Половина век МКЦ - културното лице на градот

02.09.2022 12:22
Половина век МКЦ - културното лице на градот

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје годинава слави „50-ка“, половина век постоење!

Основан во 1972 година под името „Дом на млади – 25 мај“, основната задача и цел на МКЦ е промоција на културата, културните и научните вредности на младите.

Во 80-ите, како ќе кажеше некогашниот директор на МКЦ, Мирко Стефановски, своевремено беше работилница на младата генерација. Имаше преку 100-ина клубови, компетиција со најкреативните млади луѓе од цела Југославија. Извонреден фото-клуб, мајстори на фотографија, радио клуб, женскиот хор „25 мај“, детскиот хор „Развигорче“, формиран е младинскиот оркестар, „Џез фестивалот“ итн.

„За разлика од младата генерација која во подоминантен период рецептираше и примаше, а не и креираше, во тоа време се обидуваше да биде токму тоа. Тогаш и зборот ‘младите’ како целина беше подоминантен, се слушaше наоколу… МКЦ остави настани кои и ден денес се влијателни и значајни. Голем дел од младата генерација од тоа време денес се носители на прогресот, напредокот на Македонија“, изјави Стефановски за Радио МОФ во една прилика.

Преименуван во Младински културен центар на почетокот на 90-ите, со добивањето на самостојност на Македонија, Домот останува на истиот курс – промоција и презентација на културните вредности, но истовремено и најважната точка за дружење, размена на идеи, место за слободно изразување на младите.

„Единствената цел на МКЦ е да продуцира, стимулира и промовира современи културни настани и дела од различни домашни и меѓународни креатори, но и да го поттикне создавањето врски помеѓу нив. Покрај сопствената годишна програма, која вклучува повеќе од 200 настани (изложби, театарски претстави, промоции, работилници, концерти, дебати, како и филмски проекции), МКЦ работи и како сервис на многубројни невладини организации и индивидуални уметници од сферата. Покрај засебните настани, МКЦ стои зад организацијата, планирањето и комплетната реализација на три меѓународни фестивали и манифестации – Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Фестивалот на европски филм ‘Синедејс’, како и Фестивалот на нова музика ‘Здраво млади’“, стои на сајтот на МКЦ.

Денес МКЦ е Јавна установа од културата под јурисдикција на Град Скопје и голем дел од програмите се реализираат преку средствата од буџетот на Град Скопје, или Министерството за култура. Но, исто така, бројни програмски активности установата ги реализира и преку сопствени средства, приватни спонзорства, донации, како и средства од разни европски фондови.

МКЦ во 2021 стана дел од Liveurope. Влезе во ЕУ пред Македонија да влезе во ЕУ. Liveurope е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, а значи спојка, поврзување на култни места по региони, високо професионални инфраструктури, со цел размена на добри практики и заеднички млади и нови уметнички откритија. Со тоа, МКЦ влезе во друштво на „Ancienne Belgique“ од Брисел, „FZW“ од Дортмунд, „Melkweg“ од Амстердам, „Blå“ од Осло, „Kino Šiška“ од Љубљана, „Musicbox“ од Лисабон, „Vega“ од Копенхаген, „Debaser“ од Стокхолм…

МКЦ денес ја има денсинг салата со капацитет од 800 луѓе. Тука илјадници луѓе прописно се испотиле или имаат жуљеви на нозе од играње. Луѓе кои гледале свирки или перформанси на сцена, а потоа и самите свиреле или перформирале на таа сцена. Центарот го има и мултифункционалното кино „Фросина“, ги има и џебнотото кино, галериите каде се изложуваат уметнички проблесоци, подновеното бифе и платото, ја има и Ап(о)тека со плочи и сваштурии за спомен, потоа Детскиот креативен центар, Планетариумот, паркот со „бомбата“, а годинава се прошири и со нова пермакултурна градина.

Го има и култниот знак „Ние сме од Скопје“, муралите, но и скулптурата на Малиот принц, која го илустрира постојаното лутање низ планетата наречена МКЦ и постојаното балансирање меѓу световите на возрасните и оние кои никогаш не сакаат да пораснат.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Но, ова се повеќе фактографски и технички информации. Оттука, прашавме разни генерации луѓе од културниот, уметнички, медиумски и академски свет, за да ни дадат свое видување за МКЦ. Што за нив значи МКЦ? Културен факелносец, место за млади и не-толку-млади? Центар за свирки, уметност и дружби? Се’ од наброеното? Има ли МКЦ влијание во поширок општествен контекст? Како го доживуваат МКЦ?

Еве ги нивните одговори:

Зденко Петровски, фотограф, хроничар на алтернативната култура

Мене МКЦ ми значи како место што можам да избегам од дома.

Игор Анѓелков, „Или-Или“, писател и критичар од областа на културата

МКЦ е платформа која ако не постоеше, се’ ќе беше поинаку, бидејќи одамна ќе бевме поклопени од агресивниот балкански турбо-фолк шарм. Во МКЦ пораснаа многу генерации од кои потоа се профилираа значајни култур-трегери кои впиваа и се надоградуваа од алтернативната култура, било да се работи за музика, театар, танц изложби, перформанси… особено во поранешните децении, но и ден-денес. Затоа, ако МКЦ не постоеше, ќе требаше да го измислиме, со намисла за поубаво живеење во овој наш „проклето“ здодевен град.

Холот на МКЦ


Мартин Џорлев, музичар во „Луфтанза“, „Зулу 3.4“ и „Стој, После!“

МКЦ – местото каде што ми е удобно да какам можеби исто колку што ми е и дома. Местото што ми ја покажа сцената со добри луѓе на и околу неа. Местото што ме вљуби во мирисот на пиво, гласна музика и леплив под. Местото што навистина ме вљуби во свирката како концепт. Безброј убави моменти во публика, на клупа, на ѕитче, на столче, на тераса, на сцена. МКЦ = Удобност. Другарство. Единствената желба ми е да не се претвори комплетно во СКЦ (Старински Културен Центар). Да одат повеќе млади луѓе.

Ивана Мирчевска, визуелна уметница и истражувачка

На МКЦ гледам како засолниште од недостатокот на соодветна и континуирана поддршка кон мноштвото уметнички идеи и алтернативни културни иницијативи кои ги генерира младината на овој град. Несомнено, за мене е колепка на алтернативната мисла, место кое постојано ги храни моите различни куриозитети, но пред се е место кое ме здружува заедно сите други, без разлика на нашите различности.

Румена Бужаровска, писателка, професорка и активистка

МКЦ е светол и редок пример за тоа како треба да функционира една институција и како континуирано се унапредува културата. Реално, поради својата долгогодишна конзистентна работа, МКЦ стана култно место и синоним за градот што живее, твори, учи и се забавува; стана симбол за возбуда и иновација, но и безбеден простор за размена на идеи и за градење пријателства. Не можам да го замислам Скопје без МКЦ.

Салата „25 Мај“


Ангела Стојановска, актерка

За мене МКЦ е срцето на Скопје. За мене како Кумановчанка, МКЦ, без сомнеж, е една од причините која ме тера да продолжам да живеам во овој град.

За мене МКЦ е МОТ. Кога ќе дојде тој дел од годината јас станува многу горда што сум актерка. За мене МКЦ е едно од најголемите пијанства. Беше еден Земјотрес…и овде не би навлегувала во детали.

За мене МКЦ е местото каде што „Срам“ имаше премиера. Едно од моите најзначајни театарски искуства.

МКЦ, во моментов, е домот на независната театарска сцена, а со тоа и мој дом. Не можам а да не се запрашам каде ќе бевме да не сме во МКЦ? Посакувам уште најмалку 1.000 родендени, среќен МКЦ!

Златко Ѓелески, филмски критичар, писател и водител на „Danse Macabre“

МКЦ е кратенка којашто живот значи, односно збирот на нејзините сегменти образува целина којашто е поголема од нивното значење. Односно „Младински“ се однесува за 50 генерации на млади уметници на кои им биле отворени вратите од страна на културната институција да имаат непречена можност да ги експонираат нивните артистички способности и творби, додека, пак, „културен центар“ се однесува на чинителот што МКЦ стана епицентарот на културното збиднување во главниот град, кајшто музичарите, режисерите, авторите на театарски и балетски претстави да ги спроведат на дело нивните творби пред аудиториум, кој е волен да ги восприеми. Илјадниците филмови кои сум ги гледал, бендовите кои сум ги слушал предизвикале емоции на кои ќе се навраќам во моите спомени до крајот на животот и се надевам дека ќе бидат отворени вратите за уште многу нови артисти, кои ќе може да ги погледнам во МКЦ.

За мене, лично, МКЦ има огромно значање во моето професионално работење, затоа што сите мои книги се промовирани во просториите на МКЦ, мојата селекција од жанровскиот филмски фестивал „Крацери“ беше прикажана во кино „Фросина“, а тоа беше единственото место кое во периодот на ковид пандемијата ми овозможи да ги реализирам интервјуата во мојата емисија на „Канал 103“, за што сум неизмерно благодарен. Така што да не беше МКЦ културниот гигант што е, немаше јас да бидам тоа што сум денес.

Драган Иванов – Druggy, битмејкер, продуцент и диџеј

МКЦ е дувлото на македонската алтернативна сцена.

Импровизирана сцена за свирка пред тоалетите на МКЦ


Ѓорѓе Јовановиќ, мултимедијален уметник, дел од КСП Центар-Јадро

МКЦ за мене има особено и би рекол интимно значење. Во нивната галерија ја имав мојата прва самостојна изложба а во изминатите години сум бил учесник во разни настани органирани од тимот на МКЦ или кој пак се случувале таму. Сметам дека МКЦ е една од најзначајните институции во државата и дека низ годините успешно се обликуваа и трансформираа следејќи го духот на времето. Од друга страна создадоа или биле домаќини на фестивали и настани како МОТ, Поп рок фест, Синедејс, Здраво Млади и многу друуги без кој културниот живот во Скопје и Македонија би бил незамислив.

Ива Дамјановски, поетеса и музичарка

МКЦ е стар. Толку стар што уште пред да почнам да искачам воопшто мама ме прашуваше што има во МКЦ и дали ќе одам, зашто нејзе и било едно од омилените места кога била колку мене. МКЦ ми има помогнато да откријам многу нова музика и е едно од местата каде што многу ми беше убаво да одам и сама.

МКЦ за мене е „After You’re Dead, She Said” во денсинг кога Мила се качи на сцена, „A Place to Bury Strangers“ два пати, „Efterklang“ со Марија и Ана во Фросина и потрагата по песната „Cutting Ice to Snow“ која траеше со месеци, „Chk Chk Chk“ на кои се појавив од факултет со папката со ноти и тоа беше многу погрешно од моја страна, „La Confraternita del Purgatorio”, кои свиреа за 10 луѓе и беше супер и Елена го крсти мачорот Роберто, „Slowdive” на дожд, два пати „Swans“ на кои бев храбра и не ги ставив затките во уши ниеднаш, „Tuxedomoon”!, Лигети во Планетариум после кој се чувствував дека гравитацијата не важи за мене со саати, најдобрата театарска претстава што сум ја гледала ever „Gremo Vsi!“ на МОТ во денсинг која ме натера да се соочам со тоа дека сум музичар, „Casablanca“ на крајот на роденденот на МКЦ пред 3 години, седење на металните конструкции од карши, промоцијата на „Двоумење“ и место каде што сум прочитала многу мои стихови. МКЦ е местото каде што за прв пат слушнав како публиката вика на првите тактови на песна што јас сум ја искомпонирала и ја свирам. МКЦ за мене е песната „All my friends“ од „LCD Soundsystem“.

МКЦ е другар. И се додека ги има прекрасните вигвами во детското катче, ќе биде млад засекогаш.

Плато пред МКЦ


Тони Димков, долгогодишен новинар од културата, уредник на „Културен печат“

Најубавите години од мојата младост се поврзани со некогашниот Дом на млади „25 Мај“, сега Младински културен центар во Скопје. Сите фантастични концерти, несекојдневни претстави на Млад отворен театар, дружење и создавање долгогодишни пријателства со безброј луѓе ми се случија таму. Особено ми се драго што со новите активности, фестивали, театарски, ликовни и музички проекти, добивам чувство дека живеам продолжена младост – веќе 50 години. Упатувам честитки до целиот тим на МКЦ за големиот јубилеј и посакувам и понатаму да ни ја продолжуваат младоста.

Атанасија Гулевска – АТА, музичарка

МКЦ е дом, и за оние кои имаат и оние кои немаат дом. МКЦ е симбол и храм на слободниот младински дух.

Доротеј Нешовски, интердисциплинарен уметник, дел од Детски креативен центар

За мене МКЦ преставува заедница и друштво вклопени во идеја за создавање приказна за градот или место каде се раскажуваат идеите на уметностите. Место за духовни извици, место за сите. Влијанието на МКЦ врз градот е од огромно значение, место каде што се создаваат и изникнуваат новите енергии во уметноста без предрасуди со желба за раст во сите креативни сфери теоретски и концепциски со философски контексти и рушење на бариерите на изразностите. МКЦ Е ДОМ ЗА СЕКОГО.

Детскиот креативен центар


Билјана Димитрова, „Колектив Ветерница“ и „Партизанска штампа“

МКЦ е многу важен во мојот социјален, културен и професионален живот. Од првите излегуванки што се сеќавам за себе, рок концерти или „Рок-фест“, првите симпатии, љубови, првата пијачка, првата сознанија за некаква алтернативна култура и сите можности што ги истата ги нуди – ми се поврзани со МКЦ. Значи мојот свет, како и на „Малиот принц“, се движи околу МКЦ.

Па, се’ понатаму со растењето, односно со „ФРИК фестивал“ да поставиме неколку културни настани со поддршка на целата екипа, а сцената на кино „Фросина“ да стане матица за претставите на „Колектив Ветерница“ и децата со кои работиме. Тоа ни е од особено значење, бидејќи имаме можност она сме го работеле низ цела година да го поставиме на сцена и децата да добијат вистинска валоризација за трудот. Имаме можност со професионално светло, сценографија, костими да покажеме дека децата можат да бидат поголеми професионалци и од редовните системски актерски групи во театарите.

МКЦ е многу важна алка во културниот живот во Скопје, без која не би можеле да биде културата на вакво ниво. Едно огромно БРАВО за целиот тим што успева да го одржи тоа лице на МКЦ во градот. Се надевам дека и понатаму ќе продолжиме активно да го пополнуваме со содржини што се одраз на времето во кое живееме.

Извор: Радио МОФ