Дрвја и заводници

02.09.2022 14:01

На дрвјата не им е грижа што мислат другите.
Тие само ги креваат своите прсти кон небото.
Цутат, ги растураат своите семиња
и, додавајќи си по уште еден прстенест год,
за многу години ги надживуваат луѓето;
па белеат ко коска, за најназад
да свенат и да умрат. Но не грижете се,
тие се неверојатни дечки.
Нивното корење, откако ќе ни ги освои душите,
никогаш нема да ги пушти.
Нивните млади лисја ја ломат сончевината
и им носат занес на љубовниците.
Нивните стебла, рамнодушни кон приказната на тиранинот,
носат безизразни маски,
а нивните сенки го тераат секој аџија
од секоја возраст да сонува за рајот.
Со своето зеленило
ни ги канат очите кон светот отаде
и ширејќи ги своите величествени гранки
ни ја прегрнуваат развревената иднина.
Со шушкањето на лисјата
ни ги шепотат на уво вечните зборови на љубовта.

Бидејќи се неодоливи заводници
може само да стоиме зачудено пред нив;
а бидејќи се поблизу до Бога од нас,
треба ним да им се молиме.

Превод од англиски јазик: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото