Како да се избориме за детскиот живот?

06.09.2022 14:05
Како да се избориме за детскиот живот?

 „Сакаше да се убиеш...?“, ја прашав утредента, по обидот да си го одземе животот. Трет, во нејзините 15 години.
„Не САКАВ, туку ПРОБАВ“, ме поправи таа.
„Во што е разликата, можеш ли да ми објасниш?“
„Кога САКАШ, размислуваш повеќе, за другите околу себе, за мајка ми и татко ми, за тоа како ќе жалат и ќе бидат несреќни, ќе се прашуваат „каде згрешивме“ можеби до крајот на животот... Кога ПРОБАШ не размислуваш веќе, не ти е важно што оставаш зад себе, знаеш дека сите многу бргу ќе те прежалат. Четиресет дена и толку, ќе си го продолжат животот како никогаш да не си се родил/а. И не ти е гајле веќе, само гледаш да престане болката.“

Оваа толку прецизна дистинкција помеѓу сакам и пробам, на девојче што страда, и не гледа друг излез за својот проблем, некои деца нема да стасаат да ја направат. Затоа што ќе успеат во првиот обид. А и тие размислувале и сакале, кој знае колку долго, пред да го направат пресудниот чекор.


Во Северна Македонија веќе 20 години, на секои четири години се спроведува меѓународна студија (ХБСЦМ) за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на 11, 13 и 15 години. Се задава на национален примерок од 5500 ученици во училишни услови и во соработка со надлежните министерства и училиштата. Согласност за учество во истражувањето се бара и од родителите и од секој ученик од примерокот. Учеството е анонимно и се одвива во безбедна и поддржувачка атмосфера и децата се среќни што учествуваат во него.

Речиси сите релевантни теми од животот на децата и нивното здравје, добросостојба и права, се предмет на ова истражување. Меѓу нив се и теми поврзани со менталното и сексуалното здравје.

Резултатите од 2018 година, покажуваат загрижувачки тренд на пораст на повеќе индикатори на менталното здравје кај младите од 11 до 15 години. Со возраста се повеќе млади страдаат од голем број психосоматски тегоби, почесто од еднаш неделно, меѓу кои: болки во главата, болки во стомакот, нерасположенија, вознемиреност, избувливост, несоници... Притоа девојчињата повеќе и поотворено ги изразуваат своите тешкотии од момчињата (табела 12). Секое второ девојче во Македонија, на 15 години, ги почувствувало овие симптоми, повеќе пати неделно, во изминатите шест месеци. Во 2022 година, како последица од ковид кризата, се очекува овие показатели да бидат уште повисоки.

Според истата евиденција, чувството на тага и безнадежност, речиси секој ден, во текот на две недели, се присутни веќе на 11 години (М=10% ; Ж=12%), за да кај 15 -годишните ученици, тоа биде случај со секое второ девојче и секое трето момче во Македонија (табела 12) независно на која етничка заедница и припаѓаат. Менталното здравје нема етнички предзнак.

Но затоа, има силна поврзаност со културата, која традиционално и жестоко продолжува да наметнува улоги и вредности, за тоа кој/а е, и што треба да биде, што му прилега на машкото, наспроти женското дете. Момчињата не смеат да се жалат и да покажуваат емоции, читаме меѓу редовите на овие наоди. Тие треба „машки“ да возвратат на секој удар, наместо да покажат слабост, е пораката што ја добиваат од мали. За разлика од нив, од девојчињата се очекува да бидат немоќни и нежни, па затоа нивните поплаки проаѓаат толку лесно, не се осудуваат. Но, затоа и никој не ги зема сериозно нивните емотивни „преувеличувања“... И едните и другите всушност, страдаат подеднакво и безизлезно, само на родово специфичен начин.

Светските статистики, за жал го потврдуваат истото, многу почести се обидите меѓу девојчињата /жените/ да посегнат по својот живот, но затоа многу поуспешни се момчињата/мажите/ во тоа. Цврстина, снага и храброст мора да покаже дури и момче што се збогува со животот, за да не разочара, или затоа што разочарал.

Како и каде да се почне со намалување на ризиците со кои се соочуваат младите? Има ли место и начин, да се превенира загубата на млад живот? Можеме ли да ја разбереме таквата одлука, за да помогнеме? Одговорот на ова прашање не е лесен, но мора да почнеме да го бараме на друго место, со прашања упатени кон себе, не кон другите.

Колку им веруваме на младите, и кои се нашите очекувања од нив за тоа кои се, и какви треба да бидат? За потоа да можеме и да ги прашаме, што е тоа што им треба за да бидат свои, што и да значи тоа? И да ги слушнеме, за да им го овозможиме тоа, со целото наше искуство, моќ и знаење на возрасен, но и со нивно полно учество и водство... Тие да водат, а ние да ги следиме. Долг и напорен е тој пат. Но, е некаква гаранција дека децата, и после сѐ, ќе бидат ОК.

Препреките на тој пат не се мали, а често изгледаат и непремостиви. Ги препознаваме во „бранителите“ на ткн. традиционални вредности. Нивниот фанатизам да ги задржат младите во свој посед, да ги одвојат од информациите од витално значење, и да го спречат нивното активно учество во својот живот, а во името на грижата и заштитата, ги почувствувавме во текот на реализација на Студијата, која и покрај традицијата на најдолго истражување во Македонија, се најде на нивниот моралистички пат. Се организираа да ја попречат и запрат со недоветни приказни за прашалникот, и за прашањата за кои тврдеа дека не се соодветни за децата, дека ги наведуваат на ужасни работи, меѓу кои беше и прашањето - Дали некогаш си помислил/а на самоубиство... ?

Безобзирно и лажно излегоа во името на „сите“ грижливи родители, ги нападнаа школите, ги јавнаа социјалните мрежи и медиумите, стасаа да го вознемират дури и Министерот, и не дека не успеаја во својот поход. Дури осум проценти од родителите (учениците) и по некое училиште, одбија учество во студијата, под нивни притисок и влијание. Тоа се околу 500 ученици од примерокот, чиј глас нема да се слушне, овој пат.

А токму гласот на децата е она што го вреднуваме како единствен патоказ за тоа „што и како“ им треба. Тој ни покажува каде сме, и колку сме успешни во поддршката и заштитата на младите во нивниот развој, полн со предизвици и ризици. Во спротивно, заглавуваме во обвинувања и напади во празно, по секоја трагедија. Посочуваме со прст, неселективно и непродуктивно кон сите наставници, и сите родители, само колку да кажеме нешто, и за божем да ни биде полесно. Додека тонеме во незнаење, предрасуди и болни конструкции.

Она за што единствено имаме потреба е информирано (за менталното здравје) општество, училиште, родители, млади... И сознанието дека сите ние имаме потреба од помош и поддршка за темите што нѐ вознемируваат. Тоа се теми за кои ретко и тешко се зборува. Со кои не знаеме „како“. Пред наши очи тие теми се злоупотребуваат, по трагични поводи, и за најразлични цели. И не правиме ништо.

Затоа, сите што навистина сме загрижени, и сакаме подобри услови за младите да растат здраво и безбедно, треба да се најдеме на истата страна. Да бидеме заедно против оние што ги држат децата и заедницата заробени во незнаење, што манипулираат со стравови и вина, што го попречуваат детскиот глас да биде слушнат, и уважен. Тие се опасноста.

Сѐ додека се повлекуваме и оставаме простор, тие ќе напредуваат. Решението е во одлучно и аргументирано спротиставување - со податоци, искуства и сознанија до кои доаѓаме низ истражувања и позитивни практики, кои силно сведочат за детските потреби и права. Друго нема.

Слики: Ati Forberg

Слични содржини

Општество / Психологија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Став
Општество / Психологија / Наука
Општество / Балкан / Психологија

ОкоБоли главаВицФото