1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 02:59
Минатиот викенд во Сули Ан и во МКЦ во Скопје се одржа седмото издание на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ (на 26 август во Сули-ан и на 27 и 28 август во МКЦ). После двете пандемиски години во кои фестивалот немаше странски гости, годинава дојдоа петнаесетина писателки и писатели од регионот. А учествуваа, се разбира, и тресетина учесници од нашата земја.
Лауреатка на фестивалот беше Дубравка Угрешиќ, чии две нови книги на македонски беа промовирани: „Нарилник за вештерки“ и „Штефица Цвек во челустите на животот“. Румена Бужаровска, за фестивалот, направи видео интервју со добитничката на наградата, а за творештвото на Угрешиќ во Сули разговараа Мерима Омерагиќ (коавторката на „Нарилник за вештерки“) , Ирена Јовановиќ, Гоце Смилевски и Никола Гелевски. Образложението за наградата го прочита актерот Владимир Петровиќ.
После разговорот во Сули Ан концерт одржа Димитра Цилевска.
Вториот ден на сцената на платото на МКЦ беа одржани цела низа книжевни разговори: Сенка Мариќ со Калина Малеска, Маша Сеничиќ со Душица Лазова, Јана Букова со Душко Крстевски, Данило Лучиќ, Вита Требовац и Барбара Прегељ со Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска со Јана Бауер, Хелена де Карина и Ружица Марјановиќ...
Беше одржана дебата за фестивалската тема, НОВА ПИСМЕНОСТ. Во разговорот учествуваа Хелена де Карина, Ружица Марјановиќ, Барбара Прегељ, Урош Крчадинац и Никола Гелевски.
Беа одржани две изложби: „Бантустански мапи“ на Урош Крчадинац и „Суштества страшни со фризури и машни“, изложба на мали скулптури од отпад на Ненад Тонкин, која едновремено беше и фестивалска сценографија.
Урош Крчадинац одржа и две предавања: „За Бантустанските мапи“ и „Дигитална поетика“.
Се одржа и седмото издание на ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ, перформативниот книжевен натпревар со „едноминутни новели“, чии учесници беа Маша Сеничиќ, Данило Лучиќ, Јана Букова, Вита Требовац, Тања Аждаја, Ива Дамјановски, Милан Дамјаноски, Стефан Алиевиќ, Владо Манчевски и Живко Грозданоски. Водител беше Владимир Лукаш, а победничка Ива Дамјановски.
Беа одржани и две работилници за деца со Барбара Прегељ, Ненад Тонкин и Доротеј Нешовски: „Сетилна имагинативна лабораторија - цртање и моделирање ликови преку звук, мирис, допир, слика и збор“; и „Читање додека си играме? Поезијата на Ф. Гарсија Лорка како игра“.
Македонска премиера имаше документарниот филм „Дуга реса“ на Драган Протиќ.
Атмосферата на фестивалот беше пријателска и поттикнувачка, и меѓу учесниците и во публиката. Во разговорите со гостите заклучивме дека „Друга приказна“ и во регионот станува сè попрепознатлива и попривлечна. Седумте години искуство веројатно ја направија досега најзрелата „Друга приказна“.
Уредници на фестивалот се Никола Гелевски и Фросина Крушкаровска.
„Друга приказна“ годинава беше поддржана од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Во продолжение пренесуваме триесетина фотографии на Небојша Гелевски, од првата фестивалска вечер.