Путин и новата десница

05.09.2022 01:28
Путин и новата десница

Неодамнешната криза на северот од Косово изби и замре брзо, зашто никој не сакаше ескалација. Но ќе избие повторно, зашто Русија маневрира во балканската сенка за да ги поттикне тензиите кои и ја предизвикаа кризата. Тривијалните прекинувачи покажуваат колку е лесно од искра да се направи пожар.

Владата на Косово најави мерка со која од Србите на северот од Косово се бара да се пријават за локални регистарски таблички и со нив да ги заменат постоечките српски. Меѓутоа, Србите организираа протести (медиумите известија дека имало и истрели) и блокади на патиштата на два гранични премини, заради што косовските власти ја одложија мерката за еден месец.

Србија веќе долго има слично правило за косовските сопственици на регистарски таблички на својата територија, па Косово се обиде да го примени истиот стандард. Секако, проблемот е во тоа што Србија не го признава Косово како независна држава, иако го признаа САД и уште околу 100 други земји.

Тоа би била само уште една локална приказна, ако не е вмешана во геополитичката динамика која ја покрена руската агресија на Украина. Како што неодамна гласно размислуваше Владимир Ѓукановиќ, пратеник од владејачката Српска напредна партија, канализирајќи го руското образложение за инвазијата на Украина, Србија би можела „да биде принудена да тргне во денацификација на Балканот“. Изразот „принудена да тргне“ ја рефлектира фарсичната реплика на Кремљ дека агресијата на НАТО го испровоцирала да изврши инвазија на Украина.

Референцата на Ѓукановиќ за „Балканот“ ја следи истата логика како и Русија, која подразбира дека цела Европа, зафатена во вртлогот на самодеструктивната дегенерација (ЛГБТК+, истополови бракови, без јасни граници на родот итн.) на крајот ќе мора да биде „денацификувана“. Како што објаснува Александар Дугин, дворскиот филозоф на рускиот претседател Владимир Путин: „Ние се бориме против апсолутно зло, олицетворено во западната цивилизација, нејзината либерално-тоталитарна хегемонија, во украинскиот нацизам“.

Според овој нов конзервативизам, нацизмот, комунизмот и woke хедонизмот претставуваат нешто исто. Но ставањето на сите овие спротивности во иста вреќа е премногу дури и за нас, тврдокорните хегеловци. Тоа ја открива недоследноста на пропагандистите на Кремљ и проруската американска и европска алт-десница, која тврди дека ги отелотворува традиционалните христијански вредности, додека со зборови и дела го поддржува геноцидот и го велича сексуалното насилство.

Како водечки играч во оваа културна војна, Кремљ преку своите посредници интервенираше не само на Косово туку и во Босна, која ја предупреди да не помислува на членство во НАТО сојузот. За жал, западните левичари и пацифисти ја игнорираат геополитичката димензија на проектот за „денацификација“ на Путин. Како што неодамна се пожали Џереми Корбин, поранешниот лидер на британската Лабуристичка партија: „Испраќањето оружје во Украина нема да донесе решение, само ќе ја продолжи војната. Војната во Украина би можела да потрае со години“.

Оваа позиција подразбира дека западните влади едноставно треба да ја пуштат Русија да ја окупира Украина. Тоа е чуден „пацифизам“ кој ја притиска жртвата (да не смее да се брани премногу енергично) и нејзините следбеници (да не смеат премногу да ѝ помагаат на жртвата на агресорот), а не агресорот.

Западните „пацифисти“ бараат да го „де-демонизираме“ Путин. Порано или подоцна ќе мора да дојде до некакви преговори, па треба да го третираме како иден партнер. Впрочем, би требало да го направиме токму спротивното: нападот на Украина нè тера да го ре-демонизираме Путин, не лично туку како експонент на опасен геополитички идеолошки проект.

Има сè повеќе докази дека Русија се претвора во нешто радикално туѓо за жителите на денешните западни демократии, но добро познато на студентите по европска историја. Земете го неодамнешниот предлог на руската Либерално-демократска партија изразот „претседател“ да се замени со „правител“ („владејач“). Постоечкиот израз, тврдат од партијата, „секогаш нè посрамотуваше“ зашто за првпат е употребен во САД, а во остатокот од светот се прошири „многу подоцна“.

„Дегенерираноста“ на западот е главна идеолошка мета на новата десница, со нездрава фасцинација од авторитарните владејачи. Неодамна Кери Лејк, републиканска кандидатка за гувернерка на Аризона, изјави дека Доналд Трамп и републиканскиот гувернер на Флорида Рон Де Сантис имаат „големи мадиња“.

Тоа е нужна, а не случајна одлика на новата десница во одбрана на христијанството. За да привлечат доволно следбеници, нивните лидери мораат да им обезбедат добра забава („чист вишок уживање во однос на обичните задоволства“). Идеологијата која кај своите следбеници ги буди најлошите пориви може да мобилизира милиони луѓе.

Да земеме уште еден пример: дали руската „мировна воена интервенција“ во Украина не е како „легитимното силување“ кое американскиот конгресмен Тод Ејкин, тогашен републикански кандидат за сенатот од Мисури, го дефинираше во 2012 година? Според Ејкин, абортусот треба да се забрани зашто ако жената доживее „легитимно силување“ нејзиното тело некако ќе знае да не забремени.

Соочен со негативни реакции во јавноста, Ејкин се бранеше дека „погрешно се изразил“. Мислел дека постојат „легитимни случаи на силување“ на кои се повикува полицијата „кога врши истрага или нешто слично“. Но неговата основна порака остана иста: ако жената забремени после силување тогаш тоа е така зашто таа тајно го сакала тоа, зашто во спротивно реакцијата на „стресот“ на нејзиното тело би го спречила тоа.

Речито е тоа што Путин на ист начин зборува за Украина. На конференцијата за новинари од 7 февруари ги исмеваше забелешките на украинската влада на договорите од Минск и додаде: „Ти се допаѓало тоа или не, тоа ти е должност убавице“. Сексуалните конотации на оваа изјава се добро познати во Русија и Украина преку песната „Заспаната убавица во ковчегот“, на панк рок групата Красная плесень / Црвена мувла од советската доба: „Спит красавица в гробу, Я подкрался и ебу. Нравится – не нравится, Спи, моя красавица. Заспана убавица во ковчег, се прикрадов и ја ебев. Ти се допаѓало тоа или не, сега спиј убавице моја“. Од тоа следи дека силувањето на некоја земја понекогаш е оправдано. Жртвата го барала тоа. Како и кај силувањето, она што ја мотивира новата десница не е љубовта туку желбата за доминација.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Kevin Siers

Извор: https://www.project-syndicate.org/

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото