Рољата на индивидуалецот како ко-автор на просторот

05.09.2022 13:50
Artist Talk со Брук Ендрју и Иман Иса во МСУ

Христина Иваноска и Јане Чаловски го конфронтираат заробениот концепт на времето и просторот, на идеологиите и утопиите создавјќи млечен пат во светот на мисловното кое се остварува преку визуелното. Отворената форма е врамена...

Иваноска и Чаловски воспоставуваат концептуална платформа која директно проникнува во повеќезначното тело на општествените дијаграми. Нивната платформа се појавува во улога на иницијативно, интервентно, но и симболичко, интердисциплинарно и активистичко дејствување во општеството, политиката, културата и уметноста. Нивната концептуална и естетизирана политичност ја креира платформа за параинституционалните можности во културата и уметноста. Движејќи се низ официјалниот изложбен простор имате ретка можност да создадете паралелна тракторија во која знаците покрај патот ви ја мапираат алтернативата за индивидуалниот но и заденичкиот општествен, политички и уметнички простор. Со посебноста и атипичноста на нивната концептуална и апстрактна, во духот на Де Стиљ движењата платформа, воспоставуваат темелити рефернци врз кои може да се обмислува менувањето на критичките пилари во културата и општеството.

Тие, едноставно бараат иницијативно, интердисциплинарно, интервентно и интерактивно однесување и учество во сопственото дело а со самото тоа и во поширокиот општествен и културен контекст. Предлошката на оваа платформа е дека учеството во општественото и уметничкото промислување бара од секој поединечно, а најмногу од уметникот, длабоко проникнување во идеализираните, апстрактни концепти и теории за општеството, културата и уметноста.

Станува збор за исцртување траекторија низ зададениот простор која не ви ги нуди директно решенијата за промените туку ве води низ мноштвото облици, афекти и можности кои создаваат јазичен симболички систем кој си поигрува со теоријата на прикажување и со когнитивната естетика.

Аналитичка уметност – сите елементи се концептуално, лингвистички и семиотички поврзани во еден систем кој јасно е дека е формална последица на одредена уметнилка и теориска референца, но кој исчекорува од таа референца создавајќи нова.

Аналогии

Субверзијата на Иваноска и Чаловски во институционалната врамнеост на уметноста е во тоа што тие создаваат аномалија во вообичаениот, очекуваниот конформизам на очекуваното уметничко искуство. Создаваат нешто што отстапува.

Воспоставуваат потенцијална можност за нови политички, егзистенцијални, просторни читања преку прецизната на отворена уметничка форма. За Чаловски и Иваноска уметноста како „чин“, односно како „настан“ овозможува во едно поединечно тело (кое подлежи на еден заеднички именуван тематски блок), да се одигрува соочување на неогарничен број на локални и универзални искуства и знаења. И можеби тоа е нивната најкомплексна и највтемелувачка уметничка арматура – преку длабокото чувствување на локалната и поединечната практика да се произведат универзални концепти, односи. Поединечното е извор на универзалното и повеќезначното.

Уметничките алатки се фрагментирани целовитости кои се вклопуваат едни во други како сложувалка затоа што нивните рабови се комплементарни. Заеднички одѕвонуваат, а утопијата која ги создава е можна, не изделена, но отворена целина.

Како да лебдите низ космосот кој е полн со поединечни небесни тела, а кои во сета флотирачка поединечност создаваат отворена и динамична целина. Нивното дело е парадигма/потврда за тоа дека уметничката практика не е „откорвение“ и епифанија, туку дека е производна пракса, низ која се конструираат преплетувајќи се во нишките на различните искуства и знаења, реакции и интеракции, консензуси и дисензуси, согласувања и конфронтации.

Зошто уметноста на Иваноска и Чаловски конфронтира?!

Нивното дело едноставно го дематеријализира уметничкиот објект на еден контрадикторен начин – преку јасно обликуваната форма, архитектонски прецизираниот визуелен гест, геометризмите и страствено но лирски омеѓените објекти (Чаловски) до страствените, идеолошки вознемирувачки и визуелно и јазично директни „ткаења“ во уметничкото и политичкото (Иваноска) пред нас се раѓа еден флуктуирачки процес, кој е во постојано настанување/постанување/becoming. Кај нив не се крајниот резултат уметничките предмети во традиционаланата смисла. Тие се само поддршка за целокупната визуелна, лингвистичка, семиотичка концепција.

Интердисциплинарност и обид да се променат примарните дефиниции изведени од историјата на уметноста врз другите дисциплини. Аналитичка уметност.

Создаваат нова свест за убавото која го одразува духот на времето (празнина, флотирање низ празнината и тишината – нивното дело е тивко) и средставата на изразување. Ги обединуваат архитектурата, дизајнот, типографијата. Деконструиран Де Стиљ. Поетичките аспекти на Иваноска и Чалоски поаѓаат од универзалното усогласување на спротивностите, за да се реализираат во теоријата на формата, обликувањето, но и во утописката општествена промена. Концепцијата е изведена од синергијата на сликарството, скулптурата и архитектурата. Тие го додаваат и перформансот, но низ употребата на јазичната перформативност.

Важноста на архитектурата е фундаментална во оваа синфонија заради идејата за обликување на просторот како безгранично отворена форма.

Говор за уметноста преку уметноста. Тие се во дијалог со референците на уметноста но и со светот. Предизвикуваат.

Просторот не е средина во која се распоредени објектите туку средство со кое се воспоставува нова граматика и синтакса на понудениот нов наратив. Просторот е можност за постојано ревоспоставување и архивирање на односите во мислењето, помеѓу објектите, помеѓу случувањата.

Ризом е клопче, просторна мрежа, мноштво точки кои се во меѓусебни односи. Сѐ може да се поврзе, без логична последователност. Ѝ се опираат на нормата на логиката иако делува се толку чисто. Тие во бескрајно исчистениот простор создаваат мисловен неред кој предизвикува. Нештата не можат да се спојат во ново единство туку можат секогаш одново да се доведуваат во сложени меѓуодноси.

Отворено дело е она кое го довршува набљудувачот со чинот на рецепција. И во тој контекст, создавајќи отворено дело, Иваноска и Чаловски се храбри и нѐ конфронтираат со можната „смрт на авторот“, при тоа повикувајќи нѐ на одговорност во процесот на конституирањето на нивното дело кој е отворен и кој трае додека трае неговата поставеност, а и потоа. Јасно е дека тие нѐ вовлекуваат во процесот во кој нивното дело не е наметнат концепт врз рецепиенот, не е само концепт кој потекнува од авторот, туку потекнува од односите на „текстови“ кои имаат безброј реализациии низ чинот на рецепција. Производот е помалку важен од процесот на неговото создавање, а тоа значи дека клучен за рецепцијата на делото е општествениот простор во кој тоа настанува. Текстовите на културата го обликуваат во динамична и отворена форма делото. Отвореното дело му создава уверување на набљудувачот дека светот во кој тој набљудува или го чита делото не е некој стекнат ред кој му гарантира конечни решенија, туку тоа е свет во кој тој е одговорен соучесник што мора да се движи кон хипотетитички и променливи решенија, во непрестаната негација на постоечкото и во давање нови предлози. Отвореното дело има позитивна вредност која е надвор од чистото естетско искуство. Поетиката на отвореното дело тежнее кон унапредување на свеста за слободата кај интерпертаторот и набљудувачот и нејзино поставување во центарот на мрежата на односи. Делото е отворено и динамично зашто е отворено кон интерпретации и творечки надополнувања, воведувајќи ги интерпетаторот и набљудувачот во игра на органската виталност на уметноста.

Нивното дело е како оние поетски белини на Стефан Маларме кои претставуваат прецизна структура која има нужно процеп, отвор кон игривите можности за поврзување со други структури. Нивното дело е јасно позиционирано како фрагмент од обемните значења на сеопфатната култура. Нивното движење е во бесконечноста на односите и политиките на преиспитување.

Употребата на формата е важен аспект во практикувањето на демократскиот живот. Преку формата се поединецот посредува во политичкиот живот. Нивното дело лирско но и брутално место на будење сомнежи во однос на невистините на општеството, во однос на оние несотварени и лажни ветувања. Нивното дело е општествена критика.

Обидувајќи се да ја исцртаме картографијата на заедничкиот свет, мораме да пропатуваме низ мноштвото пракси кои ќе го мапираат заедничкото преку детерминираните форми на видливите феномени, моделите на идентификација на настаните и случувањата и нивната поврзаност. На тој начин се обидуваме да ги откриеме начините на кои субјектите го „населуваат“ заедничкиот свет, коегзистирајќи или исклучувајќи се, разбирајќи го или менувајќи го. Овој сет на релации помеѓу мислењето, гледањето, постоењето и дејствувањето, Рансиер го нарекува „дистрибуција на сензибилното“, кој го детриминира заедничкиот свет и начините на кои субјектите учествуваат во него.

Времето и темпоралноста играат клучна улога во дистрибуцијата на сензибилното. Наративот на времето ја дефинира тамката на искуството на светот кое го делиме заемно. Тоа е она искуство во кое сегашноста зависи од минатото или се отцепува од него, забранувајќи ја или дозволувајќи ја, на тој начин, ваквата или онаква иднина.

Артикулацијата помеѓу можностите и капацитетите е фикција која е во суштината на дистрибуцијата на сензибилното. Но фикцијата не му припаѓа на имагинарниот свет. Фикцијата е конструкт на една рамка во која субјектите, предметите, нештата и ситуациите можат да бидат восприемени како коегзистирачки и поврзани на начин кој има смисла. Фикцијата е онаа турбина која се вклучува секогаш кога мора да биде произведена реалноста. Токму затоа политиката и општествените науки ја ползуваат фикцијата исто како и книжевноста и филмот.

Поетиката, според Аристотел, не е вештина на создавање на зборот, туку е вештина на создавање фикција, односно структура на последично рационално поврзани случувања во целина. Не е поентата да се каже како случувањата настануваат туку како тие можат да се случат.

Уметничката револуција не може да биде едноставно револуција во уметничките практики, бидејќи уметноста не постои по себе и за себе. (Рансиер) Уметноста постои исклучиво во одреден режим на идентификации кои им дозволуваат на објектите или перформативите да бидат перцепирани како припаѓање на единствено искуство. Не станува збор за само за рецепција на уметничките дела туку за цела фабрика од искуства во рамки на кои тие се прозиведени.

Во метафизичкиот авторитаризам во кој постоиме постои битка помеѓу нихилизмот и емнаципацијата. Помеѓу политичкото, демократското, идеолошкото и уметничкото. Демократизација на објектот во јавниот простор.

Во традиционалната музејска институција се создава утопијата за еманципираниот демократски важен простор, бидејќи јавниот простор е музеализиран, тој не е алтернатива за слобода.

Визуелни општетсвени алатки

Нешто се случува и тоа нешто се случува независно од авторот и набљудувачот, туку поврзано со самиот контекст на настанување. Дејството кое приказната на Чаловски и Иваноска ја произведува остава трага без оглед на толкувањето. Тоа е налик на насмевката на една хеленска скулптура – насмевката останува насмевка и делува како насмевка без оглед на тоа што не ги знаеме нејзините психолошки и општествени значења.

Денес ретко можете да го констатирате присуството на авантурата на телото кое дејствува изложено на интелектуално шифрирање и дешифрирање на јавните, тајните, општетсвените, уметничките или кои било други значења. Сета обезначеност, повторливост во секојдневните перформативи, создава отсечки кои се движат паралелно, не пресекувајќи се во ниту една точка која може да ја одредиме како заедничка. Сами, флотирачки точки кои не можат да се поврзат и да се интегираат ниту во својот простор ниту во просторот на другиот. Чаловски и Иваноска ни нудат поетика на афектација, интензитет. Нивните објекти, нивниот јазик е афективен, а тоа е спротивно на сентиментален и на поттикнувачки за оние очекувани аспекти кои ги нуди контактот со уметничкото дело. Афектацијата е дејствителноста, интензитетот на делото преку кој вие не станувате само набљудувач врз кој тоа има влијание, туку содејствувач. Афектациите се резултатите, влијанија на организацијата на траењето и вмрежувањето на интензитетите.

Влегувате во еден свет каде што не постојат хиерархии во однос на темите, жанровите и формите на изразување, и покрај многубројните референци. Бесконечна отвореност и бришење на границите. Повикуваат на егалитарност помеѓу авторот и светот, помеѓу авторот и набљудувачот.

„Естетската држава“ на Иваноска и Чаловски во својот устав ја укинува пасивната сетилност и инсистира на афектации и активно учество во авторството кое ќе ги надополни уметничките форми со политичкото искуство на секој еден кој ќе стане дел од таа форма. Автономијата на естетското се конституира преку еманципирање на авторите и набљудувачите во коегзистенција и динамичност која го отвора делото кон светот, која го одредува неговото постоење како орган во машината на политичкото читање на човештвото.

Зборот средба е суштинска одредница за Прологот со кој нѐ воведуваат Иваноска и Чаловски во светот. Средба со димензиите на ризикот, со димензиите на побуната, со димензиите на логиката, со димензиите на универзалното. Всушност, станува збор за средба со поривот на побуна. Но оваа побуна е рафинирана, лирска. Таа ги поместува границите на зададените рамки и институционални, и уметнички и политички.

Животот е една голема школа на потчинување. Но субјектот не може да опстои во тој потчинувачки магепсан круг. Бидејќи субјектот се раѓа од непресметливата средба со едно можно, за кое не се знае, со кое се врзува единствено постанувањето субјект.

Уметнички инсталации: Христина Иваноска, Јане Чаловски