Како да се уреди пазарот на електрична енергија

07.09.2022 02:23
Како да се уреди пазарот на електрична енергија

Пропелерите на електричните турбини на планинскиот гребен кој се гледа од мојот прозорец денес се вртат невообичаено брзо. Синоќешната бура помина, но ветерот сè уште е силен, што во мрежата внесува дополнителни киловати електрична енергија практично без дополнително вложување (или маргинален трошок, би рекле економистите). Меѓутоа, луѓето кои во сегашната криза веќе едвај врзуваат крај со крај ќе мораат да ги платат овие киловати по истата цена како да се произведени со согорување на најскапиот течен гас донесен од Тексас. Овој апсурд, кој не е ограничен само на Грција и Европа, веќе не може да се толерира.

Апсурдот произлегува од заблудата дека државите можат успешно да управуваат со симулацијата на компетитивен и ефикасен пазар на електрична енергија каков што имаме сега. Бидејќи до нашите домови и претпријатија вообичаено доаѓа само еден електричен кабел, препуштањето на регулацијата на трговијата со енергија исклучиво со закони на пазарите би создало совршен монопол - што е исход кој никој не го посакува. Но државите поверуваа дека со своите политики можат да симулираат функционирање на компетитивен пазар и така да ги заменат јавните компании кои некогаш произведуваа и дистрибуираа енергија. Што е заблуда.

Енергетскиот сектор во Европската унија е одлична ислустрација за последиците од примената на пазарниот фундаментализам на организацијата на електричните мрежи ширум светот. Европската унија ги обврза членките електродистрибутивната мрежа да ја одвојат од погоните за производство на електрична енергија. Потоа ги обврза да ги приватизираат електраните и да им го предадат управувањето на компании кои во пазарниот натпревар ќе нудат електрична енергија на нова компанија која сега станала сопственик на електродистрибутивната мрежа. Од друга страна, таа компанија ќе ги нуди своите инсталации под закуп на компании кои на големо купуваат електрична енергија од произведувачите и во пазарниот натпревар се натпреваруваат за договори за испорака до домаќинствата и претпријатијата. Се очекуваше дека конкуренцијата помеѓу произведувачите ќе ја држи под контрола големопродажната цена, додека конкуренцијата помеѓу малопродажните компании ќе обезбеди ниска цена и висок квалитет за услугите за крајните потрошувачи.

За жал, ништо од тоа не функционира ни во теоријата, а камоли во праксата.

Таквиот обид за симулација на пазари го оптоваруваат две контрадикторни барања: од една страна треба да се обезбеди мрежата во секој момент да располага со неопходен минимум енергија; од друга страна, инвестициите во енергетскиот сектор треба некако да се насочат кон зелената енергија. Решението кое го предложија пазарните фундаменталисти се темели на два столба: тоа се нов пазар на квоти за емисии на штетни гасови и формирање цени со вклучување на маргиналниот трошок, што значи дека големопродажната цена на секој киловат мора да одговори на цената на најскапо произведениот киловат.

Пазарот на квотите требаше да ги мотивира произведувачите да преминат на горива кои помалку ја загадуваат околината. За разлика од фиксниот износ на данокот, цената за емитување еден тон јаглерод диоксид зависи од понудата и побарувачката на пазарот на квоти. Во теорија, колку повеќе индустријата ќе ги користи непожелните горива, како што е лигнитот, толку побарувачката за квоти би била поголема, па цената би растела и така би го поттикнувала преминот на природен гас и обновливи извори на енергија.

Вклучувањето на маргиналниот трошок во цената требаше да обезбеди минимално ниво на снабдување во секој момент. Така би се спречило произведувачите со ниска производствена цена да ги загрозат произведувачите со повисоки трошоци. Така утврдената цена на произведувачите со ниски производствени цени им обезбедува доволно профит и мотив за премин на поевтини извори на енергија, оние кои загадуваат помалку.

За да сфатиме што сакале да постигнат законодавците, како пример ќе земеме една хидроелектрана и една термоелектрана. Фиксниот трошок за изградба на хидроелектрана е огромен, но маргиналниот трошок е еднаков на нула: кога водата ќе ги покрене турбините, секој следен произведен киловат не бара никаков дополнителен трошок за произведениот киловат.

Со поврзувањето на цената на киловатот произведен во хидроелектрана со маргиналниот трошок произведен со користење лигнит, Европската унија сакаше компаниите кои градат хидроелектрани дополнително да ги награди со високи профити. Тоа требаше да поттикне инвестиции во дополнителни капацитети за производство на енергија од обновливи извори, или барем законодавците се надеваа на тоа. Од друга страна, профитите на термоелектраните се значително пониски и продолжуваат да опаѓаат заради маргиналниот трошок и растечките цени на квотите.

Но реалноста не се грижи за теоријата. Со раскинување на глобалните ланци на снабдување за време на пандемијата, цената на природниот гас почна да расте уште пред Русија да ја нападне Украина. Се покажа дека лигнитот, како гориво кое загадува најмногу, сепак не е најскап, што поттикна нови долгорочни инвестиции во фосилни горива и инфраструктура за течен гас. Од друга страна, формирањето на цената со вклучување на маргиналниот трошок на енергетските компании им овозможи да извлечат многу повеќе пари од крајните потрошувачи, бесни заради фактот дека плаќаат цена која заправо е повисока од просечната цена за производство на електрична енергија. Очекувано, бидејќи од пропелерите кои им се вртат над главите и им го расипуваат погледот не видоа никаква корист - било за себеси или животната средина - потрошувачите се завртеа против ветропарковите.

Растот на цената на природниот гас ги разоткри сите ендемски проблеми кои се јавуваат кога обидот за симулација на пазарот ќе се примени на природниот монопол. Видовме сè: дека произведувачите со леснотија договараат и ги местат големопродажните цени. Дека режимот на симулиран пазар ги оневозможува заедничките набавки кои би ги намалиле енергетските трошоци на сиромашните земји. Дека малопродажниот пазар се претвора во казино во кое енергетските компании се обложуваат на идните цени на енергијата, извлекувајќи профит кога им оди добро и потпирајќи се на државна помош кога ќе го изгубат облогот.

Време е да се откажеме од оваа симулација. Наместо тоа, потребни ни се јавни енергетски мрежи во кои цената на енергијата ќе одговара на просечниот трошок за производство со извесна добивка. Потребно ни е оданочување на емисијата на јаглеродот, со користење на приливот за да им се помогне на најсиромашните. Потребни ни се инвестиции во зелена технологија за иднината во рангот на проектот Менхетен (користење водород, големи плутачки ветропаркови на море). Најпосле, потребни ни се локални мрежи во сопственост на локалните заедници изградени на веќе постоечките обновливи извори (соларни ќелии, турбини и батерии) во кои локалната заедница ќе биде сопственик, управник и корисник.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Vanessa Santiago

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото