спротивност со идеологијата на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини. Затоа Марија до крајот на својот живот истрајно ги обновувала своите училишта низ цела Европа. Таа три пати била номинирана за Нобеловата награда за мир. Починала на 81-годишна возраст во Амстердам.

За неа е снимена мини-серијата „Марија Монтесори: una vita per i bambini“ (2007). Нејзините методи во голема мера се интегрирани во денешниот образовен систем, а нејзината самодоверба и храброста во борбата за мир и за правата на жените ни остануваат како патоказ за подобро утре, или, како што најдобро рекла самата Марија:

„Не гледај во мене, гледај накаде покажувам.“

 

Извор: Vox Feminae

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Свет / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото